Достапни линкови

Владата го осуди говорот на омраза на лидерот на „Единствена Македонија“


Прес-конференција на портпаролот на Влада, Миле Бошњаковски. (архива)

Владата денеска го осуди, како што се наведува, „говорот на омраза и омаловажувањето на етничка основа во изјавите на „претставниците на политичките структури кои имаат задача да ја бојкотираат иднината на Македонија“, реагирајќи на вчерашната изјава на Јанко Бачев, лидерот на проруската партија „Единствена Македонија“.

„Македонија е демократска земја во која изминативе децении не се случило политичар јавно и преку медиуми да користи изрази кои омаловажуваат граѓани со погрдни зборови на етничка основа. Ваквото ширење омраза е штетно за демократијата, штетно за државата и за граѓаните, истото треба да биде осудено и изолирано од сите чинители во општеството. Очекуваме дека надлежните институции ќе преземат соодветни чекори со цел ваков речник да не се повтори“, изјави за Радио Слободна Европа, владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Тој додаде дека Владата ги повикува политичките субјекти во земјава, вклучувајќи ја и опозицијата, да се изјаснат и да го осудат овој „недемократски чин полн со омраза“.

„Ваквите појави покажуваат за каква Македонија се залагаат структурите кои имаат задача да ја бојкотираат иднината“, вели Бошњаковски.

Бачев, лидерот на „Единствена Македонија“, партија пандан на путиновата „Единствена Русија“, вчера, на протест пред Владата, албанските партии во Македонија ги нарече „шиптарски“.

„Амбасадорот Бејли и шиптарските партии веќе најавуваат војна во Македонија“, рече Бачев, на протестот пред Владата, на кој неговата партија „побара пари и од даночните обврзници Албанци за кампања против референдумот закажан за 30 септември“.

Претходно и Страшко Олумчев, еден од лидерите на т.н. Кризен штаб кој треба да ја предводи кампањата за бојкотирање на референдумот за Договорот со Грција, употреби слична реторика на потпишувањето на Меморандумот против референдумот, кога се повика на лажна вест објавена од еден македонски портал.

„Зоран Заев, кој сам даде изјава дека е православен шиптар и дека нема македонско потекло, не ништи постепено“, рече Олумчев на потпишување на Меморандум против референдумот.

XS
SM
MD
LG