Достапни линкови

Експлозии во Чешка, руски агенти и бугарски дилер на оружје


Демонстрант држи знаме на Република Чешка пред sид на руската амбасада во Прага, испрскан со кечап за време на протестот организиран од група активисти, Прага, на 17 април 2021 година.
Демонстрант држи знаме на Република Чешка пред sид на руската амбасада во Прага, испрскан со кечап за време на протестот организиран од група активисти, Прага, на 17 април 2021 година.

Причината за експлозиите во 2014 година во две чешки складишта за оружје е мистерија со години. Чешките власти сега велат дека е виновна тајната руска воена разузнавачка единица - истата единица поврзана со голем број труења, обиди за атентат и субверзивни акции низ цела Европа. Мајк Екел.

Експлозијата беше огромна, оставајќи голем кратер во шумата во источниот дел на Чешка, недалеку од границата со Словачка. Експлозијата, на 16 октомври 2014 година, уништи многу муниција и оружје. Телата на двајца мажи кои работеле таму биле пронајдени скоро еден месец подоцна.

Втората експлозија се случи околу два месеца подоцна на локација, оддалечена околу километар од првата. Инцидентот ги потресе чешките власти, кои веќе внимателно гледаа на Украина која ја зафати сепаратистичко востание кое Русија го разгори и го поттикна.

Шефовите на дипломатиите на ЕУ за вмешаноста на Русија во експлозиите во Чешка

Ако во тоа време постоела некоја позната врска, тоа не било откриено јавно од истражителите. Сепак, на 17 април, чешките официјални лица изнесоа неверојатен навод, повлекувајќи директна линија помеѓу експлозиите и руската воена разузнавачка агенција ГРУ - поконкретно, познатата Единица 29155, која е поврзана со обиди за атентат и други субверзивни акции низ цела Европа.

Во момент кога се зголемуваат тензиите во Украина поради масовното руско трупање војници во близина на нејзината граница и со тоа што Соединетите држави ја казнија Москва со нови големи санкции, како и протерување на 10 дипломати, чешката објава ја потресе прашката политика и веројатно дополнително ќе ги наруши западните односи со Москва.

„Постојат недвосмислени докази за вмешаност на офицери на руската разузнавачка служба ГРУ во експлозијата на складиштето за муниција“, рече премиерот Андреј Бабиш кој објави дека заради тоа Чешка протерува 18 Руси кои работат во Руската амбасада. „Чешка е суверена држава и мора соодветно да реагира на овие откривања без преседан“, рече тој.

Претседателот на Чешкиот Сенат, Милош Вистрчил, политички противник и долгогодишен критичар на Бабиш, сугерираше дека експлозијата може да се смета за акт на „државен тероризам“, велејќи: „Потребно е да се реагира јасно, самоуверено и остро на тоа“.

Со објавата, чешките власти повлекоа индиректна линија не само со војната на Украина со Русија, туку и со мистериозното труење шест месеци подоцна во бугарската престолнина, каде што за малку ќе беше убиен дилерот на оружје по име Емилијан Гебрев.

Чешките официјални лица не објавија поврзаност помеѓу експлозиите и Гебрев, но чешкиот јавен радиодифузер и списанието „Респект“ цитираа неименувани безбедносни извори кои велат дека имало инволвираност и на Гебрев.

Бугарскиот бизнисмен Емилијан Гебрев, Софија, 18 јануари 2019 година
Бугарскиот бизнисмен Емилијан Гебрев, Софија, 18 јануари 2019 година

Јан Хамачек, чешки министер за внатрешни работи, а сега и министер за надворешни работи, сигнализираше дека има врска со Бугарија. „Без конкретни детали, можам да потврдам дека меѓународната соработка за ова прашање е во тек, вклучително и соработката со Бугарија“, рече тој.

Висок поранешен украински безбедносен службеник, исто така, потврди за украинската служба на РСЕ дека Киев побарал помош од Гебрев за набавка на муниција во 2014 година. Руските власти ги негираа обвинувањата, а портпаролката на Министерството за надворешни работи ги нарече „хокус-покус“.

„Не можам да се сетам на ниту еден сличен настан во изминатите 30 години независност на Чешка“, изјави за РСЕ Павел Хавличек, истражувач од Здружението за меѓународни работи со седиште во Прага, додавајќи: „Ова ќе има бројни политички, дипломатски, социјални импликации врз чешко-руските односи “.

Што е единицата 29155?

Врската помеѓу експлозиите и труењето со Гебрев, доколку се потврди, ќе додаде нови експлозивни детали на растечкиот доказ околу единицата 29155 и целокупните активности на ГРУ низ цела Европа. Два други оддела - познати како Единици 26165 и 74455 – беа вклучени во неколку меѓународни истраги за компјутерски криминал.

САД воведе нови санкции против Русија

Тие беа именувани и од специјалниот советник на САД, Роберт Мулер, во истрагата за хакирањето на компјутерите на политичките партии во Соединетите држави во 2016 година. Тие исто така беа поврзани со обидите за хакирање на Светската антидопинг агенција и на Организација за забрана на хемиско оружје, од кои последната играше клучна улога во истрагата за употребата на новичок и слични нервни отрови дизајнирани во Русија.

Осомничените за труење со Сергеј Скрипал во Британија
Осомничените за труење со Сергеј Скрипал во Британија

Во меѓувреме, единицата 29155 стана позната во јавноста кога поранешниот руски воен разузнавач Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија ненадејно се разболеа во Солсбери, Англија. Скрипал претходно беше осуден за предавство во Русија, за наводно предавање доверливи информации на западните разузнавачки служби.

Тој беше протеран од Русија во 2010 година во размена на шпиони во кои учествуваа тајни руски агенти кои работеа во САД. Британските власти утврдиле дека Скрипал бил отруен со новичок, моќен нервен отров прв развиен од советски научници.

Британските власти, користејќи телевизиски снимки и други податоци, обвинија двајца мажи за кои рекоа дека се руски воени агенти и дека стојат зад инцидентот. Репортерите и истражителите на групата Белингат, подоцна ги утврдија идентитетите на мажите како Александар Петров и Руслан Боширов, што на крајот го потврдија американските и британските власти.

Во октомври 2019 година, РСЕ откри дополнителни детали за единицата 29155 кога објави фотографии од свадба организирана од командантот на единицата и на која присуствуваше еден од двајцата агенти.

На 17 април, во исто време кога Бабиш и чешки официјални лица ги објавуваа наодите од истрагата за експлозијата во магацинот за оружје, чешката полиција објави соопштение во кое се вели дека Петров и Боширов биле во источна Чешка во октомври 2014 година, околу времето на експлозиите и оти се бараат на распит.

Бугарска врска

На 28 април 2015 година, додека бил на вечера во луксузен ресторан во Софија, Емилијан Гебрев започнал да повраќа и итно бил пренесен во воената болница, каде што страдал од интензивни халуцинации. На крајот паднал во кома. На неговиот син исто така му се слоши ненадејно, како и на еден извршен директор во компанијата за тргување со оружје „Емко“. Гебрев на крајот се опорави.

По гласањето Радев со коментар за шпионскиот скандал

Бугарските истражители направија мал напредок во идентификувањето на причината или на виновникот за неговата болест. Работејќи со ФБИ, британските разузнавачки служби и други агенции, бугарските власти заклучија дека рачката на вратата на автомобилот што му припаѓала на Гебрев и кој бил паркиран во една гаража во Софија, била замачкана со супстанца од непознат човек.

Белингат соопшти дека познат руски оперативец кој патувал во Англија истовремено кога бил отруен Скрипал, исто така, престојувал во Бугарија. Се верува дека човекот е дел од единицата 29155. Во јануари 2020 година, бугарските обвинители обвинија тројца Руси за нивната наводна улога во обидот да се отруе Гебрев.

