Достапни линкови

Како насилните содржини влијаат врз однесувањето на младите?


илустрација, новата серија на Нетфликс „Squid game“
илустрација, новата серија на Нетфликс „Squid game“

Серии, филмови, видеа кои многу брзо стануваат вирални, а во нив има насилни елементи стануваат ултра популарни и кај нас. Психолозите велат дека социјалните медиуми и содржините што ги нудат влијаат врз однесувањето на младите, но не значи дека влијанието е секогаш негативно

Масовна тепачка на девојчиња во Скопје, младо девојче претепано од соученички додека другите гледаат и го снимаат инцидентот со своите мобилни телефони. Вакви сцени на агресивно и насилно однесување кај децата се случуваат се почесто во земјава, иако трендот не е непознат и за земјите од соседството. Но дали и колку она што го гледаат на социјалните мрежи и воопшто на интернет им влијае на однесувањето?

„Младите се помалку имаат трпение, нервозни се и агресивни. Постојано се на телефоните, а кога ќе им ги земеш од рака, стануваат агресивни“, вели родител на тинејџери.

Во македонското општество постои доста висок праг на агресивно однесување, објаснува Ана Поп-Ризова, психолог и гешталт терапевт од скопската гимназија „Орце Николов“.

„Она што се случува на ниво на општество се пресликува и кај учениците. Од друга страна делот на несанкционирање на агресивното однесување, делот на непреземање на одговорност на агресивните испади коишто сме ги имале во минатото, праќа порака дека секој вид на насилство поминува во нашето општество и младите се само рефлексија на она што општеството го живее и како функционира“, вели Поп-Ризова.

Таа посочува дека еден од начините да се превенира насилното однесување е континуирана соработка на образовните институции со родителите. Новата генерација, или популарно наречената „генерација З“ се карактеризира со помала концентрација на внимание, тие сакаат дигитални, визуелни, поедноставни содржини и начинот на кој го восприемаат светот е различен од она што било пред 20 години, додава Поп-Ризова.

Насилни содржини може да се најдат и на популарните социјални мрежи, па не ретко таквите видеа на популарната мрежа Тик Ток се и меѓу најгледаните. Поп Ризова вели дека стручната јавност е поделена околу тоа какво е влијанието на тие содржини врз однесувањето на младите.

„Од една страна има истражувања кои покажуваат дека влијанието е значајно на тие содржини, но има и податоци кои кажуваат дека стратегиите на справување со емоции и справување со лутина се нешто што се учи и на што може да се работи. Не може да кажеме дека сите што гледаат насилни содржини“, стануваат агресивни, вели Поп-Ризова.

Според Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, дигиталните алатки во денешно време поттикнуваат дел од насилството, но во исто време даваат и шанси тоа да се увиди, детектира и многу брзо да се реши или превенира.

„Што се однесува до содржините кои се емитуваат на телевизија и на интернет, секако дека имаат влијание, но сакам да потсетам дека и порано постоеле серии со насилство, но никогаш не сме го перцепирале делот со насилството во однос на поуката на самиот филм. Она што е денес позитивно пак е што секој филм или серија има ограничување на возраста, а тоа е многу важно бидејќи секоја неадаптирана содржина може да влијае на негативниот развој на детето и насилно однесување“, вели Кордалов.

За разлика од Поп-Ризова која смета дека несанкционирањето придонесува насилните практики да продолжат, Кордалов со став дека казните не се решение на проблемот.

„Јас не велам дека казните не се потребни. Меѓутоа студент во втора година на Правен факултет знае дека казната е решение само кога превенцијата нема да ја заврши својата улога. Ние не можеме да ги казниме сите деца на светот. Мора многу повеќе да работиме на промоција и превенција, на подигање на свеста ама не во форма на кампања, туку како изнаоѓање на поатрактивни содржини,“ категоричен е Кордалов.

Во меѓувреме и во филмската индустрија „ин“ се сериите и филмовите во кои има насилни елементи. Последен таков пример е во моментот најгледаната корејска серија на Нетфликс, „Squid Game“, која за само две седмици стана најгледана серија во дури 76 земји во светот.

„Бруталната адаптација на детските игри во фокусот на серијата, ја зароби фантазијата на гледачите како зачудувачка метафора на општествено-економските нееднаквости и капитализмот“, напиша неодамна магазинот „The conversation“.

Серијата има 9 епизоди, а во неа стотици играчи се натпреваруваат во детски игри на социјалните мрежи. Влогот е „живот или смрт“ за награда од 38 милиони долари. Во моментот #REDLIGHTGREENLIGHT и #SQUIDGAME се трендови на социјалните мрежи.

„Да сега е тренд серијата Squid Game“, меѓутоа ајде да се потрудиме и државите да имаат стратегија како да направат, како да продуцираат одредена серија која ќе биде поатрактивна за младите и ќе биде поадекватна за одредена возраст“, вели Корадалов.

Според него зголемениот интерес за продукција на филмови со такви содржини е резултат на промена на технологијата којашто се прилагодува на технологијата со која младите денеска растат.

„Начинот на којшто се продуцирале филмови кај генерациите коишто имале еден технолошки развој и генерациите денеска е многу различен. И секако дека тоа многу ќе влијае на прилагодување на интересот на публиката. Затоа ако сакаме да ги направиме поатрактивни содржините мора да бидат адаптирани на возраста, но и на степенот на технологија на којшто се научени овие генерации“, заклучува Кордалов.

Инаку социјално-економската нееднаквост во серијата „Squid game“ се истражува преку потресните приказни за економскиот стрес кој е честопати нарушен од недостигот на сигурност во општествените односи во Кореја и нерегулираните финансиски области.

К-драма пак е термин што се користи за телевизиски серии на корејски јазик, произведени во Јужна Кореја. Ваквите ТВ драми често ја прикажуваат Кореја како длабоко поделено и насилно општество, одразувајќи голем дел од нејзината историја во текот на 20 век – јапонскиот колонијализам, Корејска војна, речиси 40 години воена диктатура и финансиски кризи. Сето ова велат експертите, остави длабоки колективни психолошки лузни.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG