Достапни линкови

Здравствените власти конечно го кренаа алармот за корона вирусот


Коронавирус.
Коронавирус.

Поради ширењето на коронавирусот во Италија се зајакнува контролата на граничните премини и на двата аеродрома. Од МНР велат дека нема информација за наши граѓани во Италија кои се заболени. Лекарите велат дека можно е ризикот да се намали, но и оти кога станува збор за респираторен вирус целосна заштита не е можна.

Од денеска се зајакнува контролата на сите гранични премини на кои патници ќе бидат прашувани од каде доаѓаат, а засилена е контролата и на двата аеродрома во Македонија. До ова доаѓа по денешниот состанок на Комисијата за заразни болести на која беа донесени новите мерки откако во Италија во саботата беше регистрирана првата жртва, а досега 190 лица се новинфицирани од вирусот Корона.

Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, на граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба. На Скопскиот аеродром со термалната камера ќе се следат сите патници, а не само како досега оние што пристигнуваа од Дубаи и Истанбул. Температура на патниците ќе им се мери и на аеродромот во Охрид.

Тој информираше дека на Инфективната болница во Скопје има еден дел кој е наменет за карантин, но ако има потреба на располагање ќе бидат ставени и други здравствени објекти.

"Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Инфективните клиники во Скопје и во Куманово. Во земјава има доволно реагенси за тестирање на коронавирусот“, изјави Филипче.

Денеска во земјава од Кина пристигнале и двајцата вработени од компанијата Синохдро кои работат на патиштата. Министерот Филипче рече дека тие немаат симптоми на коронавирус но оти им е направено тестирање и се очекуваат резултати.

Состанокот на Комисијата за здравство на кој беше разгледана најновата ситуација во Италија се одржува по два дена откако беше регистрирана првата жртва во регионот Венето со што вирусот пристигна на европско тло.

МНР препорачува претпазливост при патувања во Италија

Од министерството за надворешни работи информираат дека до овој момент нема информација за наши граѓани кои се заболени во Италија, повикувајќи се на информации добиени од конзулатот во Венеција.

Во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија -Ромања престојуваат околу 23 илјади државјани на Македонија, велат од МНР и наведуваат дека подетални информации околу развојот на состојбите тие може да добијат во конзулатот.

По примерот на некои од соседните земји кои веќе препорачаа внимателност при патување и македонското министерството за надворешни работи советува зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во овој период.

Како што е познато италијанската влада изолира околу 10 тина градовите каде што се појави епидемијата.

Кај респираторен вирус целосна заштита не е можна

Професор доктор Никола Пановски вели дека Македонија треба да дејствува и да преземе мерки за да се намали ризикот од ширење на коронвирусот, но оти заразата не може физички да се спречи. Тој додава дека кај вирус што се шири по респираторен пат целосна заштита не е можна.

Пановски кој е мокробилог вели дека симпотимите кои ги покажува вирусот се слични на грип и неговото размислување е дека дека ширењето на вирусот може да се случи и пред луѓето да развијат симптоми.

"Тежок е одговорот. Не е ова ебола па крварел итн, или има осип, ова се луѓе мора да патуваат, може некој и да има температура 37, а може и да нема температура, многу има шареноликост кај симптомите за да може тоа физички да се спречи, но може да се намали ризикот. Еве сите манифестации се откажани во тој дел на Италија тоа ќе се случи и кај нас ако се појават случаи", вели професорот Пановски.

Десетина градови во Ломбардија, за кои се смета дека се во центарот на избувнувањето на вирусот се изолирани. Станува збор за околу 50.000 жители. Властите ги затворија училиштата како и повеќето продавници, а јавните активности се откажани.

Пановски смета дека ширењето на вирусот нема да биде лесно да се задржи со оглед на отвореноста на границите во Европа за разлика од Кина каде што најпрвин се појави жариштето.

„Европа со својата бирократија и демократија и отвореносот на границите тешко ќе се справи како Кина каде има една партија која издава наредба. Тешко дека може цело Милано да го затворат. Во северна Италија може да се види дека ги изолираат областите околу жариштето. Огромните милионски градови не ги блокираат зашто ќе биде економски лошо, ќе има протести, нема да се почитува, не е ова Кина. Тешко во Европа тие методи до крај да спроведат. Инаку респираторна болест е се движи преку респираторен тракт. Замислете на аеродром во Милано дека се сретнале 100 илјади луѓе меѓу себе. Како ќе го спречите тоа"вели професорот Пановски

Пановски вели дека невозможно е и со контроли на граничните премини целосно да се спречи ширење на вирусот.

„Кој стручњак ќе ги контролира, кој е тој што ќе открие дека тие имаат нешто во време на настинки и грипови. Ние имаме неделно 5700 пациенти со грип, и најмалку уште 20 илјади кои не биле на доктор. Од тие 5700 двајца до тројца имаат направено лабраториско испитување, за другите се сомневаме дека имаат грип според клиничка слика. И сега добивате болест слична на таа, како ќе ја разликуваме на граница каде поминуваат автомобили, кој тоа ќе го направи таква служба не постои во светот „ вели професорот Пановски.

Првичните симптоми на вирусот можат да бидат оние на настинка и грип, вклучувајќи кашлица, треска, стегање во градите и останување без здив, но може да се влошат до пневмонија.

Пациентите со овој вирус може да поминат и со полесни последици, но тие што се постари, со намален имунитет и пациенти со хронични болести може да поминат и потешко, а не се исклучуваат и смртни последици.

Но, теоретско прашање е дали некој од пациентите во Македонија веќе нема коронавирус, вели тој.

"Од кој знаеме дека некој од нашите нема коронавирус, има пациенти кои имаат температура другите кашлаат. Кој ќе откри дека кај нас не е влезен. Теоретски може да е влезен Кој е тестиран, треба да е дојден од Кина, па да го тестираат. Има секој ден по илјада до две илјади луѓе кои имаат симптоми што личат на грип или на тој вирус зато што се слични. Ни на грип не се тестира, треба да има епидемиошко сомневање. Кога ќе дојде тежок случај тогаш се тестира, како во Италија. Кога умрело лицето тогаш виделе дека има коронавирус", вели Пановски

Епидемијата, која започна во централниот кинески град Вухан, однесе најмалку 2350 животи во Кина а заразени се над 76.000 луѓе.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG