Достапни линкови

Македонската шесторка на Москва


Путиновите луѓе во Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:12 0:00

Путиновите луѓе во Македонија

Москва секогаш има посебни тимови кои ги водат сите операции на Балканот, а со тоа и во Македонија. Дел од членовите на тие тимови ѝ станаа познати на јавноста откако Кремљ ги засили акциите и откако влегоа во извештаите на истражувачките новинари и аналитичари и во досиеата на безбедносните служби.

Според документи од разузнавачките служби во Македонија, Црна Гора, Косово и БиХ како најактивни поддржувачи и спроведувачи на московските директиви се издвојуваат десетина лица, државјани на земјите од регионот, но и директни емисари од Русија. Тие се поранешни или актуелни разузнавачи, лидери на политички партии, дипломати, почесни конзули, раководители на невладини организации, филозофи... Нивната заедничка цел, како и целта на сите руски агенти е поткопување на западните демократии и прекин на нивните односи со земјите аспиранти за НАТО и ЕУ, како што се Македонија, Црна Гора, Косово, а за таа цел, како што вели шефот на британската разузнавачка служба МИ5, Ендру Паркер, се служат со посебна доктрина.

„Русија сега добро ја практикува доктрината на мешање на медиумската манипулација и дезинформациите на социјалните мрежи заедно со стари и нови форми на шпионажа, високо ниво на сајбер напади, воена сила и насилничко кривично однесување, е она што овие денови се подразбира под поимот хибридна војна“, вели Паркер.

Кои се тие луѓе на Балканот, а со тоа и во Македонија, според извештаи на истражувачките центри и новинари и разузнавачките служби на земјите од регионот?

1. Соколот од Кремљ

На врвот на путиновата балканска пирамида е неговиот човек од доверба Николај Патрушев, соколот од Кремљ, разузнавач од кариера и путинов поранешен колега во разузнавањето. Патрушев е актуелен шеф на Советот за безбедност на Русија и важи за еден од најблиските соработници на рускиот претседател, кога се работи за ширење на руското влијание кај земјите аспиранти за НАТО и ЕУ.

Според политичкиот аналитичар и познавач на руските политики на Балканот, универзитетскиот професор Марк Галеоти, Патрушев е познат по својот огнен национализам, конспиративен поглед на светот и големо шпионско искуство. Според западните аналитичари и дел од западните медиуми, тоа е човекот на Путин кој е одговорен за сите балкански операции, од мека моќ, преку пропаганда, па се до остри мерки. Истражувачката мрежа ОЦЦРП и поголем број медиуми го ставија Патрушев во центарот на приказната по „обидот за пуч во Црна Гора и обидот за атентат врз претседателот Мило Ѓукановиќ“, кога, според тие пишувања, лично Патрушев, со дипломатски лет, наводно ги извлекол главните руски играчи од Црна Гора. Според истите истражувања, ни најмалата акција во Македонија, Црна Гора, БиХ, Косово... не може да помине без негов мониторинг.

2. Агентот на БИА

На листата е и Горан Живаљевиќ, висок службеник на српската Безбедносно информативна агенција и поранешен офицер за врски во Српската амбасада во Скопје. Според извештајот на македонската УБК од 2017 година, објавен од балканската истражувачка мрежа ОЦЦРП, за Живаљевиќ од 2015 година „постојат индиции дека се занимава со разузнавачка дејност што се коси со дипломатската дејност“, а според разузнавачки документи до кои дошла истата истражувачка мрежа, како што стои во аналитичката белешка на македонската УБК од март 2017 година, „македонските агенти го следеле Живаљевиќ и документирале дека од 2015 година работел на отпорот против интеграцијата на Македонија во Европа“. Овој српски разузнавач на македонската јавност ѝ е познат и од насилствата во Собранието од 27 април, но остана отворено прашањето во кое својство бил во македонскиот Парламент. Во извештајот на УБК, објавен од ОЦЦРП, се наведува и тоа дека наводно „Живаљевиќ му давал упатства на проруски ориентиран македонски пратеник, лидер на партија која е коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ“.

3. Почесен конзул

Дел од истражувачките центри на оваа листа го ставаат и Сергеј Самсоненко, најпознатиот руски бизнисмен во Македонија, поради, како што објави Балканската истражувачка мрежа за организиран криминал, наводите дека со градењето руски цркви во Македонија бил дел од обидите на Кремљ за руско влијание во Македонија преку црквата и религијата. Тој е и почесен руски конзул во битолскиот руски почесен конзулат, кој според извештајот на УБК објавен од ОЦЦРП за руско делување во Македонија, е посочен наводно како еден од „изворите на проруските активности во Македонија“. Кабинетот на Самсоненко ги демантираше таквите наводи како „обид за негова дискредитација“.

4. Поранешен разузнавач, сегашен политичар

Јанко Бачев, поранешен разунавач, сегашен политичар. Според едни, небитна политичка фигура, но според други, како што е еден од најпопуларните американски информативни портали „Дејли бист“, тој е московскиот човек во Македонија. За истиот медиум Бачев изјавил дека е против НАТО и дека „не е загрижен за обвинувањата дека е агент на Кремљ“. Лидер е на проруската партија „Единствена Македонија“, пандан на путиновата “Единствена Русија“ и отворено се залага против македонскиот влез во НАТО и ЕУ и се бори за зачленување на Македонија во Евроазиската унија. Тој е човекот кој во Скопје му беше домаќин на рускиот националист и идеолог на рускиот панславизам Александар Дугин, а во моментов е актуелен како еден од предводниците на движењето „Македонија блокира“ кое е против уставните промени согласно Преспанскиот договор.

5. Професорот

Професорот Стефан Влахов Мицов до неодамна беше висок функционер на партијата на Јанко Бачев, „Единствена Македонија“, но се повлече по кавгата со лидерот и по нивните меѓусебни обвинувања „кој за кого шпионирал и кој чии пари трошел“.

Мицов прв пат јавно беше поврзуван со руските интереси кога во Скопје беше во друштво со рускиот иделог Александар Дугин, а потоа и по промоцијата на проруаката партија. Со „Единствена Македонија“ се раздели кога Бачев го обвини „дека работи за УБК, а тој му врати дека парите што ги земал од Русите не ги трошел за целите на партијата“.

6. Родионов и неговото движење РУСОВ

Русинот Андреј Радионов е основач и лидер на Меѓународното општествено-политичко движење „Руско-славјанско обединување и преродба РУСОВ“. Неговото движење РУСОВ се залага за „обединување на сите Словени во единствен сојуз на независни словенски држави околу рускиот народ, Големата Русија и духовните традиции на древната Русија“.

Според дел од западните медиуми, Родионов важи за проруски милитант, иако тој во неколку наврати го негира тоа на социјалните мрежи. Според неофицијални информации од полициски извори, а и според фотографии објавени јавно на социјалните мрежи, Родионов бил во Македонија повеќе пати како дел од неговата „обединувачка“ мисија на Балканот. Неофицијално, имал средби и со Стефан Влахов Мицов, кој и покрај неколкуте јавни прозивки дека се сретнал со Родионов, не одговара. Родионов, иако беше демантирано, неодамна во некои македонски медиуми се поврзуваше и со предхристијански тотеми на скопско Водно, со кои тој наводно се фотографирал и кои беа спомнувани во контекст на извршување верски ритуали на проруски организации и движења во Македонија.

XS
SM
MD
LG