Достапни линкови

Вести

ДПА ги претстави кандидатите за пратеници, Тачи носител во шестката

Лидерот на ДПА Мендух Тачи.
Лидерот на ДПА Мендух Тачи.

Демократската партија на Албанците (ДПА) ќе има кандидатски листи во пет од шесте изборни единици, рече на денешната конвенција во Тетово претседателот на партијата Мендух Тачи. Тој ги претстави кандидатите за пратеници за претстојните парламентарни избори, кои треба да се одржат на 12 април. Носител на листата со кандидати за пратеници во шестата изборна единица е Тачи. Во првата изборна единица носител на листата со кандидати за пратеници е Ниметула Демири, а во втората Орхан Ибрахими. Прв од кандидатите во третата изборна единица е Сами Рушити, додека во четвртата изборна единица ДПА нема да има кандидати. Во петтата изборна единица носител на кандидатската листа е Васви Доко.

Лидерот на ДПА Мендух Тачи пред членовите истакна дека доколку овие пратеници успеат да бидат дел од Владата ќе работат на два концепти во економијата и достигнување на високо ниво на консензуална демократија.

„Мора да има буџет со рамномерна распределба, односно 30 отсто за Албанците. Во сите странски компании и корпорации кои функционираат тука мора да има задоволителна застапеност на вработени Албанци наместо досегашната практика да бидат по 2-3 отсто. Ќе се бориме за консензуалната демократија за да ги оствариме сите наши барања“, речеТачи.

Владата и бизнис секторот заеднички ќе ги решаваат економските проблеми од коронавирусот

Работнички шивачки во текстилна индустрија
Работнички шивачки во текстилна индустрија

Владата и бизнис секторот заеднички ќе се справуваат со проблемите од коронавирусот, било договорено на денешната средба меѓу владиниот врв и претставници на стопанските комори во земјата. Владината служба соопшти дека на средбата било заклучено оти ширењето на коронавирусот е заеднички проблем, кој заеднички треба да се решава. Власта и бизнис заедницата ќе продолжат да комуницираат, а Владата ќе излезе во пресрет на реалните потреби за поддршка во одредени сектори доколку за тоа има потреба.

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска информира дека е во постојана комуникацијата со претставниците на бизнис секторот во земјата и веќе е разговарано за реорганизација на производствените процеси и воведување нови смени доколку е потребно.

„Ги повикуваме компаниите што имаат можност да ја организираат својата работа од дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот“, рече Царовска.

Иран бара пари од ММФ за борба против коронавирусот

Болница во Иран.
Болница во Иран.

Во Иран денеска починале уште 75 луѓе од коронавирус, со што бројката на починати сега изнесува 429 година. Властите во Иран од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) побараа заем за борба против заразата.

Од иранското Министерството за здравство денеска соопштија дека во изминатите 24 часа во земјата се идентификувани 1.075 нови потврдени случаи на инфекција со КОВИД-19, со што вкупниот број достигна 10.075.

Централната банка на Иран соопшти дека побарала од ММФ 5 милијарди американски долари за да се справат со новиот вирус. финансирање за напорите на земјата за борба против заразата.

Од ММФ соопштија дека се подготвени да ги поддржува земјите преку брз финансиски инструмент.

Избувнувањето на коронавирусот ги разгори економските проблеми на Иран. Соседите ги затворија своите граници кон Иран и ги прекинаа авионските врски.

Ратификацијата на Протоколот за НАТО пред Сенатот на Шпанија на 17 март

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на своите профили на социјалните мрежи напиша дека „и покрај кризата околу коронавирусот и суспендирањето на сите други активности, Сенатот на Шпанија пред малку одлучи на 17 март да одржи пленарна седница со единствена точка на дневен ред: Ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО.

Шпанија е последна од земјите членки на НАТО што треба да го ратификува протоколот, за да може Македонија да стане 30 земја членка на Алијансата. Процесот таму се оддолжи поради изборите и формирањето на Владата. Шпанскиот Сенат на 10 март, откако тоа го стори и Конгресот ги суспендираше сите предвидени активности во наредните седум дена, поради коронавирусот, кој беше откриен кај генералниот секретар на ултра-десничарската партија Вокс, кој инаку е член на Конгресот.

Инаку, протоколот кај нас беше ратификуван со одложено дејство, заради распуштањето на Собранието и предвремените парламентарни избори.

Експлозијата во Романовце ја зеде и осмата жртва

Почина 10-годишното дете кое беше повредено во експлозијата на плинска боца во Романовце. Детето беше хоспитализирано во Градската болница „Св.Наум Охридски“. Смртта на детето ја потврди директорот на болницата Љубен Арсенков.

Починатото дете имало 70 проценти изгореници на телото. Тоа е осма жртва од несреќата во Романовце. Минатата недела почина 55-годишен маж, а претходно и две жени, едната на 63-годишна возраст, другата 36-годишна, како и еден маж на 58 годишна возраст. На местото на несреќата што се случи на 23 февруари загинаа три деца на осум, девет и 11 години.

Измените на рускиот Устав предизвикаа протести, полицијата приведе активисти

Владимир Путин.
Владимир Путин.

Полицијата во Санкт Петербург и неколку други руски градови уапси активисти пред и за време на протестите против уставни амандмани кои ја отвораат можноста претседателот Владимир Путин да остане на власт уште 16 години.

Луѓето протестираа додека локалните пратениците разговараа за амандманите, откако претходно двата дома на рускиот парламент со големо мнозинство ги одобрија измените.

Сега Уставот му дозволува на претседателот да има само два последователни шестгодишни мандати. Путин кој има 67 години, требаше да се повлече во 2024 година, кога ќе заврши неговиот втор последователен претседателски мандат. Претходните правила не му дозволуваа на Путин да се кандидира за трет мандат, но со новите правила тоа се менува, па тој може повторно да се кандидира во 2024 година, а и во 2030 година.

Уставните измени сега мора да бидат одобрени од најмалку две третини од регионалните парламенти и да бидат потврдени од Уставниот суд. На крај треба да има и референдум на кој ќе биде потребно половина од избирачите да ги прифатат уставните измените. Путин владее со земјата, како премиер или како претседател повеќе од 20 години.

Грција поради коронавирусот ги затвора судовите, кината, детските игралишта

Грција - Дезинфекција на училиште.
Грција - Дезинфекција на училиште.

Во Грција потврдени се вкупно 117 позитивни случаи на коронавирусот, од кои 34 се хоспитализирани, а две лица, мајка и дете во Солун кои беа и првите заболени, денеска се пуштени од болница, соопштија од Министерството за здравство на Грција.

Надлежната комисија за справување со вирусот при Министерството за здравство одлучила во следните 15 дена да се затворат судовите, кината, театрите, ноќните клубови, фитнес центри, како и детските игралишта со лулашки.

Денеска во рција беше регистриран првиот смртен случај од новиот коронавирус, откако почина 66-годишниот маж кој во изминатите денови се наоѓаше во критична состојба.

Лицето беше дел од групата која на 27 февруари се врати од поклоничко патување во Израел и Египет.

Москва со казни за ТВ каналот на Би-Би-Си и главниот уредник во Русија

Судот во Москва денеска го казни BBC World News - ТВ каналот на британскиот радиодифузен сервис Би-Би-Си и главниот уредник во бирото во Русија за прекршување на две регулативи поврзани со медиумите.

Судот пресуди дека обвинетите не успеале правилно да означат содржина несоодветна за деца и не доставиле содржина до државниот архив.

Уредничката на BBC World News во Москва, Екатерина Јакушенко е казнета со парична казна од 80 американски долари, а BBC World News со казна од 133 долари.

Пресудата е за неколку новинарски извештаи објавени на 21 јануари, а кои се однесуваат на бомбашки напади во Сирија, за војната против дрога во Колумбија и за интервју со американски маринец.

Граѓаните да избегнуваат одење по шалтери

Шалтер за лични документи.
Шалтер за лични документи.

Сите судења за кои постојат законски услови да продолжат со зголемено ниво на претпазливост, препорачува Министерството за правда, со цел зголемена заштита на странките во постапките. Се препорачува оние судења за кои има масовен јавен интерес да продолжат со редуциран број на физичко присуство на јавноста за кои треба да се овозможи алтернативен начин за следење на судењето покрај физичкото присуство. Се препорачува искористување на просториите во кои има физичко одделување на учесниците во постапката и јавноста, како и користење на други можности за информирање, како видео пренос и слично.

Неколку институции, банки, претпријатија за услуги денеска апелираа граѓаните да избегнуваат одење по шалтери.

Телекомуникациските оператори препорачуваат да се користат дигиталните канали за комуникација и потсетуваат на можноста за електронско плаќање сметки.

Народната банка до граѓаните апелира да избегнуваат користење готовина и плаќањето да го вршат со платежни картички, да избегнуваат посета на експозитури и филијали на деловните банки, како и на штедилниците и менувачниците и банкарските услуги да се користат преку сервисите за електронско, мобилно и телефонско банкарство.

Од Групацијата за топлинска енергија Балкан енерџи груп АД Скопје (БЕГ) апелираат потрошувачите посетите на деловната зграда на компанијата и на наплатните центри да ги сведат на минимум, освен за неодложни барања и услуги, а да ги користат електронските комуникациски канали на компанијата поставени на веб страницата.

И некои општини соопштија дека работата со странки ќе ја сведат на минимум. За проблемите кои ги имаат граѓаните упатуваат да се јавуваат по телефони и по електронски пат, не ја одат лично во канцелариите.

Негативни на коронавирус се девет луѓе кои денеска се тестирале

Негативни на коронавирус се сите луѓе кои денеска се тестираа за коронавирус, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

„Претпладнево на коронавирус беше тестирано едно лице кое на 7 март пристигнало во земјава од Германија, како и осум лица поврзани со првата заболена пациентка од Скопје – сопатници и блиски контакти, кои во изминатите две недели беа во домашна изолација“, велат од Министерството.

Патниците од Струмица кои поминале 14 дена во домашна изолација, а пристигнале со првата заболена пациентка на коронавирус ќе бидат тестирани утре.

Попладнево на седница на Владата, како што соопштија од МЗ, ќе бидат дискутирани мерките кои ги препорача Министерството за здравство по состанокот со Комисијата за заразни болести и Комисијата за следење и информирање за коронавирусот.

– За заклучоците, Владата и Министерството за здравство ќе информираат по завршување на седницата, се додава во соопштението.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG