Достапни линкови

Потребна е подобра кампања за користа од регионалните депонии


Илустрација: Депонија кај аквадуктот во Скопје
Илустрација: Депонија кај аквадуктот во Скопје

Властите треба да направат добра кампања за зголемување на јавната свест за бенефитите од регионалните депони, велат од граѓанската организација „Ајде Македонија“. Земјата не може да воспостави систем за управување со отпад, бидејќи општините ја блокираат изградбата на регионалните депонии.

За реализација на проектите за осумте регионални депинии, со кои, според официјалните документи, треба да се воспостави целосен систем за управавување со отпадот, треба да се понудат бенефити за општините каде се планирани депониите, но државата прво треба убаво да му објасни на локалното население за какви депонии станува збор, вели Блаже Јосифовски од граѓанската организација „Ајде Македонија.“

„Регионалните депонии мора да постојат, тоа е начинот и системот којшто функционира: со општински одлагалишта, односно соодветни центри во секоја општина поврзани со регионот. Без тоа, истава ситуација ќе ни се повторува. Треба да се подигне свеста на населението, тие јавни трибини кои се организираа во секоја општина, кога се објаснуваше за регионалните депони, беа многу несоодветно направени“, вели Јосифовски.

Според Законот за управување со отпад, предвидено е формирање на осум регионални депонии во земјава за да се реши проблемот со отпадот депониран во општинските депонии кои не исполнуваат стандарди за заштита на животната средина, како и со отпадот од бројните диви депонии на стотици локации во Македонија.

Но, централната власт со години не успева да започне со изградба на ниту една депонија. Една од причините е дека некои од општините на чија територија се планирани регионалните депонии, не дозволуваат нивна изградба. За овие проекти земјата има достапни средства преку ИПА фондовите на Европската унија.

Еден од таквите примери е со општината Дебарца каде е планирана изградбата на регионалната депонија за Југозападниот регион, но жителите и локалните власти не дозволуваат започнување на процесот.

Неодмна и министерот за локална самоуправа Горан Милевски уверуваше дека регионалната депонија за Југозападниот регион нема да се гради ниту во Битола, откако надлежните од Министерството за животна средина и просторно планирање пред неколку месеци најавија дека во околината на Битола „можеби ќе биде“ новата локација за регионалната депонија.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање беше најавувана изградба на регионална депонија и за потребите на Источниот и Североисточниот регион, но ниту таа се уште не е започната.

Јосифовски вели дека процесот е многу бавен и административно отежнат, посочувајќи дека во изгубениот период земји како Хрватска и Словенија изградија регионални системи кои според резултатите се натпреваруваат со австриските и германските.

„Тоа што има несогласувања кај локалното население, мислам дека е резултат многу и на недоволната кампања за објаснување што овие депонии значат во смисла на кои подобрувања ќе и ги донесат на животната средина, но и мислам дека треба да им се понуди и бенефит на општините каде што ќе се прават овие депонии. На пример во Хрватска, што е најблизок пример до нас, општината каде има изградено ваква депонија, има огромни бенефиции за локалното население, во смисла на вработувања, инвестиции во локалната заедница, во училишта, болници и т.н.“, вели Јосифовски.

Тој наведува дека правењето депонии по стандард, кои освен депонирањето на отпад ќе содржат и елемент на негово искористување како ресурс, е едно од главните решенија за проблемот со отпадот во земјата.

Според официјалните статистички податоци, околу 700 илјади тони отпад се создаваат во земјава на годишно ниво. Според проценките на граѓанските организации, голем дел од создадениот отпад завршува на дивите депонии.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG