Достапни линкови

Не паника, туку превенција од коронавирусот


Скенирање патници со термална камера на меѓународниот аеродром Скопје.

Нема вакцина за коронавирусот, па најдобра заштита од него е превенцијата. Луѓето треба да избегнуваат места со гужви, да кашлаат и киваат во шамивче, да мијат раце откако ќе се ракуваат до друг, да стојат понастрана од тие што кашлаат или киваат. СЗО прогласи глобална вонредна состојба поради коронавирусот, светските научници бараат лек, а Македонија се приклучи кон земјите кои спроведуваат превентивни мерки за спречување на ширењето на оваа зараза.

Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба на глобално ниво, откако бројот на случаи на заболени со новиот коронавирус се зголеми за повеќе од десет пати за една недела. Додека во Кина секојдневно се зголемува бројката на починати и заразени со коронавирусот, во Македонија здравствените власти апелираат дека нема причина за ризик или паника. Но, следејќи ги препораките од Светската здравствена организација се преземаат превентивни мерки за заштита од овој вирус. Една од тие мерки е скенирањето на патници со термална камера на меѓународниот аеродром во Скопје. Македонија нема директни летови со регионот Вухан во Кина, од кадешто потекна вирусот, но затоа се проверуваат патниците кои во земјата доаѓаат од Истанбул и Дубаи, оти од овие градови има директни летови до кинескиот регион од кадешто се прошири заразата.

Екипа на Радио Слободна Европа беше на аеродромот Скопје кога пристигнаа патници со вечерен лет од Истанбул. Дневно од Истанбул до Скопје има од два до три лета во зависност од денот, а од Дубаи летови има двапати неделно.

Пред скалите од кадешто доаѓаат патниците од Истанбул и Дубаи на аеродромот е поставена термалната камера со која ракуваат екипи од Центарот за јавно здравје. Доктор Сандра Петковска вели дека камерата проверува дали патниците имаат покачена температура.

„Сите оние кои во моментот ќе имаат покачена температура, ќе им биде извршена епидемиолошка анкета, дали биле во контакт со некој пациент или со ризично лице и доколку има потреба ќе се преземат понатамошни мерки“, вели доктор Петковска.

За патниците има и летоци со информации за вирусот и каде да побараат лекарска помош. Доколку има сомнителен патник се носи во собата за изолација која е во близина на термалната камера.

„Сите оние кои нема да покажат покачена телесна температура на оваа прва „борбена зона“, односно пред камерата им се даваат напаствија дека доколку потоа пројават знаци на покачена температура, значи слични на грип, да се јават на Инфективната клиника“, вели доктор Петковска.

Се заканува ли глобална епидемија од коронавирус?
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:05 0:00

Македонските здравствени власти апелираат дека нема простор за паника во земјава од коронавирусот.

„Тоа што го направивме е подготовка за нешто што сè уште немаме видлив и сериозен ризик дека тоа може да се случи кај нас, тоа се голем број заболени од коронавирусот, но го подготвивме целокупниот здравствен систем во однос на кадар, инфраструктура, опрема, како и за точно одредување на локациите коишто, евентуално, би биле потребни за хоспитализирање пациенти. Сакам да кажам дека сме чекор или два понапред и дека сме целосно подготвени да се справиме со овој предизвик, иако ќе повторам далеку сме од тој ризик“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да не конзумираат храна направена од болни животни, да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната, а при подготовка на месо и јајца тие убаво термички да се обработат.

Од Министерството потенцираат дека треба да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари односно задолжително да се носат заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло. Здравствените власти апелираат да се избегнува незаштитен контакт со болни, како и незаштитен контакт со домашни или диви животни, задолжително и често да се мијат рацете со сапун, а при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката.

Пациентите со овој вирус може да поминат и со полесни последици, но тие што се постари, со намален имунитет и пациенти со хронични болести може да поминат и потешко, а не се исклучуваат и смртни последици.

„За овој коронавирус се прават напори СЗО да обезбеди вакцина за наредна една година. Засега не постои вакцина за овој вирус, народот тоа мора да го знае поради тоа што голем дел од нив велат – па и да се разболам ќе ме вакцинираат. Не постои вакцина, превенцијата е најдобра заштита во овој момент“, изјави епидемиологот, доктор Жарко Караџовски.

Од Министерството за надворешни работи соопштија дека во Кина има околу 100 македонски државјани кои таму престојуваат легално, а конзуларното претставништво таму е во постојан контакт со нив. Во Амбасадата на Македонија во Кина не е пријавен ниту еден случај на наш државјанин заболен со коронавирусот. Исто така, нема пријавени наши државјани кои се наоѓаат во пошироката зона со рестриктивни мерки за движење на кои им е потребна помош.

Коронaвирусот го затвора светот

Кинескиот град Вухан, каде што е концентрирана болеста, и уште неколку градови во централната кинеска провинција Хубеи се под блокада. Кина полека станува карантин зона од која не може да се излезе, а препорачливо е да не се патува таму.

Гоце Атанасов

Додека светот со страхување реагира на ширењето на новиот коронавирус од Кина, апликацијата за стратегиска симулација „Plague Inc.“ се појави на врвот на графиконите за преземање во многу земји низ целиот свет, вклучувајќи ја и Кина. Играта е објавена во 2012 година и им овозможува на корисниците да создадат и да развијат отров за уништување на светот. Леон Харли, вака го објаснува неодамнешното воскреснување на играта.

„Прво, тоа е начин да се соочите со ситуацијата со малку хумор. Тоа исто така е начин за непосредно соочување со ситуацијата, така што не мора да се соочите со вистинската можност за епидемија во реалниот живот“, вели тој.

Професорот за заразни болести и епидемиологија Марк Вулхаус верува дека одредени клинички фактори може да значат дека коронавирусот може да прерасне во голема епидемија. Вулхаус, кој е професор на Универзитетот во Единбург, смета дека клучните фактори за утврдување колку сериозен е короновирусот се: каде најмногу ќе се пренесе надвор од Кина и колку време е потребно вирусот да почне да покажува симптоми откако некој ќе се зарази. Тој оценува дека времето помеѓу инфекциите, наречено „време на генерирање“, за овој вирус е „релативно кратко“, што значи дека може да има негово мултиплицирање на случаите на секои две недели. Вулхаус, исто така, тврди дека ширењето на вирусот може да биде „многу тешко да се задржи“ ако преносот се случи пред луѓето да развијат симптоми, бидејќи ќе биде потешко да се идентификува кој треба да биде во карантин.

„Проценката на стапката на смртност се заснова врз случаите што им се пријавени на здравствените власти во Кина. И прашањето е, тоа емногу важно прашање, дали има и дополнителни случаи, можеби и илјадници дополнителни случаи што во суштина се субклинични“, вели тој.

Според професорот Вулхаус, четирипроцентна смртност е всушност многу висока.

За разлика од него, американскиот медицински експерт, професор Ерик Рубин, смета дека новиот вирус не бил толку смртоносен како претходните, на пример САРС-от пред седумнаесет години. Според него, сегашната пријавена ниска стапка на смртност е „охрабрувачка“ вест.

„Вирусот се чини дека не е толку смртоносен како некои од претходните коронавируси. Тоа е: многу луѓе се заразени, но многу малку од нив умираат или се разболуваат многу сериозно. Ако ова испадне вака, тоа би било многу охрабрувачки резултат“, вели тој.

Првичните симптоми на вирусот можат да бидат оние на настинка и грип, вклучувајќи кашлица, треска, стегање во градите и останување без здив, но може да се влошат до пневмонија.

„Останете настрана од луѓето кои кашлаат. Тоа е, тие најверојатно пренесуваат сè што имаат. Мислам дека нормалните мерки на претпазливост што ги користиме - миење раце - веројатно се добра идеја. Дали тие ќе помогнат со овој посебен вирус или не, не знаеме, но мислам дека преземањето на тие вообичаени мерки на претпазливост би било важно“, вели тој.

Во семејството коронавирус се и обичната настинка, како и вируси кои предизвикуваат посериозни заболувања, на пример САРС (сериозен акутен респираторен синдром) и МЕРС, за кој се смета дека потекнува од камили.

Постои сомневање дека избувнувањето на коронавирусот во кинеската провинција Вухан започнало од диви животни кои се продаваат на пазарот во градот. Како што се шири смртоносниот коронавирус, се интензивираат напорите за изнаоѓање лек кој ќе се справи со него.

Професорката од Северозападниот универзитет Карла Сатчел е еден од научниците ширум светот која е вклучена во тоа. Таа води тим на научници кои ја испитуваат структурата на коронавирусот за да разберат како да спречат да се реплицира во човечките клетки.

„Она што го прави коронавирусот посебен предизвик е дека, како и сите вируси, тој има капацитет да се промени. И така, како што знаеме за сродните вируси како САРС, не секогаш ни кажува точно како да ги лекуваме или спречуваме заболувањата кај луѓе кои би можеле да бидат заразени од овој коронавирус“, вели таа.

Сатчел и нејзиниот тим ја мапираат структурата на некои од 28-те протеини во вирусот за да видат каде лековите можат да бидат ефикасни во, како што вели, машинеријата на вирусот. Протеините од коронавирусот се од 70 до 99 проценти идентични со оние во САРС-от.

Сатчел вака ја објаснува појавата на вирусот и како тоа може да спречи.

„Машините што ги сочинуваат вирусните честички имаат многу различни функции. Одличен пример би бил ако сте фабрика, вие може да имате многу различни машини што би се користеле за производство на пример на автомобил. И ако можете да ги блокирате тие машини да функционираат, може да блокирате автомобилот да биде монтиран. На ист начин функционира вирусот“, вели таа.

Сатчел додава дека она што ја плаши е што вирусот е сосема нов, а со тоа и има многу непознати работи:

„Она што ме плаши околу новиот коронавирус е тоа што во секое време кога имате нешто ново, имате само многу непознати. И не знаеме колку брзо се шири и не знаеме колку ќе биде заразен, ако се прошири низ целиот свет“, вели таа.

Освен изградбата на две болници за неколку дена за илјадниците пациенти, во Кина под своевиден карантин се најмалку 10 градови со неколку десетици милиони луѓе.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG