Достапни линкови

Колку „се рецка“ литературниот македонски јазик во училиштата?


Илустрација - средношколки
Илустрација - средношколки

За дел од новите генерации 'кул' е некој македонски збор да се замени со негов превод на англиски среде реченица, сведочат младите. Проблемот со недостаток на зборови најмногу се забележува кога учениците одговараат усно, забележува професорката по македонски јазик, Татјана Алексиќ.

„Се кажува 'рецни ме' или 'не ме рецка', на пример, ако некој не отвора порака“, ни посочи средношколката Софија С., за фразите кои ги користат нејзините врсници во секојдневната комуникација.

Кога оваа ученичка во „Орце Николов“ пишува порака, писмена работа или одговара на час, како што вели, гледа да се држи строго до литературниот македонски јазик. Но, забележува дека тоа не го прават многу од пријателите.

„Тоа е така поради она како сме биле учени во основно, какви навики сме стекнале тогаш и каков пристап сме имале од професорите тогаш за да пишуваме и да се изразуваме литературно. Ова игра голема улога во тоа колку сега жаргонски си зборуваме и пишуваме или дали на часот по македонски и на одмор и на други часови се изразуваме литературно“, изјави Софија.

Менувањето на македонски зборови со англиски среде реченица е честа ситуација меѓу младите, забележува таа.

“Многу е тенка линијата, дури скоро и невидлива за тоа дали некој тоа го прави, онака, за да се чувствува 'кул' или навистина не му текнува македонскиот збор во моментот. Некои мои пријатели го користат зборчето бидејќи 'покул' им звучи на анлиски“, додаде средношколата од „Орце Николов“

Мајчин јазик на средношколката Анастасија Д. од гимназијата „Никола Карев“ е српскиот. Така разговара дома, но кога е на училиште, вели, секогаш се труди да зборува чист македонски. И таа се согласува дека многу од врсниците често користат англиски зборови за да звучат 'кул' пред другите.

„Мислам дека употребуваме англизми затоа што не сме толку начитани на македонски. Сепак на сите социјални мрежи и повеќето објави што ги читаме се на англиски и нас ни е врежано тоа така, во главите“, вели Анастасија.

Што забележуваат професорите?

Дека читањето книги на македонски генерално не им е силна страна на нашите средношколци забележува и професорката по македонски јазик во гимназијата „Корчагин“, Татјана Алексиќ.

„Забележуваме ние наставниците, кога прегледуваме, дека недостасува читање. Недостасува таа размена на комуникација, прочитана книга, па интерпретација на книгата. Компјутерите си направија свое“, вели Алексиќ.

Иако, како што вели таа, во гимназијата Корчагин во принцип се запишуваат деца со одличен успех, очигледно е дека нивната концентрација за пишување есеси со години опаѓа. Ова се забележува особено на почетокот, во прва година.

„Може да се најде по нешто и од сленговскиот јазик, англонизми, меѓутоа не толку често. Најчести грешки се, да речеме, слеано пишување на сѐ уште, скратениците... Веќе никој не префрлува збор во другиот ред. Со компјутеризацијата навикнати се до крај на маргината, па нема ни што да го делат зборот за да се забележи. Имаат предолги реченици, без интерпункциски знаци, па и грешки во употреба на голема и мала буква. Сѐ почестата интернет комуникација ја одзема таа вештина да се напише една реченица добро од почеток до крај, да е синтаксички исправна, правописно, граматички“, додава професорката.

Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата Корчагин
Татјана Алексиќ, професорка по македонски јазик во гимназијата Корчагин

Проблемот повеќе се забележува кога одговараат усно.

„Им недостасуваат зборови, прават паузи со звуци, велат: 'како беше?'. Па не му текнува зборот. Значи има недостаток. Таа пракса стана нус појава на нечитањето. Кога не се чита, не може ни да се зборува, ни да се пишува“, заклучува професорката.

Кое е решението?

Читањето и посетувањето на културни настани може многу да помогне за оваа слика да се подобри, посочува Алексиќ.

„Да се чита! Ако се читаат книги, ако се читаат дела, може да се научни, не мора да е само белетристика. Ако се следат театарски претстави, филмски изведби, ако се следи културата во сите можни полиња, само по себе ќе си дојде на свое. Децата кои читале книги, деца на кои им се раскажувале приказни кога биле мали, додека растеле, сосема поинаква интерпретација имаат“, вели таа.

Таа потенцираше и дека медиумските бардови, како на пример, Бранка Станковска, порано многу повеќе внимавале и ги научиле своите следбеници како правилно да зборуваат и да говорат. Вели, денес можеме од одредени новинари да го слушнеме тоа, меѓутоа сѐ поретко, па апелира да се внимава што повеќе.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG