Достапни линкови

ЕУ фондовите се можност за економски раст, но нема кадар и проекти


Илустративна фотографија.

Сѐ уште е слаб капацитетот на државата и фирмите за да ги искористат парите од ЕУ фондовите, сметаат експерти. Можности постојат, државата треба да генерира проекти и да го вклучи приватниот сектор. Но, проблем е капацитетот и кадарот што заминува во странство. Сепак, има момент кој влева оптимизам

Над девет милијарди евра се ставени на маса преку ЕУ фондовите за земјите од регионот - пари кои меѓу другото може да се искористат за зајакнување и раст на економиите погодени од ковид кризата. Средствата може да достигнат до 30 милијарди за сите земји од Западен Балкан, вклучително Македонија, како што соопшти Европската комисија.

Државите треба да издвојат и свои пари за развој на економиите, но големи средства ќе може да се искористат преку европскиот Економски инвестициски план за проекти за развој на патишта и железници, отпад, одржлив транспорт, чиста енергија... Поддршка ќе добијат и малите компани за зајакнување на нивната конкурентност.

Можноста е отворена, македонските институции треба да креираат проекти и во нив да ги вклучат фирмите кои ќе отвораат работни места и ќе ја одржуваат нивната ликвидност.

Но, за реализација на проектите е потребен капацитет- и кај државните институции, и кај компаниите. Бизнис секторот беше силно погоден од ковид пандемијата, особено малите фирми, но она што многумина го потенцираат како еден од главните проблеми е човечките ресурси.

„Институциите мора да се зајакнат, но тука најкритична точка е човековиот капитал кој е на многу ниско ниво“, вели академик Абдулменаф Беџети.

Одливот на мозоци продолжува, заминуваат оние кои се конкурентни, вели Беџети – „тука остануваат оние кои преживуваат со работа која има поддршка од државата“, вели тој.

„Иницијативата на приватниот сектор е на многу ниско ниво поради многу нискиот потенцијал, на капацитет, на човечки ресурси“, додава Беџети.

На земјите од Западен Балкан ќе им бидат овозможени и кредити од Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и пари од други европски фондови, а средства треба да одвојат и самите држави, вели Малинка Ристеска Јорданова од Институтот за европска политика ЕПИ.

Таа додава дека освен за Зелената агенда, пари има и за областите демократија, владеење на правото, добрососедски односи, конкурентност и територијалната и прекугранична соработка, вели таа.

Колкав е капацитетот за искористување на средствата?

„Станува збор за генерален капацитет на институциите да генерираат проекти и тој не е одвоен од нивниот општ капацитет и за националните проекти. Кога би имале силен капацитет за планирање и спроведување на национални проекти, таков би бил и капацитетот и за користење на средствата на ЕУ“, вели Ристеска Јорданова. Таа додава:

„За жал на ниво на држава се констатира силен одлив на кадар којшто со години бил обучен токму за вакви работи. Тое е еден од големите проблеми“, вели Ристеска Јорданоа.

Но, има и момент којшто влева доза оптимизам – дуалното образование.

Тоа треба да креира работна сила за потребите на пазарот и работните места кои ќе се отворат, делумно и преку овие проекти.

Академик Беџети вели дека во моментов стопанството се соочува со недостиг на работници кои му се потребни, но дека се направени позитивни чекори преку овие паралелки.

„Тоа веќе се случува. На пример ЕВН отовраат свои школи, германската компанија Костал отвора свои паралелки. Оваа година има позитивно постигнување, бидејќи во оваа учебна година има 149 такви паралелки“, вели Беџети.

Ристевска Јорданова вели дека дуалното образование е позитивен сигнал за стопанството, иако посочува дека тоа не е директно поврзано со користењето на средствата на ЕУ и капацитетот за развивање и користење на проектите.

Деновиве Владата соопшти дека работи на Стратегија за развој на човечки капитал.

„Тоа е еден од најважните фактори за долгорочен економски раст“, изјави министерот за финансии Фатмир Бесими.

Фокусот е ставен на создавање квалитетни кадри за подобри услуги во образованието, здравство во социјалната заштита и во физичката инфраструктура, се вели во соопштението на Министерството за финансии.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG