Достапни линкови

Граѓаните треба да ги променат навиките за пластичните кеси, но и државата за отпадот


Илустративна фотографија.
Илустративна фотографија.

Дали мерката за забрана на пластични кеси ќе ја намали вкупната количина на создаден отпад во Македонија? Еко-активистите се скептични. Сметаат дека тоа повеќе зависи од (не)воспоставувањето на соодветен систем за управување со отпадот. Во моментов се рециклира помалку од 1 процент од вкупно собраниот отпад во земјата.

Државата воведе мерка за забрана за користење на пластични кеси од 1 декември, но тоа нема да значи помалку отпад во депониите, сметаат активисти за заштита на животната средина.

Во маркетите и на пазарите дозволени ќе бидат само биоразградливи кеси кои трговците ќе ги наплаќаат по 15 денари. Граѓаните и натаму ќе купуваат десетици производи кои се спакувани во пластика/пластична кеса или направени од пластика, поради што прашање е каков ќе биде ефектот од мерката во услови и кога државата сѐ уште нема воспоставено соодветен систем за управување со отпадот.

„Помалку отпад и депонии нема да има, можеби ќе има помалку најлонски кеси, но помалку отпад нема да има поради тоа што кај нас сѐ уште не е воспоставен систем за менаџирање на таквиот отпад“, вели за Радио Слободна Европа Аријанит Џафери од граѓанската организација „Еко-герила.“

Тој смета дека во државата ќе има проблеми со отпадот сѐ додека не почне да се размислува дека тој е ресурс, начин на заработка и дека истовремено е потребна заштита на животната средина. Отпадот може да се рециклира, вели Џафери, но за тоа е потребна инфраструктура, а државата и општините малку прават во таа насока и целиот отпад оди во диви депонии, наместо да се рециклира или ре-употребува.

„Ова се мали позитивни чекори, но сепак козметички и недоволни за да се докаже дека се бориме против загадувањето од отпадот и против климатската криза“, вели Џафери.

Забрана за користење пластични кеси, збунети пазарџии
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:13 0:00

Од 1 декември оваа година стапи на сила обврската за наплата на биоразградливи кеси за носење стоки предвидена во Законот за управување со пакување и отпад од пакување.

Со неа се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот на Македонија и пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на забранетите подрачја во земјата, какви што се националните паркови.

Исклучок со плаќање на надоместок од страна на крајните корисници се биоразградливите кеси, а надоместокот за нив ќе изнесува 15 денари. Граѓаните мораат да му платат на трговецот на лице место. Целосно забранети се кесите чија дебелина е помала од 15 микрони, односно оние кои се користеа за пакување или мерење на овошје и зеленчук.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) велат дека целта на законот е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ги стимулира да користат торби за повеќекратна употреба.

Надоместокот од 15 денари не се однесува за продавниците каде се продаваат производи кои не се за секојдневна употреба: книги, облека, обувки, алати, електронска опрема, продавници за покуќнина, занаетчиски дуќани, сувенири, уметнички галерии, козметички производи, аптеки.

„Овие кеси се подебели и може да се употребуваат повеќекратно и да се отстранат во жолтите контејнери за пластика од каде би се однеле на рециклажа во локалните компании за рециклирање и кај самите производители на пластични кеси кои повторно од нив би направиле нови кеси. Кесите за ѓубре не претставуваат кеси за носење на стоки и не се опфатени со овие мерки“, наведуваат од МЖСПП.

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини образложувајќи ја мерката рече дека таа е за да ги мотивира граѓаните да не користат пластични кеси, а не за да плаќаат повеќе.

„Пластичните кеси за жал не се разградуваат лесно во природата. Тие генерираат микро-пластични честички кои потоа ја загадуваат почвата и водата. Тие потоа завршуваат во нашата храна и во водата за пиење“, вели Нуредини.

Како да се мотивира државата?

Граѓаните треба да ги променат своите навики, но треба и државата, смета Аријанит Џафери. Тој посочува дека институциите се први кои треба да обезбедат инфраструктура, за овие промени да бидат можни и позитивни.

Тој раскажува дека како еколошка организација разговарале со дуќанџии кои им се пожалиле дека оваа мерка ќе им отвори и повеќе работа, бидејќи голем дел од тие 15 денари кои ќе ги наплаќаат за биоразградливите кеси, треба да одат во посебен фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Сѐ се прави за пари. Не се прави за значителни промени во животната средина. Тоа ме загрижува и затоа мислам дека не сме стигнати никаде во борбата против загадувањето и климатските промени“, вели Џафери.

За системскиот проблем со отпадот од пластиката, укажуваат и државните ревизори во извештајот насловен „Ефикасно третирање и справување со пластичниот отпад“ објавен оваа година.

Во него е наведено дека политиките, мерките и активностите преземени од страна на надлежните институции за воспоставување на интегриран систем за управување со пластичен отпад не се ефективни и не овозможуваат избегнување и намалување на количеството на создаден отпад и целосно почитување на начелата за управување со отпад.

Не се донесени значајни плански и програмски документи на национално и локално ниво, не функционира Комисија за управување со отпад од пакување, не е воспоставено регионално управување со отпад, поради што не е обезбедена превенција за создавање пластичен отпад. Собраната количина на селектиран отпад изнесува 1,4 проценти од вкупниот собран отпад во една година и во најголем дел го собираат неформалните собирачи, наведува Државниот завод за ревизија. Се рециклира помалку од 1 процент од вкупно собраниот отпад во Македонија.

„Во такви услови правните лица, односно инсталациите за рециклирање кои вршат третман и преработка, за да обезбедат ефикасно работење треба да увезуваат отпад“, наведуваат државните ревизори во извештајот.

Ревизорите исто така наведуваат дека производителите не преземаат значителни мерки за да го намалат количеството на отпад, но дека е мала и свеста за потребата од селекција на пластичниот отпад и негово препознавање како ресурс. Недостасуваат и активности за мониторинг над управувањето со отпадот на национално и на локално ниво, а надзорните активности од страна на надлежните институции се недоволно застапени, се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија од оваа година.

Воспоставувањето на соодветен систем за управување со отпадот, главно треба да се направи преку изградба на шест регионални депонии во државата, но кои ќе бидат направени според стандарди и технологија која нема да загадува, како што многупати е предупредено од активисти и експерти.

Досега не е изградена ниту една од овие депонии, а скоро во секое населено место во државата има диви депонии од секаков вид нелегално отстранет отпад, кој честопати е запален. Овие слики се чести и во заштитените подрачја: во Маврово, на Шар Планина, Галичица, Охрид, Преспа и други места со исклучителни природни богатства.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG