Достапни линкови

Изместени вредности за полуписмени граѓани


Илустративна фотографија
Илустративна фотографија

Државата мора да се загрижи зошто дел од населението е без образование и зошто законите не се применуваат. Според дел од професорите со кои разговараше РСЕ, потребна е долгорочна стратегија која ќе биде надпартиска и нема да се менува со секој нов министер или партија на власт.

Последните податоците од Заводот за статистика покажаа 1.2 отсто од населението во земјава над 15 години се неписмени лица.

Тоа се скоро 19 000 граѓани. Една четвртина од македонските граѓани има само основно школо.

Ваквите статистики не се одраз само на катастрофалните состојби во образованието, туку и на тоа што законите не се применуваат, а институциите потфрлаат во вршењето на својата работа, велат дел од соговорниците на РСЕ.

Според универзитетскиот професор Ратко Дуев, решавањето на овие проблеми мора да биде приоритет.

Тој смета дека државата мора да одговори како овие лица останале без образование кое по закон е задолжително, но и што прават центрите за социјална заштита.

Додава дека токму овие статистики треба да бидат појдовна точка во креирањето на идните образовни политики.

„Државата мора да се загрижи за причините – зошто овие лица останале без образование, зошто некој не го почитувал законот, да остане со основно, без разлика на националност или религија. Значи законот мора да важи, така што се додека не се почитува законот во целост, ќе имаме вакви бројки. Во ситуации кога имаме и големи миграции, одлив на мозоци, ние мора да се грижиме за она што е најважно за една држава, а тоа е човечкиот ресурс“, вели универзитетскиот професор и декан на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев.

Податоците од пописот покажуваат и дека од неписмените граѓани кои се на возраст од над 15 години, тројно повеќе се жени.

Истовремено, 4,1 отсто или 62.129 лица се со незавршено основно образование, 27,8 проценти имаат само основно, а најголем процент односно 44,1 отсто се со средно образование.

Според поранешниот заменик министер за образование, професор Петар Атанасов, ваквите состојби се одраз и на целокупните изместени вредности во македонското општество, но и неспособноста на политичките партии на власт кои наместо образованието ги ставаат партиските интереси во преден план.


„Јас често знам да кажам, полуписмени луѓе кои преку политичка партија дошле до извонредни височини и ќе направат се за да се задржат таму. Ние имаме три мали, тоталитарни, комунистички, бирократизирани и со многу корупција политички партии, кои веќе 20 години ни ја одредуваат судбината, а граѓаните се сè помалку задоволни. Од друга страна сме сведоци дека многу работи во општеството не чинат. Воопшто како држава, општество или народ ние не знаеме каде одиме, нашите чувства денес како граѓани се соочени со порази, со кризи економски, финансиски, тука беше и пандемијата, една сеопшта слика на едно заболено општество, а овие бројки што ги слушаме со меѓународните тестирања, со падот на рејтингот на државните универзитети, а еве денеска и со некои сегменти на општеството, значи дека во оваа држава институциите не си ја вршат работата “, вели професорот Атанасов.

Образованието во канџите на политиката

Во изминативе триесет години низа реформи беа спроведени во образованието.

Но, според професорите токму тоа е дел од проблемот, што државата нема јасна стратегија, којашто нема да зависи од тоа која политичка партија е на власт.

Деканот Дуев укажува дека нема континуитет на реформите, а само за време на неговиот мандат од осум години се смениле неколку министри за образование.

Реагира и на напуштањето на стариот систем на образование, за кој смета дека е напуштен на сметка на „експерименти“.

Оттука заклучува дека е неопходна надпартиска стратегија за македонското образование.

„Треба да се направи стратегија надпартиска, да се соберат сите учесници во образованието и да се направи стратегија во која што ќе се дадат приоритети во наредните 20 години, ќе се избере модул или ќе се ремоделираат сите досегашни стратегии, за да направиме систем којшто ќе биде независен од дневната политика или без разлика кој ќе биде на власт или кој ќе биде министер и тука нема да има менување. Дополнително, да се тргне од бројките од Заводот за статистика, бидејќи ние не можеме да прифаќаме туѓи модели без да ја погледнеме нашата реалност“, вели професорот Дуев.

Проблем е и генералното незадоволство од условите за работа кај наставниците и професорите, кое изминатиов период резултираше со низа протести и штрајкови, на кои побараа повисоки плати и враќање на достоинството на професијата.

Професор Атанасов вели дека државата мора да има слух за нив.

„И во основното и во средното образование имате одреден квалитет на професори кои не смеете да ги изгубите и нив мора да им ги покачите платите. Да, има и професори коишто не си ја работат добро својата работа, што не се за таму влегле преку политичка партија , но ако имате едно здраво ткиво на професори нив ќе ги наградите и ќе ги прашате што им е потребно за децата да добијат подобро образование“, вели професорот.

Министерството за образование и наука до објавата не одговори на нашите прашања, на што се должат ваквите податоци и дали и какви образовни политики или реформи ќе се преземат за да се подобрат состојбите.

Симовски: Статистиката е одраз на реалноста без разлика дали некому се допаѓа тоа

Првиот човек на заводот за статистика, Апостол Симовски порача дека ова се податоци кои што во суштина ја покажуваат вистинската слика во државата во делот на образованието, но и кои даваат можности за низа анализи и за конкретни употреби во реалниот живот.

„Она што не може да не изненади, не треба да очекуваме дека ние сме најобразованите и најекономски активното население во светот. Си ги знаеме проблемите со кои се среќаваме и тие се реален одраз на состојбите во државата. Статистиката е тука за да ги покаже состојбите токму онакви какви што се, не онакви какви што би сакале да бидат. Ние мораме да ги објавиме реалните податоци и апсолутно ова се реални податоци“, изјави директорот на статистика Симовски.

Симовски рече и дека релативно малиот број на лица над 15 години со завршено високо образование во Македонија се должи на тоа што голем број од младите се отселуваат од земјата.

За големиот број на резиденти со само основно училиште, со недовршено основно образование и неписмени, тој вели дека голем број на граѓани се уште го учат средното.

„Табелатата е за лица од над 15 години. Има многу кои уште не го завршиле средното образование, тие се во процес. Треба да се земат овие елементи во предвид кога се анализираат податоците“, рече Симовски.

За бројката од 18 897 неписмени, тој вели дека станува збор за многу старо население.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG