Достапни линкови

Законите не може да стигнат до седница, собраниските служби затрупани со амандмани


Илустрација: Собраниска седница
Илустрација: Собраниска седница

Десетици илјади амандмани се поднесени на различни закони во Собранието, а службите не може да постигнат да ги преведат и да ги скенираат. Алијанса за Албанците и Алтернатива бараат прво да се донесе Законот за државјанство за да ги повлечат нивните амандмани.

Собранието е затрупано со десетици илјади амандмани од речиси сите партии, и тешко дека работата може да се одглави без договор меѓу политичките партии. Опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива има поднесено околу 30 илјади амандмани, ВМРО-ДПМНЕ скоро 6000, а Левица над 1000 амандмани на различни закони.

Поради блокадата Собранието не може да ги донесе антикризните мерки за помош на граѓаните и фирмите погодени од ковид-кризата.

Села - Лага е дека блокираме

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, пак вели дека тие и да сакаат, не можат да го блокира донесувањето на петтиот сет антикризни-мерки. Во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе се емитува в недела, Села вели дека законите се носат по скратена постапка, па затоа расправата во матичната комисија за финансирање и буџет трае само три дена, без разлика колку амандмани се поднесени.

„Лага е тоа дека ние сме го блокирале, бидејќи ние колку и да сакаме да блокираме, тоа важи три дена. Сите други амандмани, три дена откако ќе биде блокирано, односно ќе се дебатира за амандманите, сите други кои ќе останат недебатирани се фрлаат и може да си продолжат да ја дадат таа помош на граѓаните. Ама по сè изгледа дека овие можеби немаат пари, па ајде да најдеме изговор во оваа работа која ја прават Алијанса за Албанците и Алтернатива. Тоа е лага. Лага која цел месец се кажува по прес-конференции, а треба да им се извинат на граѓаните што си играат со нивната тешка состојба“, вели Села.

Службите треба да преведуваат илјадници амандмани

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски, пак, вели дека е точно дека комисиската расправа трае три дена, но таа не може да почне затоа што собраниските служби треба да ги преведат и обработат овие илјадници амандмани.

„Реалната слика е што големиот број на амандмани пуштени во процедура, по 2000 има мислам, не знам колку се точно, е што службите треба сите да ги обработат, да ги преведат, да ги скенираат, да ги прикачат на систем и тоа трае. Претходно имале на други закони, околу 30 илјади амандмани имаат пуштено во процедура, затоа не е досега почната работата, зашто не може да им се додели материјалот на пратеници. Инаку, точно е дека во Комисијата за финансирање три дена трае, ама треба да почне, а не може да почне додека ова не се направи. Не може да се одглави, треба да ги повлечат или да почекаме да ги обработат сите“, вели Митревски.

Опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива поднесе илјадници амандмани за да го блокира Собранието, барајќи прво да се донесе нов Закон за државјанство со кој ќе се реши статусот на луѓето кои со години живеат во Македонија, а не можат да добијат државјанство. ВМРО-ДПМНЕ претходно го блокираше Предлог-законот за државјанство, поднесувајќи стотици амандмани.

На лидерската средба меѓу претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, пред две недели беше договорено пописот да се одложи за септември, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ да обезбеди кворум за донесување на антикризните закони.

Законот за државјанство стана камен на сопнување во Парламентот. Алијансата за Албанците и Алтернатива предложија престојот во Македонија на лицата кои бараат државјанство да се докажува со тројца сведоци, да се скрати времетраењето на престој од 8 на 4 години и условот познавање на македонскиот јазик да се смени со познавање на еден од службените јазици на Македонија. Тоа е неприфатливо за партиите од македонскиот блок.

Меѓу законите што се блокирани се предлог-законот за финансиска поддршка како дел од петтиот пакет на антикризни мерки со кој околу 23 илјади граѓани треба да добијат по 6.000 денари финансиска помош.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ најавија повлекување на амандманите на Законот за државјанство и очекуваат истото да го направат пратениците на Алијансата за Албанците и Алтернатива за да се одблокира донесувањето на петиот пакет мерки за помош на стопанството.

Премиерот Зоран Заев најави дека в понеделник ќе се сретне со претставници на Алијанса за Албанците/Алтернатива за да се донесе решение за Законот за државјанство.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG