Достапни линкови

Руско влијание – пари, фудбал и идеологија


Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, се качи на полициско возило, веејќи македонско и руско знаме на протестите против промена на името на 17 јуни 2018

Навивачките групи на спортски клубови секогаш биле интересна група за вршење некакво социјално влијание. Премиерот Зоран Заев вчера обвини дека грчки бизнисмени со проруски ставови им плаќале на Комитите да предизвикаат немири на протестите против промена на името.

Малку спортски клубови, малку медиуми, малку инвестиции во бизнис, лажни вести и дезинформации на социјалните мрежи и многу јавање на бранот на панславизмот и православното братство, како и искористувањето на контрадикторните ставови на европските земји за проширувањето се рецептот за зголемување на руското влијание на Балканот. Дел од оваа стратегија Москва ја користи за засилување на своето влијание и во западните земји.

Русија не крие дека се противи на проширувањето на НАТО, а со тоа и на зачленувањето на Македонија во Алијансата. Аналитичарите велат дека Москва ќе делува и дипломатски, но и со други средства, ако не може да спречи, тогаш барем да го одложи зачленувањето на Македонија во НАТО.

Спортот како начин за социјално влијание

Инвестициите во спортски клубови се погоден начин за пробив во една земја затоа што на тој начин се зголемува угледот на инвеститорот, особено во посиромашни земји, и се добива влијание врз навивачките групи кои често се политички злоупотребувани.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски вели дека онаму каде што имаат бизнис интереси, руските бизнисмени најчесто ја поддржуваат руската официјална политика, но оти тоа не значи дека извршуваат нарачки од Кремљ.

„Фудбалските клубови се собиралиште на луѓе кои се често присутни на протести и затоа се интересни за какво било социјално влијание. Најчесто, оние кои се заинтересирани да извршат некакво социјално влијание преку протести, собири и други, условно речено, полугерилски активности, секогаш ги таргетираат фудбалските клубови затоа што, прво има многу луѓе кои се на располагање, тие се релативно подготвени лесно да излезат на протести и имаат силна хиерархиска структура, релативно едноставно се договараат преку нивните водачи. Руските бизнисмени, онаму каде што имаат интереси, најчесто ја поддржуваат официјалната руска политика, така што тоа мислам дека може да се поведе во таква конотација, но не можеби дека е тоа некаква директна стратегиска улога на бизнисмените по нарачка од Кремљ“, вели Арсовски.

Со оглед на тоа што руските инвестиции во Македонија се скромни, Москва ги користи останатите „поевтини“ алатки за зголемување на влијанието во Македонија. Во земјава се отворени над 30 здруженија за Македонско-руско пријателство, се гради руска црква, а беше отворен и културен центар.

Грција деновиве протера двајца руски дипломати кои наводно поткупувале локални функционери во северна Грција, свештеници и граѓански и крајно десничарски организации за да го засилат противењето на Договорот за името меѓу Македонија и Грција и да спречат членство на земјава во НАТО. Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека грчки бизнисмени со проруски ставови им плаќале на членови на навивачката група Комити да предизвикуваат нереди во Македонија на протестите против промена на името. Тој не ги именуваше бизнисмените, но Истражувачката мрежа за организиран криминал и корупција објави дека се работи за грчкиот милијардер Иван Савиди, поранешен пратеник во руската Дума од партијата Единствена Русија на претседателот Владимир Путин и сопственик на грчкиот фудбалски клуб ПАОК од Солун. Руската амбасада во Скопје ја оцени изјавата на Заев како неодговорна и русофобна. Савиди, познат и како Савидис, негираше вмешаност и најави тужби за новинарите кои ја објавија приказната. Тој е косопственик на Солунското пристаниште, а негови се и весниците Етнос и Имерсија.

Сопственик на фудбалскиот клуб Вардар, чии навивачи се Комитите, пак, е рускиот милионер Сергеј Самсоненко, кој живее во Македонија, инаку сограѓанин на Савиди од Ростов на Дон.

Светските новински агенции за насилните протести во Македонија и Грција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:27 0:00

Европски предупредувања за засилување на конфликтите

Европскиот совет за надворешни работи пред неколку месеци предупреди на „руска бура“ на Западниот Балкан против ЕУ и НАТО. Според нивниот извештај, руската стратегија ќе се базира на три класични стратегии - Раздели, па владеј, придобивање на елитите и искористување на нереалните очекувања.

Првата стратегија подразбира засилување на конфликтите, што на Балканот и не е тешко, имајќи ги предвид историските ривалства. На темите кои може да ја засилат конфликтноста, а не се од директен руски интерес, Москва не мора да заземе страна, туку поверојатно ќе ги поддржува двете страни за да се обиде да го разгори и онака постојниот конфликт меѓу нив. Американските разузнавачки служби лани открија дека „руски тролови“, односно платени коментатори на социјалните мрежи ја разгорувале расната дебата во САД, истовремено поддржувајќи ги двете страни.

Слична приказна се случи во Германија, кога руските медиуми објавија приказна дека мигранти киднапирале и силувале 13-годишно руско девојче кое беше исчезнато 30 часа. Во приказната се вмеша и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а темата го поларизираше германското општество во односот кон мигрантите. На крај се испостави дека девојчето не било ниту киднапирано, ниту силувано, туку времето го поминало кај свој 19-годишен пријател.

Втората стратегија за придобивање на елитите, барем во Македонија, главно не успева и покрај повремените кокетирања, со оглед на тоа што главните политички партии, барем декларативно, се залагаат за членство на Македонија во НАТО. Таа стратегија успева во Босна и Херцеговина и во Црна Гора, каде што дел од големите политички партии се против ЕУ и НАТО и проруски ориентирани. Пред приклучувањето на Црна Гора во НАТО дури имаше и обид за државен удар за кој беше обвинета Русија. Сепак, во последно време во Македонија се појавуваат мали политички партии со отворена проруска и анти-евроатлантска ориентација како што е партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев.

Третата стратегија за искористување на нереалните очекувања ги искористува не само честопати наивните амбиции на балканските земји за членството во ЕУ, туку, исто така, и до неодамна непрецизните сигнали од Брисел за тоа колку го сака Балканот во своето јато.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG