Достапни линкови

Ќе ја инфицира ли коронавирусот македонската економија


илустрација

Иако е се уште рано за конкретни бројки и предвидувања, дел од домашните компании веќе стравуваат дека ширењето на корона вирусот на европско тло би можело да ја погоди македонската економија. Претставници на бизнис секторот во земјава се надеваат дека „вирусот“ нема да влијае на заработката

Ширењето на корона вирусот на европско тло, односно во Италија најверојатно ќе го почувствуваат домашните компании кои соработуваат со италијански фирми. Посебно погодена ќе биде кожарската индустрија, односно фирмите кои произведуваат чевли, а најголемиот дел од нив се лоцирани во кумановскиот регион.

„Сигурно дека ќе има последици, но само доколку оваа ситуација трае подолго, и ако овие градови бидат изолирани подолго. Нашата чевларска индустрија има коминтенти кои треба да испорачуваат репроматеријали, треба да испорачуваат нови налози, бидејќи нашата чевларска индустрија работи лон производство за италијански партнери. Така што, ако ова ситуација се одолжи, сигурно дека ќе има негативни реперкусии и овие наши компании ќе останат без работа“, вели Анѓел Димитров, претседател на Здружението на текстилна и кожарска индустрија при СКМ.

Десетина градови во Ломбардија, за кои се смета дека се во центарот на избувнувањето на вирусот се изолирани. Станува збор за околу 50.000 жители. Властите ги затворија училиштата како и повеќето продавници, а јавните активности се откажани. Покрај Ломбардија, зафатени се уште два други региони Венето и Емилија-Ромања.

Една од домашните компании која е увозник на позната палета италијански производи, засега не чувствува директни последици од тоа што неколку италијански градови се во изолација. Оттаму велат дека засега сѐ се одвива според предвидениот тек, особено затоа што нивните италијански партнери се лоцирани во јужниот дел од Италија, којшто не е во изолација. Сепак, од фирмата велат дека стравуваат од можни последици ако ситуацијата излезе од контрола.

„Она што ни е најавено од нашите партнери е дека се можни измени во однос на транспортот. Денеска ќе се одржи состанок со претставници од Италија, Швајцарија, Австрија, Хрватска, за да се организираат како ќе се соработуваат доколку дојде до одолговлекување и каснење со доставата на потребната роба, тука во Македонија. Инаку производството си е тековно и засега нема некакви последици, но сепак ќе видиме што ќе се случува во деновите пред нас“, вели Сокол Зеќири, раководител на секторот за увоз во фирмата.

Опасниот вирус се појави во Кина, но брзо успеа да се прошири надвор од границите на земјата.

Трајан Анѓелоски е сопственик на металска фирма од Тетово. Тој вели дека на ниту еден бизнисмен не му е сеедно какви ќе бидат последиците како здравствените, па и економските, сега кога има и смртни случаи на коронавирус во Италија. Анѓелоски деновиве требало да отпатува на деловно патување во Германија, но последните информации се дека италијанските, но и некои други учесници веќе го откажале присуството.

„Ако ја имате таа негативна среќа да сте зависни од соработка со некој од изолираните градови, тогаш не можете роба да испорачате или да преземете. Тогаш сте во некоја шах-мат ситуација. Така што ситуацијата е прилично неизвесна. Обично деловно патување може да се претвори во проблематично. Никој не знае во кој правец ќе се одвива ситуацијата. Нашата фирма има соработка со Италија, ама за среќа, тоа го работиме преку наши австриско-германски партнери“, вели Трајан Анѓелоски.

Во меѓувреме, светските економисти веќе предупредија дека ширењето на корона вирусот може да ѝ нанесе тешки последици на светската економија. Цените на акциите на Волстрит паѓаа неколку дена по ред, што е незабележано од крајот на 2012-та година.

Доколку кризата поврзана со опасниот вирус ескалира, предвидувањата се дека најзасегнати ќе бидат некои од компаниите кои увезуваат електронски компоненти од кинескиот пазар, или кои извезуваат делови кои се користат во автомобилската индустрија, пред се, поради намалената побарувачка за автомобили во Кина. Потврда за овие сомневања е и веста дека производството на автомобилите „фиат“ во Србија ќе биде прекинато на неколку недели поради недостиг на компоненти (главно аудио-системи и други електронски делови што се набавуваат од Кина).

Инаку, Кина е најголем трговски партнер на Македонија надвор од Европа. Лани била наш седми по големина надворешнотрговски партнер, зад Германија, Велика Британија, Грција, Србија, Италија и Бугарија. Според статистичките податоци, вкупната размена со Кина лани изнесувала над 711 милиони американски долари, односно за 20,8 отсто повеќе од претходната година. Во последните пет години вкупната размена со Кина надминала 2,8 милијарди долари. Македонија во Кина најмногу извезува мермер, травертин и друг варовнички камен, фероникел, вино, разни видови електрични апарати, рачни делови и прибор за моторни возила и други електрични спроводници. Од Кина, пак, најмногу увезуваме телефонски апарати, телевизори, машини за климатизација, ткаенини со 85 проценти памук или повеќе, производи од железо итн.

Во однос на Италија пак, вкупната трговска размена за минатата година изнесувала 721 882 милиони долари. Во Италија најмногу се извезуваат делови за чевли, печки за загревање и рудите феросилициум и феро-никел. До неодамна пак од Италија се увезуваше отпад кој се користеше како алтернативно гориво за согорување во индустријата.

Се очекува последици да има и во туризмот. Многу авиокомпании веќе ги прекинаа летовите до и од Кина, а некои од земјите ги откажаа планираните туристички аранжмани за Италија.

Инаку епидемијата со новиот и опасен вирус започна во централниот кинески град Вухан, однесе најмалку 2350 животи во Кина, а зарази над 76.000 луѓе. Повеќе од 400 луѓе се заразени во Јужна Кореја, а околу 30 други земји пријавија случаи на заразени.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG