Достапни линкови

Двете страни на дигиталната едукација


илустрација, ученичка следи онлајн настава
илустрација, ученичка следи онлајн настава

Дигиталното образование донесе нови зборови во вокабуларот, но и подобри дигитални вештини кај наставниците и учениците. Лингвистите велат дека странските зборови во комуникацијата не го загрозуваат нашиот јазик. Комуниколозите советуваат да се внимава не колку, туку какви содржини се гледаат

„Наставничке, некој ме „кикна“...

„Морав да „ливнам“, ама сега пак „џоинав“, тука сум во „митингот“...

„Тестот го „сабмитнав“, дали го добивте“?

Овие примери се само едни од многуте за тоа како учениците разговараат на часовите кои веќе неколку месеци се одвиваат на далечина. Онлајн образованието кое учениците го следат преку платформата на Мајкрософт -Тимс „одомаќини“ многу странски зборови во секојдневниот говор на децата, а свое влијание врз сленговите во комуникацијата имаат и социјалните мрежи. На нив веќе одамна се „лајкува или дислајкува“, „аднува или блокнува“ пријател, се „бустираат“ содржини и слично.

Клара Митевска е средношколка која признава дека таа и нејзините врсници секојдневно користат жаргони во меѓусебната комуникација.

„Не можам да кажам дека тоа конкретно го загрозува литературниот јазик, но дефинитивно оставаме лош впечаток помеѓу луѓето и тоа не спречува од убавото литературно изразување“, вели Митевска.

Дигиталното образование во време на пандемија ни донесе нов вокабулар, но стручните лица велат дека тоа не е нешто невообичаено и не треба да не загрижува.

Му штети ли интернетот на литературниот јазик?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Бобан Карапејовски, лингвист на Филолошкиот факултет вели дека македонскиот јазик не е загрозен под притисокот на интернетот и актуелниот миг.

„Се додека тој систем опстојува како целина и навлегуваат само нови зборови, ние немаме никаков проблем со големата слика на јазикот како систем. Па некогаш и зборови како саат или кафе или транспарентност кога биле тие нови, веројатно биле невообичаени за поголемиот дел од луѓето. Се разбира и дека образованието, медумите па и околината треба да ја развијат свеста за таканаречените регистри, да знаете што вие во определен контекст ќе може да употребите, а да не го загрозите, туку да го збогатите јазикот“, вели Карапејовски.

Со овој став се согласува и Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик Крсте Петков Мисирков.

„Секое време си носи своја мода на изразување. Во 19 век тоа беше францускиот јазик, потоа во отоманската империја навлегле турцизмите, па во југословенската заедница се наметнуваше српскиот јазик како престиж. Во моментот англискиот јазик се доживува како јазик со престиж на светско ниво. Тука грижата за јазикот треба да почне уште во основното образование, а наставниците треба на децата да им објаснат дека има македонска терминологија за одредени зборови. На пример иако многумина викаат „маус“, јас знам случаи во банка каде што сите го користат зборот глувче. Значи, ако им се објасни на тие мали деца дека ние го имаме овој убав збор, во тој случај тие нема да имаат проблем да го користат македонскиот збор, наместо англискиот“, вели Јованова-Грујовска.

Покрај новиот вокабулар, дигиталното образование донесе и нови вештини. Па така денеска децата и наставниците се многу повешти при употребата на дигиталните алатки од порано, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.

„Втората позитивна работа која се прифати е дека сепак дигитализацијата во образованието не е лош процес. Третата работа е тоа што разбравме дека во секоја ситуација технологијата ни нуди начин да се прилагодиме, да ги стекнеме потребните знаења и по завршувањето на опасноста да се вратиме во клучните објекти“, вели Кордалов.

Но Кордалов укажува и на негативните појави од овој процес. Според него тоа е неуспехот од целосна адаптација на процесот поради недостгот од вложување во истиот, но тука се и опасностите кои можат да се појават врз развојот на детето ако родителите не контролираат што тоа дете гледа на интернет.

„Ако порано родителите и возрасните не мораа да го знаат повеќе од децата видеорекордерот, денеска тоа мора да биде случај. Мора родителите да знаеме повеќе за интернетот до одредена возраст на децата, за да може да ги упатиме како да се однесуваат таму и да воспоставиме правила на игра. И уште еден многу важен феномен е не колку, туку како го поминуваат децата времето на интернет. Бидејќи вашето дете може да помине 20 минути на несоодветна содржина и тоа да направи проблем во моменталниот или долгорочниот негов развој“, укажува Кордалов.

Во меѓувреме бројот на корсници на интернет од година во година расте. Поради кризата со корона вирусот учениците од четврто одделение па нагоре од први октомври минатата година следат онлајн настава и поголемиот дел од денот го поминуваат пред електронските уреди.

Во јули, минатата година во истражување на Евростат беше наведено дека во Северна Македонија, 64 проценти од младите на возраст од 16 до 24 години имале основни или над основни дигитални вештини.Од сите членки на ЕУ, Хрватска, со 97 проценти, има најголем процент на млади на возраст од 16 до 24 години со основни или над основните дигитални вештини, а по неа следат Естонија, Литванија и Холандија - сите со по 93 отсто, а потоа е Грција со 92 проценти од младите на истата возраст.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG