Настаните на денот низ фотографии - 5 декември 2022
Морална полиција, ракети и приватни автобуси

1
МАКЕДОНИЈА - Малолетник од Скопје доби кривична пријава за сторено кривично дело „тероризам”, поради испраќање на една од лажните дојави за бомби во скопски училишта. Кривичната е поднесена од страна на Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

2
ЦРНА ГОРА / УКРАИНА - Техничкиот премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска потпишаа заедничка Декларација за евроатлантската перспектива на Украина. Како што појаснија од Владата на Црна Гора, земјата се обидува да ја поддржи одбраната на Украина, со донирање 11 отсто од средствата од воениот буџет, како и преку хуманитарен аспект и прием на илјадници бегалци.

3
МАКЕДОНИЈА - Државниот завод за статистика соопшти дека цените на угостителските услуги во ноември годинава, во однос на истиот месец лани се зголемени за 17.1 %. Кумулативно, во периодот јануари – ноември годинава, во споредба со истиот период од 2021, цените се повисоки за 11.9 %, додека пак, во споредба со октомври годинава, растот изнесува 0.1 %.

4
КАТАР - Дисциплинската комисија на Меѓународната фудбалска федерација ФИФА најави отворање истрага против Уругвајскиот фудбалски сојуз и неколку играчи на уругвајската репрезентација. Како што соопшти ФИФА, постапката е покрената по инцидентите на мечот со Гана на Светското првенство во Катар што е во тек.