Достапни линкови

Коронавирусот се шири низ Европа, стигна и на Балканот


Италија- жена со медицинска маска на карневал во обид да го спречи ширењето на коронавирусот
Италија- жена со медицинска маска на карневал во обид да го спречи ширењето на коронавирусот

Хрватска и Австрија денеска соопштија дека ги имаат првите потврдени случаи на коронавирус на нивна територија. Бројот на заболени во Италија расте, а во Иран коронавирус доби и заменик-министерот за здравство.

Коронавирусот, од кој во Европа најмногу заболени има во Италија, почна да се шири и во други европски земји. Се повеќе заболени има и во Италија каде што се регистрирани првите случаи во Тоскана и Сицилија. Премиерот Џузепе Конте го обвини слабиот менаџмент во болниците на северот од земјата, кој, како што рече, довел и до тоа да има седум жртви од коронавирусот.

Во Тоскана се регистрирани првите два случаи, од кои едниот во туристичката дестинација Фиренца и еден на Сицилија, кој е турист од Ломбардија, северната италијанска област во која досега се потврдени 283 случаи на коронавирус, а седум починаа. На територија на цела Италија досега се потврдени 283 заболени.

И Хрватска денеска го потврди првиот случај на коронавирус на своја територија со што стана првата балканска земја до која дојде овој вирус. Премиерот Андреј Пленковиќ рече дека пациентот е хоспитализиран во болница во Загреб.

„Се работи за помлад човек со лесни симптоми. Тој е во изолација и се наоѓа во добра кондиција во моментов“, рече Пленковиќ.

Министерот за здравство Вил Берош рече дека заболениот бил во италијанскиот град Милано од 19 до 21 февруари.

Австрија пријави први случаи

Уште една соседна држава на Италија, Австрија, ги регистрираше првите заболени од коронавирусот. Се работи за двајца заболени кои живеат во австриската провинција Тирол, која се граничи со Италија, и се претпоставува дека се заразиле од регионот Ломбардија.

Во Шпанија, пак, хотел во Тенерифе со 1000 гости е во карантин откако беше потврден еден случај на заболен од коронавирусот, јавија шпанските медиуми. Полицијата го надгледува хотелот во Адеџе, кој се наоѓа на југозападот на канарскиот остров, се додека сите лица не ги поминат тестовите. Поради ваквата ситуација закажан е и состанок во Рим на министрите за здравство на Австрија, Франција, Словенија, Швајцарија, Германија и Хрватска.

Од Европа, според досега потврдени случаи има 16 во Германија, 12 во Франција, 13 во Обединетото кралство, тројца во Шпанија и по еден во Белгија, Шведска и Финска.

Експерти: 40 до 70 отсто од светот би можел да биде инфициран со коронавирус

Во меѓувреме, откако вирусот се прошири и надвор од Кина, светски здравствени експерти предупредуваат дека коронавирусот е надвор од контрола.

Мајкл Остерхолд, директор на Центарот за инфективни заболувања на Универзитетот во Минесота вели дека можноста за задржување на вирусот е загубена одамна и дека сега светот се наоѓа на непозната територија. Според Марк Липстич, професор на Универзитетот Харвард ситуацијата со коронавирусот не може да биде локализирана.

Во интервју за Атлантик објавено вчера тој предвидува дека 40 до 70 отсто од светското население може да биде заразено од коронавирус до следната година, иако вели голем дел од луѓето би имале лесни симптоми или воопшто би немале.

Во Иран заболен и заменик министерот за здравство

Иран е меѓу најпогодените. Во таа земја и заменик министерот за здравство Ираџ Хариџи се разболе од коронавирусот. Според властите во земјата има вкупно 95 потврдени случаи, а 16 починати.

Турција одлучи да стави во карантин повеќе од сто Турци кои се вратија во земјата од Иран. 132 патници беа евакурани од Техеран во Анкара како дел од владината операција за евакуација на нивните државјани.

Патниците и екипажот се префрлени во болница во Анкара за првични тестови, а потоа ќе бидат ставени во карантин, соопштија здравствените власти. На нивна територија, пак, засега нема потврдено ниту еден случај на заболен од коронавирус.

Обединетите Арапски Емирати, каде то има 13 заболени, ги суспендираа сите летови кон Иран. Јужна Кореја се уште е на второ место по заболени во светот. Таму се регистрирани 977 потврдени случаи и 11 починати. Во првата по бројот на заболени, Кина, од каде што и почна вирусот лани во декември досега се регистрирани 77 000 случаи на коронавирус, а 2 600 починаа. Во 40 други земји во светот се регистрирани вкупно 2,700 заболени.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе побара 2,5 милијарди долари за борба против епидемијата на коронавирусот. Дел од парите ќе бидат потрошени за развивање на вакцина, а дел за поддршка на подготвеноста, одговорот и набавување на опрема и средства за справување со заболувањето. Во таа земја досега има 35 потврдени случаи на коронавирус.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG