Достапни линкови

Енергетските капацитети занемарени со децении, дојде време за плаќање на сметките


Илустрација: Свињи се хранат на депонија во близина на РЕК Битола

Домашното производство на струја е намалено за една четвртина во изминатата деценија, а производството во државните капацитети е речиси преполовено. Хидроцентралата Козјак е единствениот поголем капацитет изграден во независна Македонија. Сите поголеми електрани се изградени на почетокот на 80-тите и се веќе дотраени.

Намалувањето на домашното производство на струја и занемарувањето на инвестициите во енергетиката со децении, граѓаните оваа зима сериозно ќе го почувствуваат на свои плеќи. Поради недостиг на струја, државата мора да купува од странство каде што берзанските цени во моментов се 6-7 пати повисоки од оние кои во моментов ги плаќаат граѓаните.


Според извештајот на Регулаторната комисија за енергетика домашното производство на струја за една деценија е намалено за една четвртина, а производството на струја во државните капацитети е речиси преполовено. Во 2010 година, државните капацитети произвеле скоро 6500 гигават часа струја, а во 2020 година над 3600 гигават часа. Увозот постојано се зголемува. Термоцентралите, пак, го намалуваат производството веќе две децении.

„Причините за трендот на намалување на производството во термоелектроцентралите се многубројните дефекти и прекини во работата на РЕК Битола, намалување на ископаните количества и на квалитетот на јагленот во РЕК Битола, приближување кон крајот на животниот век на термоелектроцентралите и несоодветните инвестиции, намалување на ефикасноста во работењето и друго“, стои во извештајот на Регулаторната комисија за енергетиката.

Хајредини: 40 години не е инвестирано во енергетски капацитети
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:55 0:00
Директен линк


Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој го помина работниот век во Електростопанство на Македонија, вели дека проблемот не е направен во последната деценија, туку дека енергетиката во земјава е занемарувана веќе 40 години. Од поголеми производствени капацитети, во независна Македонија е изградена само хидроцентралата Козјак, другите хидроцентрали се постари, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј се градени во раните 80-ти и оттогаш ништо не е пипнато, вели тој.

„Електроенергетски капацитети не се градат на брзина. Ако почнеш денеска, 5-10 години трае градбата, така што Македонија нема друг излез и ќе мора, колку и да е скап увозот, ќе мора и со струја и со јаглен да се снабдува од странство. И да не беше моменталната криза и растот на цената на енергенсите и на електричната енергија на меѓународниот пазар, Македонија кога-тогаш ќе мораше да се соочи со последиците од тоа занемарување на инвестициите во производствени капацитети“, вели Хајредини.


Власта смирува дека поскапување на струјата нема да има до Нова година, но тоа значи дека само уште еден месец ќе се плаќа сегашната цена. Енергетските компании сè уште не ги доставиле пресметките за трошоци до Регулаторната комисија за енергетика за утврдување нова цена на струјата. Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори, објавија дека поскапувањето може да биде поголемо од 10 проценти. Професор Константин Димитров вели дека тоа сепак ќе биде политичка, а не економска одлука.

„Колку ќе реши државата да се плаќа за да сочува социјален мир, да има гласови за предвремени или редовни парламентарни избори е само политичка одлука и колку ќе може надвор да позајмува пари за да го одржува мирот. Би било мудро тоа поскапување да биде постепено, да не биде удар одеднаш, да може народот тоа да го поднесе. Зависи од тоа колку пари има владата да субвенционира во производството, во електростопанството во Македонија и колку пари ќе има да купува за тоа што недостига. Од тоа сè зависи“, вели Димитров.

Поскапувањето на струјата ќе биде директниот удар врз џебот на граѓаните. Индиректно, преку поскапите производи што ги купуваат ќе ја платат и поскапата струја што ја набавуваат фирмите. Трошоците на живот на граѓаните, според Државниот завод за статистика во изминатата година се зголемиле за 4,1 проценти, а допрва следува поскапување на струјата. Храната поскапела за скоро 5 проценти, горивата за над 30 отсто, а транспортот за 18 проценти.

Стопанската комора на Македонија предупреди дека состојбата со набавка на струјата за фирмите е алармантна и информира дека почнала постапка за регистрација на сопствена компанија за трговија со струја. Целта не им е да прават профит, туку да им се помогне на стопанствениците да имаат сигурност при набваката на електрична енергија во услови на криза, рече потпретседателот на Комората Антони Пешев.

„Има големи компании кои можат да набават струја по 90 евра за мегават час, но не можат тоа да го направат зашто немаат дозволи за увоз. Има и помали компании кои немаат начин како да увезат електрична енергија иако имаат пари и можат да ја платат“, рече тој.

Производителот ЕСМ сега му ја продава струјата на ЕВН Хоум за 37 евра за магават/час. Поради недоволно домашно производство, ЕСМ купува струја и на светските берзи која се движи околу 250 евра за мегават/час, односно шест до седум пати поскапо од продажната. Берзанската цена на струјата денеска е околу 240 евра за мегават/час.

Земјава распиша тендер за увоз на јаглен за непречена работа на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, а владата донесе одлука и за активирање на ТЕЦ Неготино, која произведува струја на мазут. Се очекува производството во Неготино да чини меѓу 150 и 175 евра за мегават час, што е многу скапо, но сепак поевтино од увозната струја.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG