Достапни линкови

Со нови задолжувања против економските последици од војната во Украина


Руската инвазија врз Украина индиректно ќе ја погоди и македонската економија, но државата нема многу механизми да се спротивстави на тоа. Трговските врски со овие две земји не се многу значителни, па директниот удар нема да биде голем, но индиректно, војната може да влијае на зголемување на цените на енергенсите, храната и да ја забави европската економија, од што последици ќе има и Македонија.

Државата во овој момент не може да направи многу, вели поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев во разговор за РСЕ. Шоковите се надворешни, а капацитетот за амортизација на ударите е потрошен во време кога не морало тоа да се прави, вели тој.

„Ако економската активности ти опаѓа, а имате нефлексибилни расходи во буџетот на републиката, вам ви требаат дополнителни пари, дополнителни извори. Тие дополнителни извори може да ги набавите само преку позајмување“, вели Гошев.

Тој потсетува дека до 2004-2005 јавниот долг беше околу 23-24 проценти од БДП-то на државата, после 11 години владеење на чело со Никола Груевски јавниот долг стигна до близу 50 проценти поени од Бруто домашниот производ, а по доаѓањето на оваа власт, се случи пандемијата со ковид-19, и поради тоа, но, како што вели и поради домашните неодговорности, јавниот долг се искачи над 60 проценти.

„И сега кога доаѓате во ваква ситуација не можете успешно да парирате на вакви шокови затоа што ќе треба да позајмите дополнително пари, а вашиот фискален капацитет сте го потрошиле претходно или ви останува малку со сите ризици од натамошното зголемување, како што е случајот со Македонија. И единствениот одговор повторно останува, на оваа влада или на која било влада во овој момент, да посегне по дополнително задолжување, и да чепка со ставките во постојниот буџет и да врши некакви прераспределби, да селектира нешто што не е најургентен приоритет и да ги пренасочува заедно со дополнителното задолжување кон категории на населението кои се најранливи. Друго тешко може да смисли“, вели Гошев.

Гошев - Долгорочно создавани проблеми немаат просто решение
please wait

No media source currently available

0:00 0:09:47 0:00
Директен линк


Русија на 24 февруари започна целосна инвазија во Украина, што предизвика страв од поширок конфликт во Европа.

Македонските власти велат дека безбедносната состојба во земјата е стабилна, но нотираат дека ќе има економски предизвици.

Влада - Се прават консултации за набавка на дополнителни количини на стоки во стоковните резерви

Владата ја следи состојбата и промените во светските економски текови кои се очекува да бидат дестабилизирани од новонастанатата состојба, ни одговорија од Владата на прашања на РСЕ.

„Стоковите резерви располагаат со доволни количини на прехранбени стоки, а дополнително и на страната на понудата на пченицата како стратешки производ нема ограничување. Надлежните министерства во моментов вршат консултации за набавка на дополнителни количини на стоки во стоковните резерви“, ни одговорија од Владата.

Трговијата со Русија и Украина учествува со само 2 отсто во вкупната трговска размена на нашата земја, странските директни инвестиции од овие економии изнесуваат само 0,5 отсто во вкупните и не се присутни во финансискиот сектор, а само 0,1 отсто од дознаките доаѓаат од Русија и Украина. Но, Македонија е отворена економија и многу зависи од европските пазари. Русија е меѓу најголемите извозници на енергија и метали во светот, додека Украина меѓу најголемите извозници на жито.

Во Македонија е прогласена кризна состојба во енергетскиот сектор, а со месеци се замрзнати и маржите на цените на основните прехранбени производи, на кои пред да им се замрзнат цените поскапеа за неколку проценти.

Гошев вели дека во ваков случај сите институции треба да бидат одговорни, компетентни и чесни, но како што вели со децении ниту едно од трите се покажува дека го нема.

„Еве конкретен пример, не можете 40 години да создавате дефицити во областа на енергијата, да го зголемувате недостатокот на сопствена енергија, исто толку години да го зголемувате јазот меѓу храната која е потребна за населението, разликата меѓу увозната и домашната храна и сега наеднаш да парирате на ударот кој се пренесува преку растот на цените на светските пазари. Ако некои проблеми се создаваат со децении, ви треба многу време, добро планирање и одговорни политики да ги амортизирате, да ги намалите или во најоптимистички случај да ги решите“, вели Гошев.

Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика, домашното производство на струја за една деценија е намалено за една четвртина, а производството на струја во државните капацитети е речиси преполовено. Во 2010 година, државните капацитети произвеле скоро 6500 гигават часа струја, а во 2020 година над 3600 гигават часа. Увозот постојано се зголемува. Термоцентралите, пак, го намалуваат производството веќе две децении. Државата произведува речиси 60 отсто од потребите од струја, а другото го увезува.

Податоците на Државниот завод за статистика за увозот и извозот на храна за минатата година покажуваат дека сме увезле храна во вредност од 745,4 милиони евра, што е годишен раст од 12,2 отсто во споредба со претходната 2020 година. Ова е најголем годишен раст на вредноста на увезената храна во земјава во последните 10 години, со што увозот на храна за прв пат се искачи над 700 милиони евра. Количински пак е увезено помалку храна, но по повисоки цени, па затоа се потрошени и повеќе пари. Лани од земјава е извезена храна во износ од речиси 390 милиони евра. И во овој случај е извезена помалку храна, но за повисоки цени. Ако се гледа количински, увозот на храна лани бил помал за 3,6 отсто во споредба со минатата 2020 година, односно биле увезени 772 илјади тони храна, но заради повисоките цени на увезената храна, од земјава се одлеале многу повеќе девизи. Поради поголемиот раст на увозот од извозот, минатата 2021 година сме ја завршиле со најголем дефицит во трговијата со храна од странство од дури 356 милиони евра. Тоа е најголем дефицит во трговијата со храна во последните 10 години. Најмногу се увезувало месо, зеленчук и овошје и жита.

Зеленски бара брз прием во ЕУ
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Премиерот Димитар Ковачевски во обраќање до нацијата викендов рече дека Владата ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните.

„Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму“, порача тој.

Министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна посветена на кризата во Украина по рускиот напад, пишува дека стоковите резерви се на соодветно ниво, буџетот е ликвиден и има средства да се реагира брзо доколку треба.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски вели дека проблем ќе биде ако кризата во Украина потрае подолго време и дека тогаш ќе бидат потребни интервенти увози.

На седница на Советот на Народна банка одржана на 28 февруари, се дискутирало и за најновите случувања во Украина и за последиците врз економијата што може да произлезат од натамошниот развој на ситуацијата. Во соопштението на НБ се наведува дека може да се влошат изгледите за раст на европската и на светската економија.

Во него се наведува дека во сопственичката структура на нашите банки нема руски или украински капитал, па оттаму нема изложеност врз стабилноста на домашниот банкарски систем. Истовремено, на седницата на Советот било констатирано дека девизните резерви се во сигурната зона и обезбедуваат доволна девизна ликвидност на домашната економија и стабилност на домашната валута.

Според Законот за стокови резерви, резервите се формираат од производи кои се од исклучително значење за животот на населението. Стоковите резерви се сочинети од пченица, пченка, јачмен, готварска сол, сурово сончогледово масло, нафтени деривати, лекови и медицински средства. Резервите се користат во случај на воена состојба, вонредна состојба, елементарни непогоди, еколошки катастрофи и при големо нарушување на пазарот. Собранието на предлог на Владата утврдува среднорочна програма за стоковите резерви. Според стратешки план за периодот 2022-2024 година на Агенцијата за стокови резерви, Агенцијата годинава планира да набави дополнителни количини на одделни стоки, како пченица, јачмен за сточна храна, готварска сол и редовно обновување на лекови и медицински средства.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG