Вести
Шефовите на дипломатиите на ЕУ за вмешаноста на Русија во експлозиите во Чешка

Министрите за надворешни работи на Европската унија ќе се состанат денеска за да разговараат за наводната вмешаност на Русија во смртоносната експлозија на складиштето за муниција во Чешка во 2014 година, обвинение за кое Москва вели дека е „апсурдно“ и дека е знак за влијанието на Вашингтон врз Прага. Претходно чешката влада најави дека денеска ќе ја отстрани ознаката на строга доверливост и ќе го објави извештајот на чешката служба за безбедност БИС и докази за основано сомневање дека агенти на руската служба ГРУ учествувале во експлозии на муниција во магацини во Врбетице во 2014 година. Чешките власти протераа 18 дипломати од руската амбасада во Прага, по Што Москва протера 20 чешки дипломати.
Чешка протера 18 руски дипломати
Во моментот кога чешкиот премиер Андреј Бабиш ја објави одлуката за протерување на 18 руски дипломати, чешката полиција објави фотографии од двајца руски државјани со имиња од лажните пасоши на Русија, Молдавија и Таџикистан користени во Чешка во 2014 година. „Доказите за вмешаност на Русија се доволни. Не би користел големи зборови. Се случи да бидат убиени двајца чешки државјани и да не шпекулирам за планови или цели. Нанесена е огромна материјална штета и велиме дека зад тоа стојат двајца офицери на ГРУ“, изјави чешкиот вицепремиер и министер за внатрешни работи и привремено министер за надворешни работи Јан Хамачек кој сепак одби да оцени дали станува збор за државен руски тероризам или директна руска агресија против Чешка.
види ги сите денешни вести
Новинарката на РСЕ е политички затвореник, објави руската група за човекови права

Руската група за човекови права „Меморијал“ ја призна како политичка затвореничка Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), која е во руски притвор од 18 октомври.
Курмашева, новинарка на татарско-башкирската служба на РСЕ од Прага, Чешка, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради итен семеен случај во мај годинава.
Таа беше привремено задржана на 2 јуни додека го чекаше повратниот лет на аеродромот во Казан, каде ѝ беа одземени двата пасоши.
На 11 октомври, властите ја казнија Курмашева со 10.000 рубли (103 долари) затоа што не го регистрирала нејзиниот американски пасош кај руските власти, според извештаите на локалните медиуми врз основа на судските документи.
Курмашева на 18 октомври повторно беше приведена поради сомнение дека не се пријавила како странски агент, што е кривично дело за кое максималната казна е пет години затвор.
Истражниот комитет објави дека Курмашева е осомничена дека „не ја исполнила обврската утврдена со законодавството на Руската Федерација да ги достави до надлежниот орган документите потребни за регистрација во регистарот на странски агенти“. Курмашева и РСЕ ги негираат обвинувањата.
Притворот на Курмашева предизвика бран критики од групите за човекови права и политичарите кои предупредуваат дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.
Сергеј Давидис, претставник на групата „Меморијал“ и водач на проектот „Поддршка на политичките затвореници“, за РСЕ изјави дека Курмашева е признаен како политички затвореник бидејќи го смета за незаконски членот од рускиот Кривичен законик за странски агенти и неговата поврзаност со таканареченото „намерно собирање информации во во подрачје на воените ивоено-технички активности на Русија“.
„Податоците за кои станува збор не се класифицирани и не е нелегално да се собираат такви податоци“, рече Давидис, истакнувајќи дека руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) дала нејасно објаснување за тоа што може да се смета за забрането собирање податоци.
Давидис додаде дека „Меморијал“ смета дека кривичното гонење и евентуалното осудување на лица за неисполнување на „таканаречената обврска доброволно да се декларираат како странски агенти“ е нелегално.
„Покрај тоа, во случајот (Курмашева) гледаме конкретни политички цели кои беа очигледни од начинот на кој беше извршен прогонот. Таа најпрвин беше приведена и осудена затоа што не го пријавила своето второ државјанство, а дури потоа, по очигледно размислување, тие отворија уште еден случај“, рече Давидис.
Како што рече, ова е прва кривична постапка и апсење од ваков вид.
„Ова јасно укажува на вештачката основа на целата конструкција. За ова незаконско обвинение се размислувало долго време пред да биде употребено. Барале нешто да ѝ ја одземе слободата“, додаде тој.
Руското приведување на Курмашева, која е втор американски новинар приведен од Москва оваа година, предизвика бран критики од групите за човекови права и политичарите кои велат дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.
Русија е обвинета за приведување Американци со цел да ги користи како договор за пазарење за Русите затворени во САД. Репортерот на „Вол Стрит Журнал“, Еван Гершкович, беше уапсен во март под обвинение за шпионирање, обвиненија кои тој и весникот жестоко ги негираат.
Од 2012 година, Русија го користи својот таканаречен закон за странски агенти за да ги етикетира и казнува критичарите на владините политики. Исто така, се повеќе се користи за затворање на граѓанското општество и медиумските групи во Русија откако Кремљ ја почна својата инвазија на Украина.
Амнести интернешенел, канцеларијата за човекови права на ОН, Комитетот за заштита на новинарите и претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД повикаа на итно ослободување на Курмашева.
Законот за странски агенти им дозволува на властите да ги означат непрофитните организации како „странски агенти“ доколку добиваат средства од странство и учествуваат во политички активности.
Од РСЕ нагласуваат дека овој закон претставува политичка цензура со цел да се оневозможи новинарите да ги извршуваат своите професионални должности.
Повеќе од 30 вработени во Радио Слободна Европа се наведени како „странски агенти“ од Министерството за правда на Русија.
Заедно со Курмашева, во затвор во моментов се и новинарите на РСЕ, Андреј Кузнечик, Ихар Лосик и Владислав Јесипенко, поради обвиненија поврзани со нивната работа. Групите за човекови права и РСЕ постојано повикуваа на нивно ослободување.
Министрите од регионот потпишаа изјава за борба против корупцијата

Министрите од регионот потпишаа заедничка изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку конфискација на имот и дигитализација, за време на Министерскиот совет на ОБСЕ што се одржува во Скопје денеска (30 Ноември) и утре (1 Декември).
Министрите порачаа дека сузбивањето на корупцијата е приоритет за државите, а специјалната претставничка на ОБСЕ за борба против корупцијата Анита Рамасастри порача дека тоа е заеднички предизвик и оти тоа е клучно за да има функционални пазари.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија во обраќањето на настанот порача дека корупцијата ја загрозува безбедноста и економската благосостојба, а потпишувањето на денешниот документ значи дека на оваа борба ќе се посветат на највисоко ниво.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, пак, зборуваше дека борбата против корупцијата не е можна без меѓународна и координирана соработка, а ОБСЕ треба да помогне земјите да ги зајакнат капацитетите. Тој, исто така, порача дека корупцијата е и таму каде што се парите, алудирајќи на Западот.
„Ние сами се нарекуваме шампиони во корупција, ама не сме. Корупција има таму каде што има пари. Земање провизија на Западот е легално, а кај нас е корупција. Жал ми што тие не го потпишуваат ова, тие треба први да потпишат. Се сомневам дека ние сме повеќе корумпирани од нив. Само сакам да не ни делат лекции од страна. Ако земјите на ЕУ треба да поминат низ процесот низ кој ние треба да поминеме за влез во ЕУ, три четвртини нема да поминат“, рече Дачиќ.
Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина (БиХ), Елмедин Конаковиќ, пак, во обраќањето се пошегува на сметка на својата држава велејќи дека завршила прва на листата најкорумпирани затоа што го корумпирале тој што ја правел листата.
Корупцијата, според него, е политичка реалност на Балканот и поради тоа луѓето се иселуваат.
Шефот на црногорската дипломатија, Филип Ивановиќ, испрати порака дека ОБСЕ треба да ја зајакне улогата во борбата против корупцијата и криминалот, а неговиот колега од Албанија, Игли Хасани, рече дека оваа борба треба да биде приоритет и останува да има политичка волја за да се направи нешто повеќе на ова поле.
Климатски самит во Дубаи-повик за решавање на прашањето со фосилните горива

Султан ал - Џабер, претседател на конференцијата за климатски промени КОП28 на Обединетите нации(ОН), го отвори самитот во Дубаи денеска (30 ноември), повикувајќи ги земјите и компаниите кои произведуваат фосилни горива да работат заедно за да ги исполнат глобалните климатски цели, пренесе Ројтерс.
Националните влади се подготвуваат за маратонски преговори за тоа дали да се договорат, за прв пат, постепено да се укине употребата на јаглен, нафта и гас, кои емитуваат јаглероден диоксид (CO2) во светот, како главен извор на стакленички гасови и на глобалното затоплување.
Џабер, кој е и главен извршен директор на националната нафтена компанија на Обединетите Арапски Емирати, се обиде да постигне помирувачки тон по неколкумесечните критики за неговото назначување на чело на КОП28.
Во своето воведно обраќање, Џабер призна дека постоојат „цврсти позиции за идејата за спомнување на фосилните горива и обновливите извори на енергија во заеднички контекст во преговарачкиот текст“.
„Но, ве молиме, работете заедно. Од суштинско значење е ниту едно прашање да не се остави настрана. И да, како што реков, мора да бараме начини да ја земеме предвид важноста на улогата што ја играат фосилните горива“, рече Џабер.
Тој ја пофали одлуката на неговата земја „проактивно да се ангажира“ со компаниите за фосилни горива и истакна дека многу национални нафтени компании усвоиле нето-нулти цели до 2050 година.
„Благодарен сум што решија да се приклучат на ова патување кое ќе донесе големи промени за сите. Но, морам да кажам дека тоа не е доволно и знам дека можат многу повеќе“, рече Џабер.
Претседателството на КОП28 доцна во средата(29.22) објави предлог земјите официјално да усвојат нацрт на нов фонд на ОН за сиромашните земји погодени од климатски катастрофи како што се екстремни поплави или постојани суши.
Раниот напредок околу Фондот за отштети што посиромашните земји го бараат со години може да помогне да се направат други компромиси за време на двонеделниот самит.
Владата на Косово го продолжи рокот за пререгистрација на возилата од српски на косовски таблички

Владата на Косово денеска (30 ноември) донесе одлука да го продолжи рокот за пререгистрација на возилата од српски на косовски таблички за уште 15 дена.
„Оваа промена дојде како резултат на многуте барања и големиот интерес за регистрација на возила со регистарски таблички РКС“, се наведува во соопштението.
Продолжување на рокот до 15 декември претходно побара и Управата на косовската полиција за северниот регион.
Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека вакво барање е испратено до централните власти бидејќи во центрите за пререгистрација е забележана голема турканица.
„Има некои автомобили со технички проблеми, ако има технички проблеми луѓето не можат да одвојат цел ден да потврдат дека автомобилот е исправен, па потоа осигурувањето.... Забележавме технички проблеми и затоа побаравме од Министерството да го продолжи рокот , но тоа не значи дека така и ќе биде“, изјави Елшани.
Рокот за пререгистрација на автомобили од српски на косовски регистарски таблички е продолжен на 1 ноември за еден месец, односно жителите на Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток имаат рок до 1 декември да ги заменат табличките КМ (Косовска Митровица) со РКС (Република Косово).
Табличките со ознака КМ или друг град во Косово и издадени од српските власти се нелегални за Косово. Сепак, досега тие се толерираа на север, додека во српските области јужно од реката Ибар беа укинати пред повеќе од десет години.
Според проценките на српскиот граѓански сектор, во општините на север имало околу 10.000 возила со таблички КМ. Според податоците на косовското МВР, во последниот месец во РКС се пререгистрирани речиси 4.000 возила.
Елшани предупредува дека, доколку МВР на Косово не одобри продолжување на рокот за пререгистрација, косовската полиција од 1 декември нема да дозволи движење со таблички КМ.
„Ќе стопира само редовната полиција (не специјалната полиција која е присутна на северот на Косово). Се земаат регистарските таблички и се пишува казна од 150 евра. Ако возите без регистарски таблички, автомобилот ќе ви биде одземен“, кажа Елшани.
Прашањето за регистарските таблички на КМ е актуелно од минатата година и предизвика низа кризи на северот на Косово, излегување на Србите од косовските институции, протести и барикади
Рускиот суд го прогласи ЛГБТ движењето за „екстремистичко“

Рускиот Врховен суд пресуди дека ЛГБТ движењето е „екстремистичко“, а овој потег, според предупредувањата на организациите за заштита на човековите права, ќе ѝ овозможи на Русија да изврши уште поголем притисок врз геј и врз трансродовите лица.
На 17 ноември руското Министерство за правда побара од Врховниот суд на земјата да прогласи, како што го нарекува, „меѓународното ЛГБТ социјално движење“ за „екстремистичка“ организација, која влева страв во ЛГБТ заедницата, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.
Министерството во соопштението во кое ја најави тужбата наведе дека властите идентификувале „знаци и манифестации од екстремистичка природа“ во „активностите на ЛГБТ движењето“ во Русија, вклучително и „поттикнување социјален и верски раздор“.
По сослушувањето зад затворени врати, Врховниот суд денеска (30 ноември) објави дека го одобрил барањето на Министерството за етикетирање на „меѓународното социјално движење ЛГБТ“ како екстремистичко, со што се забрануваат неговите активности во Русија.
Руските организации за човекови права побараа од Врховниот суд да го одбие барањето, предупредувајќи дека „невозможно е да се нарече група луѓе „социјално движење“ само затоа што ги обединуваат некои лични карактеристики“.
Овој потег го претставува најновиот и најдрастичен чекор во децениското задушување на правата на ЛБГТ во Русија, започнато во времето на претседателот Владимир Путин, кој „традиционалните семејни вредности“ ги постави како темел на неговото владеење.
Некои ЛГБТ активисти стравуваат дека екстремистичката етикета ќе биде насочена кон кој било член на заедницата, без оглед на нивната вклученост во ЛГБТ организациите.
Игор Кочетков, активист кој ја предводи организацијата наречена „Руска ЛГБТ мрежа“, претходно изјави дека ЛГБТ организациите ќе бидат принудени да се затворат, да одат во илегала или да работат од странство доколку Судот се согласи со Министерството за правда.
„Правната активност на ЛГБТ организациите и иницијативите во Русија ќе станат невозможни“, рече тој во објава на Телеграм на 17 ноември, денот кога руското Министерство го поднесе својот случај до Врховниот суд.
Според рускиот закон за екстремизам, кој беше усвоен во 2002 година, секоја назначена организација всушност е забранета, а оваа мерка е променета и заострена со текот на годините.
Други групи кои се сметаат за екстремистички се Фондацијата за борба против корупцијата на Алексеј Навални, Јеховините сведоци и од неодамна Мета, матичната компанија на социјалната мрежа Фејсбук.
Укинувањето на правата на ЛГБТ луѓето во Русија започна пред една деценија. Во 2013 година, Кремљ го донесе првиот закон за ограничување на правата на ЛГБТ, познат како закон за „геј пропаганда“, забранувајќи секакво јавно прикажување на „нетрадиционални сексуални односи“ меѓу малолетници.
Во 2020 година, Путин направи уставна реформа за да го продолжи своето владеење за уште два мандати, со што исто така се забрануваат истополови бракови. По започнувањето на инвазијата на Украина во 2022 година, Кремљ ја засили својата реторика за заштита на „традиционалните вредности“ од, како што го нарече „понижувачко“ влијание на Западот.
Во истата година, властите донесоа закон со кој се забранува пропаганда на „нетрадиционални сексуални односи“ меѓу возрасни. Друг закон донесен во 2023 година забранува медицинска промена на полот, како и промена на пол во документи и јавни досиеја. Сменет беше и „Семејниот законик“ на Русија, кој ја наведува промената на полот како причина за поништување на бракот и им забранува на оние кои го промениле полот да станат згрижувачки родители или посвоители.
Лавров: Западот го уништува ОБСЕ
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати на Министерскиот состанок на ОБСЕ, при што рече дека сегашната ситуација е директна последица на обидите на западните земји да ја обезбедат својата доминација преку „бесрамното користење на ОБСЕ за агресивно туркање на тесни себични интереси и намерно уништување на основниот принцип на консензус и самата култура на дипломатијата“, рече тој.
„Секој непристрасен човек разбира дека е важно прашањата за европската безбедност да се решаваат сериозно и искрено. Сепак, западната престолнина е завидно опседната со шансите на ОБСЕ за заживување. Тие веќе создадоа европска политичка заедница без Русија и без Белорусија. Така, на нашиот континент се исцртува уште една линија на поделба, уништувајќи го просторот на ОБСЕ“, рече Лавров.
Во својот 15 минутен говор, Лавров ги напаѓаше западните земји, Европската унија и НАТО.
Пред да го започне говорот, од салата излегоа делегации на неколку држави, како Украина, Чешка и други.
Чешкиот министер Јан Липаски на платформагта Х напиша дека во салата е подобро да останат да го слушаат Лавров оние кои се задолжени да следат дезинформации.
Рускиот министер за надворешни работи присуствува на 30-от Министерски совет на ОБСЕ, кој се одржува во Скопје на 30 ноември и 1 декември.
Лавров пристигна во Скопје доцна вечерта на 29 ноември преку Грција, а не како што претходно беше најавено преку Бугарија.
Лавров во Северна Македонија пристигна со делегација од 80 луѓе.
На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста, присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ - САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.
ВМРО-ДПМНЕ прифати лидерска, СДСМ ја закажа за в понеделник

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо во понеделник да се одржи лидерска средба поврзана со изборите, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на оваа партија Марија Митева, одговарајќи на повикот за лидерска кој синоќа го упати премиерот Димитар Ковачевски.
Митева рече дека понудата за лидерска средба в понеделник ја слушнале од медиумите, но посочи дека од партијата има расположение истата да се одржи на 4 декември по 11 часот.
„Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник која што е поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор. Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која ние очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ. Воедно бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде после 11 часот во понеделник бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студентите на Машинскиот факултет каде работи како редовен професор“, истакна Митева.
Од владејачката СДСМ пак, одговорија дека лидерската средба ќе се одржи в понеделник со почеток од 12 часот.
„Жалиме што ќе мора да му ја пореметиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ работи само два часа во текот на денот, од 09-11 часот. Средбата во понеделник, 4-ти декември 2023 година ќе биде во 12:00 часот“, стои во партиското соопштение на СДСМ.
Премиерот Димитар Ковачевски синоќа на заедничката прес-конференција со потпретседателот на ЕК и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кажа дека денеска ќе упати покана за средба до сите претседатели на парламентарните политички партии, како и до претседателот на Собранието.
Како теми за средбата ги посочи евроинтеграцијата, редовните претседателски и парламентарни избори, како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Пред неколку дена тој кажа дека форматот на средбата ќе биде ист како на претходната што се одржа во Собранието.
Најмалку десет ранети во гранатирање во источна Украина

Најмалку десет цивили се ранети синоќа во руско гранатирање во источниот украински регион Доњецк, потврди на 30 ноември регионалниот гувернер Ихор Мороз.
Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека руските трупи ги гранатирале провинциите Покровск, Новохродивка и Мирнохрад, а исто така истрелале шест ракети кон Покровск.
„Како резултат на гранатирањето десет лица се ранети, меѓу кои и четири деца. Тие се во потрага по пет исчезнати под урнатините“, рече Клименко.
Украинската воздушна одбрана соопшти дека соборила 14 од 20-те беспилотни летала од иранско производство, лансирани од Русија на украинска територија во раните утрински часови на 30 ноември.
Блинкен се надева на продолжување на примирјето меѓу Израел и Хамас

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека примирјето во војната меѓу Израел и Хамас и размената на заробеници „произвеле резултати“ и дека се надева дека позитивниот тренд може да продолжи.
„Заложниците се вратија дома, се обединија со своите семејства“, рече Блинкен на средбата со израелскиот претседател Исак Херцог во Тел Авив, додавајќи дека прекинот на огнот исто така овозможил „повеќе хуманитарна помош да стигне до цивилите во Газа на кои очајно им е потребна“.
„Тој процес дава резултати и се надевам дека ќе може да продолжи“, изјави Блинкен.
Четиридневното примирје, кое стапи на сила во петокот минатата недела, а потоа беше продолжено, овозможи ослободување на 70 израелски заложници, не сметајќи ги тројца кои имаат и руско државјанство, и 210 палестински затвореници.
Освен тоа, надвор од договорот беа ослободени околу 30 странци и оние со двојно државјанство, главно Тајланѓани, вработени во Израел.
Претседателот на Израел им се заблагодари на Соединетите Држави за „огромната работа посветена на ослободувањето на заложниците“ и рече дека „околу 150 од нив се уште се во Газа“.
Блинкен пристигна во Израел синоќа, а ќе отпатува и на Западниот Брег за да се сретне со палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Тоа е трета посета на Блинкен на Блискиот Исток од почетокот на војната на 7 октомври, предизвикана од нападите на екстремистичката група Хамас врз Израел во кои загинаа повеќе од 1200 луѓе.
Израел потоа вети дека ќе го уништи Хамас и континуирано го бомбардираше Појасот Газа до прекинот на огнот кој стапи на сила на 24 ноември.
Според Министерството за здравство, кое го води Хамас,(организација прогласена за терористичка од страна на ЕУ и САД), починале речиси 15 000 луѓе, вклучително и повеќе од 6 000 на возраст под 18 години.
Блинкен рече дека очекува детални разговори со израелската влада за тоа како „да се придвижи напред во Газа“. Ден претходно тој повика на „создавање услови за вистински долгорочен мир“ и додаде дека најдобар начин да се постигне тоа е „преку двете држави“ Израел и Палестина.
Израел и Хамас во четвртокот постигнаа договор во последен момент за продолжување на шестдневниот прекин на огнот за уште еден ден за да им се овозможи на преговарачите да продолжат да работат на договори за размена на заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа за Палестинци од израелските затвори.
Гутереш порача КОП28 да се заложи за напуштање на фосилните горива

Конференцијата за климата КОП28, која започнува денеска во Дубаи, мора да се посвети на вистинско „постапно исфрлање“ на фосилните горива, рече генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, осудувајќи го недостатокот на „политичка волја“ во спречувањето на „климатската катастрофа“.
„Јас сум силно за текст кој вклучува напуштање (фосилни горива)“, рече Гутереш во интервју пред да замине за Дубаи.
Соочени со недоволна глобална акција за исполнување на целта на Парискиот договор за ограничување на порастот на температурата на 1,5 степени Целзиусови, некои земји сакаат финалниот документ КОП28, кој треба да биде усвоен со консензус, експлицитно да повикува на намалување на фосилните горива.
„Намалувањето може да биде сè, никогаш не знаеме што значи тоа. „Напуштање“ значи запирање во одредена точка. Дури и ако не можеме да престанеме (да користиме фосилни горива) утре“, додаде Гутереш.
Неодамна преговарачите од земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) и пратениците постигнаа договор за нови правила за намалување на емисиите на метан, кои ќе постават нови барања за индустријата за јаглен, гас и нафта.
Според експертите, метанот е една од најголемите причинители за климатските промени, веднаш по јаглерод диоксидот. Овој гас предизвикува и сериозни здравствени проблеми.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете