Достапни линкови

Без санкции, ќе има уште „јавни соби“ на социјалните мрежи


Казните за производство, набавка и ширење на детска порнографија преку средства за масовна комуникација се од 5 до 8 години затвор. МВР не открива нови детали за случајот со групата „Јавна соба“ на платформата Телеграм, во која, меѓу другото, се објавувале порнографски видеа и фотографии од малолетни девојки. Експертите ги повикуваат надлежните институции да ги казнат одговорните и да им се посветат на децата.

Информациите во јавноста дека тинејџер е администратор на групата „Јавна соба“ на социјалната мрежа Телеграм, од МВР засега не ја потврдуваат. Затворената група го сврти вниманието во јавноста откако беше откриено дека во неа се објавувале фотографии со експлицитна содржина. Според споделените информации на социјалните мрежи дел од фотографиите објавени во оваа затворена група биле преземени од отворени профили, а дел биле препраќани преку приватни профили и имале порнографска содржина.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека истрагата е во тек и дека по целосното расчистување на случајот ќе излезат со детали во јавноста. За случајот е известено и Јавното обвинителство и се преземаат сите мерки за што побрзо расчистување, велат од полицијата.

Во почетокот групата броела 7400 членови, но нивниот број почна да се намалува откако МВР отвори истрага. Подоцна истата е преименувана во група „Само за возрасни“, а неуспешни биле обидите таа да се избрише. Според упатените, оваа е само една од многуте слични групи кои кружат низ социјалните мрежи.

Ставувањата во јавноста дека истрагата на полицијата нема да донесе резултати, бидејќи во меѓувреме групата може да биде избришана, експертите за социјални медиуми ги демантираат, укажувајќи на фактот дека потребните податоци и информации поврзани со оваа група МВР може да ги добие доколку ги побара од интернет платформата, во случајот Телеграм.

МВР веќе остварила контакт со одговорните во Телеграм и од нив побарала информации кои би и помогнале на истрагата.

„Секторот за компјутерски криминал и форензика веднаш контактираше со мрежата „Телеграм“, со цел добивање на потребните податоци околу функционирањето на оваа група и воедно го известивме за содржините што се објавени“, информираше вчера портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми, смета дека во моментот најважно е да се лоцира одговорноста на оние кои направиле злоупотреба и да се почитуваат законите.

„Треба да знаеме дека какво било изложување на приватни фотографии коишто можеби биле пратени на одредени адреса и потоа објавени во јавноста е навистина тешко загрозување, особено кога зборуваме за малолетни лица. Од друга страна, многу важна работа е да внимаваме жртвите да не ги претвориме во обвинети, односно да намалиме со осудата на луѓето кои се жртви во целиот процес, бидејќи тоа нема да не однесе никаде и напротив ваквите случаи ќе не следат и во иднина“, вели Кордалов.

Инаку, Кривичниот закон предвидува високи затворски казни за делата кои се однесуваат на производство и дистрибуција на детска порнографија. Казните се движат од пет до осум години.

Во членот 193- а пишува:

(1) Тој што произведува детска порнографија со цел за нејзина дистрибуција или ја пренесува или ја нуди или на друг начин ја прави достапна детската порнографија, ќе се казни со затвор од најмалку пет години.

(2) Тој што набавува детска порнографија за себе или за друг или поседува детска порнографија, ќе се казни со затвор од пет до осум години.

(3) Ако делото од ставовите (1) и (2) на овој член е сторено преку компјутерски систем или друго средство за масовна комуникација, сторителот ќе се казни со затвор од најмалку осум години.

Каде потфрливме?

„Активностите“ на оваа група предизвикаа голема загриженост во јавноста, особено кај родителите. Одредени коментари пак се во насока на тоа дека треба да не загрижи фактот што младите девојчиња се сликале разголени и таквите слики јавно ги објавувале. Од Министерството за труд и социјална работа пак апелираа до сите родители кои имаат информација дека нивните деца биле изложени и биле дел од оваа група да се обратат до центарите за социјални работи.

Дел од стручната јавност смета дека надлежните институции, особено Министерството за образование, имаат обврска да ги најдат причините на ова однесување, да ги именуваат и пред се да ги заштитат сите вакви жртви.

Професорот по социологија Ѓорги Тоновски вели дека овој случај укажува на низа недостатоци и празнини во системот.

„Сето ова упатува не само на проблемите на институциите кои се занимаваат со едукација и социјализација, туку и на проблемот на социјалните мрежи, нивната контрола врз нив и проблемот на културата на неказнување која постојано ја негуваме, а не ни треба, на културата на неодговорност која исто така ја негуваме, а не поткопува како држава, како општество, како земја која има аспирации да стане членка на ЕУ. Ако навреме се реагира за сите проблеми на социјалните мрежи, што не е случај во Македонија, мислам дека и овие деца ќе водеа сметка за тоа и немаше да се впуштаат во ваков „авантуризам“, вели профeсор Тоновски.

Според Кордалов, секоја неинформираност на малолетниците во однос на предизвиците кои ги носат социјалните мрежи се резултат и на одговорноста на возрасните.

„Промената мора да започне од дома, сигурноста мора да започне од дома, инклузивноста и правото на избор мора да започне од дома и тие мора да бидат запознаени за сето она што се случува. Ние денеска зборуваме за случај кој стигнал до бројка над 7000 луѓе. Значи дека сме потфрлиле, сме потрошиле многу денови, часови, можеби месеци за да видиме што е она што се случува околу нас“, вели Кордалов.

Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека групата била креирана многу брзо и за многу кратко време собрала толкав број учесници. Дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Санела Шкирељ истакна дека се работи координирано со Министерството за внатрешни работи и со Министерството за образование и дека во моментов немаат пријава од родители дека нивно дете било злоупотребено за вакви цели.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG