Достапни линкови

Очекувано-неочекувани високи сметки за струја


илустрација
илустрација

Иако поскапувањето на струјата беше најавено, граѓаните кои ги добиле сметките за електрична енергија велат дека тие се многу повисоки од очекуваното зголемување. Експертите се сомневаат дека повисоките сметки се резултат на нередовното читање на струјомерите.

Јануарските сметки за струја пристигнаа. Иако поскапувањето беше очекувано и однапред најавено, сепак граѓаните се непријатно изненадени. Некои од нив велат дека сметките за електрична енергија се многу повисоки од очекуваните 9, 48 проценти зголемување.

„Минатиот месец имавме сметка за струја 4000 денари. Овој месец добивме 5400 денари сметка. Знаевме дека ќе се зголеми сметката за струја, ама ова е многу. Од друга страна, многу ми недостасуваат оние два часа евтина тарифа кои ни ги укинаа, сепак за тоа време јас пуштав машина за перење, уклучував шпорет за да направам ручек, а сега тоа не можам да го правам“, ни изјави Вера М. од Струмица.

Повисока сметка за околу 1000 денари добила и пензионерката Олгица од Скопје. Таа вели дека многу внимава на потрошувачката на електрична енергија, но и покрај тоа, сепак ќе треба да плати многу повеќе.

„Факт е дека зимно време се троши повеќе. Меѓутоа јас многу водам сметка, работам претежно ноќе кога е евтина струја. И пак ми е сметката висока. Јас живеам сама. А што да кажат оние кои имаат деца, внучиња што чуваат и мора да биде загреано, да се направи ручек секој ден. Јас готвам навечер за три дена, на секој можен начин штедам и пак борба водам со преживување“, вели Олгица.

Овие се само дел од граѓаните кои реагираат на повисоките сметки за струја. По социјалните мрежи голем број граѓани коментираат дека сметките се многу покачени и дека зголемувањето е многу поголемо од најавеното. На енормно високи цени на струја се жалат и хотелиери од Охридско-струшкиот регион.

Се читаат ли редовно струјомерите?

Од друга страна, пак, енергетските експерти велат дека зголемените сметки за повеќе од 10 проценти е најверојатно резултат на нередовното читање на струјомерите од страна на ЕВН.

„Сметките се поскапи повеќе или помалку како резултат на нередовното читање од страна на ЕВН. Тие наплаќаат паушал и на пример, еве за декември ми наплатиле паушал како во ноември или октомври, а декември сум трошел повеќе бидејќи е поладен месец. И затоа кога ќе дојде сметката за јануари тие ја порамнуваат цената и тие ми ги ставаат во потрошувачката. И тука народот не гледа до кој датум е едната цена, до кој другата цена. Тие ја гледаат вкупната сума на сметката, а не по потрошувачка на киловат часови“, вели професорот Трајко Ајтов.

Од ЕВН пак, постојано повторуваат дека секој месец ги отчитуваат броилата и дека ниските температури, се всушност причина за поголемата потрошувачка на струја и повисоките сметки. Компанијата им препорачува на граѓаните сами да ги читаат струјомерите и доколку забележат разлика во фактурата да реагираат електронски или директно во Корисничките енергоцентри на ЕВН.

Во меѓувреме, останува и дилемата колкаво е реалното поскапување, ако се земе предвид и укинувањето на евтината тарифа. Според Ајтов, укинувањата на евтината дневна тарифа нема значително влијание врз формирањето на крајната цена на сметките.

„Евтината тарифа кај мнозинството корисници е околу 50 проценти од вкупното учество и таа се исплати кај домаќинствата кои внимаваат и трошат над 50 проценти. Инаку ако трошите под 50 проценти евтина струја, тогаш ви се исплатува повеќе средната тарифа. Многу малку учествуваат во работата тие два часа. Секој ден да ги користите тие два часа на пример за да уклучите бојлер со потрошувачка од 2 киловати на час или печка со три киловати на час, вие може 6 киловати да заштедите дневно или околу 80 киловати месечно. Тоа не менува многу во вкупната потрошувачка на струја кај едно домаќинство“, објаснува Ајтов.

По одлуката за поскапување на струјата, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски тврдеше дека доколку не се укинела дневната евтина тарифа, зголемувањето на цената на струјата требало да изнесува 14,23 проценти. Во меѓувреме, ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела останаа да важат.

Од први јануари струјата поскапе за 9, 48 проценти. Од РЕК тогаш соопштија дека поскапувањето требало да биде многу поголемо, но поради одлуката на Владата да им помогне со економски мерки на енергетските компании, било одлучено поскапувањето за бизнисот и домаќинствата да биде помало.

Новата цена на струјата за корисниците на регуларниот пазар ќе важи во првите шест месеци од оваа година. Северна Македонија е соочена со една од најголемите енергетски кризи.

И плус парно

Од 1 јануари и цената за парното греење се зголеми за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје и за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север. БЕГ од Регулаторната комисија за енергетика побара парното да поскапи за 300 отсто, со образложение дека за толку била порасната цената на гасот на светските берзи во однос на јули, кога беше донесена последната одлука за цената на топлинската енергија.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG