Достапни линкови

Состојбата во Македонија стабилна, осуда за руските дејствија во Украина


Скопје- Претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски на седница на Советот за безбедност која ја свика шефот на државата поради руската инвазија врз Украина,24.02.2022
Скопје- Претседателот на Собранието Талат Џафери, претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски на седница на Советот за безбедност која ја свика шефот на државата поради руската инвазија врз Украина,24.02.2022

Претседателот Стево Пендаровски го свика Советот за безбедност, а владата одлучи да се приклучи до санкциите на ЕУ за Москва. Часови по нападот на Русија врз Украина, стигнаа осуди од македонските политичари и од власта и од опозицијата.

Безбедносната состојба во земјата е стабилна и осуда на воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета. Ова е епилогот од Седницата на Советот за безбедност која денеска ја свика претседателот Стево Пендаровски.

„Потребно е надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување“, се наведува во соопштението по одржаната седница.

Во него се наведува дека земјава има доволно стокови резерви и енергенси, а надлежните се задолжени да ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба.

На неа покрај редовните членови по функција и надворешните членови линковски се вклучија и амбасадорот на Северна Македонија во НАТО и амбасадорот во Киев, кои информираа за најновите случувања во Украина и за преземените активности во рамки на НАТО.

„Советот за безбедност упатува апел до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО“, се наведува во соопштението.

Северна Македонија се придружи до санкциите на ЕУ

Го осудувам чинот на отворена воена агресија од страна на Русија врз Украина. Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир, напиша премиерот Димитар Ковачевски на неговиот фејбук профил.

На седница, пак, одлучено е Северна Македонија да се придружи на санкциите на Европската унија кон Русија. Како што соопшти владината прес-служба, Владата го задолжи Министерството за надворешни работи, преку Постојаната мисија при ЕУ во Брисел, да извести дека Северна Македонија се придружува кон новиот пакет рестриктивни мерки на Советот на ЕУ, заедно со сите претходни одлуки за рестриктивни мерки од 2014 година до сега, во поглед на ситуацијата во Украина, и да ја започне постапката за нивно спроведување.

„Во оваа фаза таргетираните рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се придружува и нашата земја, опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина и за нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата. Таргетираните мерки се однесуваат и на рестрикциите на работењето на одредени банки на Руската Федерација со финансиските институции на ЕУ и на нејзините земји членки“, соопшти прес-службата на Владата.

Османи- мислевме дека копнена инвазија ќе видиме само во историските книги

Претседателот на Собранието Талат Џафери, пак, рече дека колку и да ни се чини географски далеку, Украина не е далеку, а последиците, како што кажа, ќе бидат далекусежни, не само од воен аспект, туку и од економски, и ќе се одразат врз регионот и пошироко во меѓународен контекст. Посочи дека ставот што неговата матична партија ДУИ го имала за време на кризата во Украина во 2014 година е непроменет и актуелен и денес.

„Ставот на Собранието и на државата е дека Украина има свој територијален суверенитет и треба да се почитува од сите. Иако воените дејствија ескалираат, приоритет треба да има дијалогот, преговорите и разговорите, сѐ додека се исцрпат сите инстанции. На Украина ѝ припаѓа правото да може да има право на соодветен одговор како и секоја суверена земја“, изјави Џафери на прес-конференција прашан за коментар за воените дејствија од Русија врз Украина.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз ја посетија касарната Илинден,24.02.2022
Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД Кејт Мари Брнз ја посетија касарната Илинден,24.02.2022

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, која денеска беше во касарната Илинден со американската амбасадорка Кејт Мари Брнз во касарната Илинден наведе дека остро ја осудуваат воената агресија на Русија врз Украина и дека стојат единствени со сојузниците во НАТО во повикот кон Русија да прекине со воените дејствија кои се закана за безбедноста на Европа.

„Македонските граѓани стојат во солидарност со граѓаните на Украина. Безбедноста на нашата земја е гарантирана, нашата јавност треба да биде сигурна дека државниот врв будно ги следи состојбите и ги превзема сите мерки за гаранција на безбедноста“, наведе Петровска.

Руски проектили, воздушни напади и загриженост во Киев
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:33 0:00

Министерот за надворешни работи Бујар Османи пак кажа дека со загриженост ја следат состојбата.

„Мислевме дека копнена инвазија во соседна земја ќе видиме само во филмовите и во историските книги. За жал, еве се случува тоа денеска и за најголема осуда. Единствени сме во НАТО и во ЕУ во однос на одговорот кон оваа агресија… Тоа што можам да кажам е дека сите партнери во НАТО сојузници сме единствени и тоа е нашето најсилно оружје во оваа ситуација“, рече Османи за телевизијата Канал 5.

Реагираа и опозициските партии

ВМРО-ДПМНЕ, како во минатото, така и сега, но и во иднина, во целост ги поддржува ставовите на НАТО во однос на предизвиците со кои се соочува светот денес, наведоа од опозициската партија.

Милошоски: ЕУ, НАТО и ОН да бидат солидарни со Украина
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:43 0:00
Директен линк

Поранешниот министер за надворешни работи и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски за Радио Слободна Европа вели дека и лично има симпатии кон Украина бидејќи се работи за „мала земја која има слична историја со онаа на Македонија бидејќи често била оспорувана и во однос на идентитет и територијално“.

„Како политичар и како правник сметам дека денешната инвазија врз Украина е спротивна на меѓународното право и мислам дека исто така е спротивна на Повелбата на Обединетите нации . Европската унија и сите други земји членки на НАТО и на Обединетите нации треба да бидат солидарни со Украина и да најдат да и бидат од помош во овие тешки моменти“, вели Милошоски.

Од опозициското движење Беса наведоа дека воената офанзива на Русија против Украина е едно од најлошите дела и воена криза со кои се соочи Европа по Втората светска војна.

„Неодговорноста на Русија кон глобалниот мир и безбедност може да има сериозни последици кои, покрај економските загуби, за жал ќе доведат и до загуба на многу невини животи. Војните и воената агресија мора да се остават во минатото. Затоа, ја осудуваме секоја акција на Русија во кршење на територијалниот суверенитет на Украина“, се наведува во соопштението од Беса.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG