Достапни линкови

Руски ракетни напади, Зеленски вели „нема предавање“


Украински полицаец, војник и цивили на улица за време на последните напади во Киев

Според Интерфакс, Москва извршила напади со крстосувачки ракети и артилерија врз неколку градови, меѓу кои и Киев. Украинскиот претседател Володомир Зеленски изјави дека „Украина нема да ѝ се предаде на Русија“, а неговиот портпарол дека се договараат време и место за преговори со Москва

Руските сили го зазедоа југоисточниот украински град Мелитопол во саботата, објави руската новинска агенција Интерфакс, додека Москва изврши координирани напади со крстосувачки ракети и артилерија врз неколку градови, вклучувајќи го и главниот град Киев.

Сепак, министерот за вооружени сили Џејмс Хепи изјави за Скај њуз дека Мелитопол „се уште е во рацете на Украина“ - и покрај тврдењата на руската војска дека ја презела контролата врз градот. Тој додаде дека уличните борби во Киев се водат од „изолирани џебови на руски специјални сили и падобранци“.

„Јасно е дека рускиот план е да го заземе Киев, но реалноста е дека Украинците досега ги спречуваат. Тоа е неверојатен напор од нивна страна. Тоа внесува секакви предизвици за Русија, тие ќе мора да почнат да размислуваат како да ги снабдат војниците на кои им треба повеќе време да слетаат во Киев отколку што мислеа, за да ги надополнат оние кои се вклучени во многу сериозни борби за други украински градови“, рече Хепи.

Руската инвазија на Украина почна утрото на 24 февруари. Украинските власти пријавија дека има десетици загинати, стотици ранети и голема материјална штета. Голем број држави и меѓународни институции го осудија нападот врз Украина и дадоа поддршка на украинскиот суверенитет и територијален интегритет.

Зеленски: Украина нема да ѝ се предаде на Русија

Претходно, украинските власти соопштија дека руските сили истрелале крстосувачки ракети од Црното Море кон Мариупол, како и кон Сума на североисток и Полтава на исток. Властите во Киев соопштија дека проектилот погодил станбена зграда, а сведок на Ројтерс рече дека друг погодил област во близина на аеродромот. Нема информации за жртви.

Претходно, пукањето избувна во близина на владините згради во центарот на градот, изјави сведок на Ројтерс. Причината не беше јасна.


Говорејќи во видео порака пред неговата канцеларија во Киев, претседателот Володимир Зеленски беше пркосен. „Ние нема да го оставиме оружјето, ќе ја браниме нашата држава“, рече тој.

Украинските власти ги повикаа граѓаните да помогнат во одбраната на Киев од напредувањето на руските сили, но иако борбите се интензивираа, руската и украинската влада сигнализираа отвореност за преговори, нудејќи ја првата трошка надеж за дипломатија по инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин.

Украина и Русија договараат место и време за мировни преговори

Сергеј Никифоров, портпарол на украинскиот претседател Володимир Зеленски, денеска рече дека разговорите меѓу Киев и Москва за одржување на преговарачкиот процес се во тек. Никифоров ги негираше информациите дека Украина ја одбила руската понуда за мировни преговори. Тој рече дека руските и украинските власти во моментов разговараат за времето и местото на разговорите.

„Ја прифативме понудата на рускиот претседател Владимир Путин. Во моментов, страните ги продолжуваат консултациите за местото и времето на преговарачкиот процес“, рече Никифоров и додаде дека колку побрзо почнат преговорите, толку се поголеми шансите за враќање на нормалниот живот.

Падобрански напади, граѓаните во засолништа

Командата на воздухопловните сили претходно извести за тешки борби во близина на воздухопловната база Василков, југозападно од главниот град, која според неа била нападната од руски падобранци.

Михајло Подољак, советник во кабинетот на претседателот, рече дека ситуацијата во Киев и неговите периферии е под контрола.


„Има случаи на диверзантски и разузнавачки групи кои работат во градот, полицијата и силите за самоодбрана ефикасно работат против нив“, рече Подољак.

Министерството за одбрана им нареди на жителите на Киев да активираат гасни бомби за да ги одвратат напаѓачите. Некои семејства се засолниле во засолништа, а стотици илјади ги напуштиле своите домови за да најдат сигурност, според официјални лица за помош на ОН. Украина соопшти дека биле убиени повеќе од 1.000 руски војници. Русија не објави податоци за жртвите. Зеленски доцна во четвртокот рече дека 137 војници и цивили загинале, а стотици се ранети.

XS
SM
MD
LG