Фотографии од Чепига и Мишкин претставени од чешката полиција
Фотографии од Чепига и Мишкин претставени од чешката полиција

Улогата на Гебрев во обидот за продажба на оружје во Украина не е целосно разјаснета. Новинските извештаи велат дека неговата компанијата навистина има потпишано договор со украинската влада во 2014 година за снабдување артилериска муниција.

Сепак, Виктор Јахун, кој беше заменик началник на Тајната служба на Украина, главната разузнавачка единица во земјата, вели дека Киев во октомври 2014 година се обидел да набави муниција од Бугарија околу времето на експлозиите во магацинот во Чешка.

„Овој бизнисмен кој наводно бил затруен од руските разузнавачки служби, барал ваква муниција во земјите од поранешниот Варшавски пакт, а најдоброто место за нивно чување пред да се испрати во Украина била Чешкиот Република“, рече Јахун во интервју за РСЕ, додавајќи: „После експлозиите и чешките служби за спроведување на законот и ние самите имавме сомневања дека можеби не било случајно“. Гебрев не одговори на телефонските повици на РСЕ.

НАТО целосно ја подржува Бугарија против незаконските руски активности

И покрај обвиненијата против тројцата Руси во јануари 2020 година, бугарскиот јавен обвинител девет месеци подоцна објави дека истрагата е суспендирана. Бојко Ноев, поранешен министер за одбрана, за кого се знае дека е близок со Гебрев, вели дека откритието потенцира големи проблеми со истрагата во Бугарија. „Најновите откритија во Чешка повторно го наметнуваат прашањето: Зошто истрагата за труењето на Гебрев беше систематски попречена и конечно запрена?“

Случајот со Чешка

По застојот од скоро три години со недоволно докази, чешката истрага за експлозиите доби нов интензитет по труењата во Солсбери во 2018 година. Односите на Чешка со Москва беа слаби во последните години, и покрај отворените симпатии за Москва од чешкиот претседател Милош Земан.

Билатералните односи се влошија на почетокот на 2020 година, кога градските власти во Прага демонтираа статуа на руски херој од Втората светска војна и го преименуваа плоштадот пред руската амбасада по убиството на поранешниот критичар на Кремљ, Борис Немцов. Двете земји разменија жестока реторика.

Со оглед на тоа што Чешка има една од најлошите стапки на инфекции со ковид-19 во Европа, прашањето за стекнување на руската вакцина Спутник V исто така ја подели владата во последните месеци.

Не е јасно зошто чешките власти сега одлучија да одат против Русија и да ги објават своите обвинувања јавно. Списанието „Респект“ соопшти дека истражителите во минатата година добиле нови информации во врска со експлозијата, а владиниот комитет за разузнавање разговарал за случајот пред само две недели.

Претставници на чешката влада сугерираат дека меѓу последиците од скандалот ќе биде и тендерот за изградба на нова нуклеарна централа од 6 милијарди евра. Откако државната енергетска група ЧЕЗ го откажа планот за изградба на нови реактори во 2014 година, владата ги забавуваше понудите од Кина, Русија, САД, Франција и други земји. Но, учеството на Русија се смета за проблематично.

Минатиот ноември, работна група, вклучително и разузнавачки службеници и претставници на Министерството за надворешни работи ја повикаа владата да ги забрани Русија и Кина од наддавањето, велејќи дека и двете претставуваат стратешки ризик.

Русија со истрага за отстранување на статуа на советски маршал во Прага

На 18 април, вицепремиерот Карел Хавличек изјави дека руската државна атомска агенција Росатом нема да смее да учествува. Протерувањето на руските дипломати следи по протерувањето на руски дипломати од Соединетите држави, најавено како дел од голем пакет нови санкции чијашто цел е делумен притисок врз Русија да ја повлече насобраната војска на источните граници на Украина.

И покрај тоа што чешките протерувања не се поврзани директно со американските, одлуката во Прага беше брзо поздравена од Амбасадата на САД, која на објавата на Твитер на 17 април напиша: „Соединетите држави стојат со својот цврст сојузник, Чешка. Ја цениме нивната значајна акција да ѝ наметнат казна на Русија за нејзините опасни активности на чешка територија“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG