Достапни линкови

Претседателот прави стратегија за развој, но дали ќе се спроведува?


Аерозагадување во Скопје. Загадениот воздух е еден од главните еколошки проблеми во земкава. Експерти и граѓански организации деновиве беа повикани од претседателот Стево Пендаровски да дадат мислења за целите и приоритетите во животната средина до 2030 година.

Животната средина е една од областите во документот што се изработува во Кабинетот на Претседателот за да се подобри животниот стандард на граѓаните. За животната средина, експерти и граѓански организации понудија решенија за загадениот воздух, водите и почвите, но велат дека е поважно тие да бидат имплементирани.

Може ли Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски преку изработка на стратешки документи да ги поттикне другите државни институции да ги подобрат состојбите во животната средина?

Во моментов во Кабинетот на претседателот се изработува „Рамката за развој МКД 2030“ со која треба да се утврдат политиките за развој на Македонија во следните десетина години, но и целите кои во истиот период треба да бидат постигнати.

Во врска со документот, деновиве беше организирана дискусија за делот во областа на животната средина, на која мислења даваа професори, експерти и граѓански организации. Дискусијата ја организираше Алијансата „Разбистри сѐ“.

Земјава со години е соочена со сериозни предизвици во животната средина, како високото загадување на воздухот во сите населени места кое е причина за илјадници случаи на предвремена смрт годишно; проблемот со загадувањето на водите и почвите од историското индустриско загадување; притисокот врз шумите од нелегалната сеча и пожарите; борбата против климатските промени...

Експертите и граѓанските организации заедно заклучија дека до 2030 година приоритет треба да биде намалувањето на загадувањето на воздухот, подобрувањето на квалитетот на водите, подобра заштита на шумите, ригорозна контрола на индустријата, интегриран систем за управување со отпадот, создавање на одржливи системи за производство на храна и преземање на поголема климатска акција.

„Мора да се стават во некаква стратешка рамка сите овие проблеми за кои постојано алармираат професорите и граѓанските организации. За да се има некаква визија за подобрување на животната средина, мора да се направи некаков план. Но, за да се направи тој план мора реално да се погледне кон проблемите кои постојат и за нив да се бараат решенија. Овие документи се секако корисни, но покорисно ќе биде доколку тие реално се имплементираат“, вели Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии што ја води кампањата „Разбистри сѐ“.

Освен приоритетните области, Андонов додава дека идентификувани се и предизвици како незаинтересираноста на сите досегашни Влади доследно да ја применува легислативата и меѓународните конвенции за заштита на животната средина, минорната распределба на пари од државниот буџет за унапредување и заштита на животната средина, невладеење на еколошкото право, неказнивост на сторителите, корупцијата, нетранспарентноста при издавањето на концесии за користење на природните ресурси и друго.

„Сето ова се предизвици и проблеми кои ги идентификуваа експертите и граѓанските организации коишто важат за целата област на животната средина, покрај специфичните приоритети и цели кои треба да се постигнат до 2030 година“, вели Андонов.

Од Кабинетот на Претседателот за РСЕ велат дека во моментов трае консултативниот процес за изработка на документот со различни чинители во општеството и дека се утврдуваат приоритетите за тоа каде треба да се стави фокусот за да се постигне напредок за да се подобри животниот стандард на граѓаните.

Документот „Рамка за развој МКД 2030“ кој се изработува под покровителство на претседателот Пендаровски, опфаќа повеќе области, а една од нив е животната средина. Тој ќе биде завршен кон средината на 2022 година и ќе биде јавно промовиран, велат од Кабинетот на Претседателот.

„Документот не е обврзувачки за другите државни институции, но тој ќе претставува стратегиска рамка врз основа на која ќе се изработи Националната стратегија за развој 2021-2041, процес кој ќе го води Владата на Република Северна Македонија“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Експертската јавност и граѓанските организации велат дека со документот треба да се направи план за намалување на концентрациите на аерозагадувањето во рамки на националните гранични вредности, но и да се воспостави комплетна мрежа на мониторинг станици за мерење на квалитетот на воздухот кои ќе работат во континуитет. Потоа, сите јавни објекти да се греат на незагадувачки начин, додека за домаќинствата да има повеќе можности за енергетска независност и за продажба на вишокот на струја, како и зголемување на урбаното зеленило, беа дел од заедничките предлози.

Исто така, тие велат дека треба да се намали загаденоста на реките и езерата и да се укинат повластените тарифи за енергија од малите хидроцентрали, да се направи трансформација на индустријата за намалување на емисиите на стакленички гасови и целосен третман на отпадните води; решавање на историското загадување од еколошките жешки точки во државата; зголемено органско производство на храна и локално вработување во рурален туризам и агро-бизниси. Експертите сметаат дека е многу важно да се донесе Закон за климатска акција и фосилните горива да се заменат со обновливи извори на енергија.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG