Достапни линкови

Низа огласи за работа во општините пред локалните избори


Плански региони и општини во Македонија. Извор: Министерство за локална самоуправа.
Плански региони и општини во Македонија. Извор: Министерство за локална самоуправа.

Десетина отворени позиции има во општините за плати од 16 илјади до околу 37 илјaди денари. Најмногу вработени бара општина Куманово. Според упатените, на дел од општините навистина им недостасува кадар и за нив добра идеја е рамковните вработени да бидат таму прераспределени.

Соработници, референти, советници, раководители и инспектори се бараат во огласите на општините во изминативе денови на неколку месеци пред одржувањето на изборите. На располагање во 8 општини има 17 работни места, според објавените огласи на Агенцијата за администрација. Понудените плати се движат од 16 илјади до околу 37 илјади денари.

Општините Сопиште, Ресен, Пробиштип, Могила, Лозово, Куманово, Делчево и Брвеница бараат да вработат по едно или повеќе лица. Куманово ја предвои листата на дефицитарен кадар со слободни 5 работни места, а потоа следи Делчево со три места.

Во општина Куманово се бара помошник раководител на сектор за поддршка на Градоначалник и Совет на општината, информирање и односи со јавноста и информатичка технологија, потоа референт за упатување на граѓани, виш соработник за административна поддршка во утврдување на данок, раководител на сектор за образование и советник за планирање на локален економски развој. Најголемата плата од 37 647 е издвоена за раководител на сектор за образование.

Во Делечево се бараат соработник за администрирање на локалните даноци, соработник за јавни набавки и советник за уредување на градежно земјиште и заштита на животната средина, за кој е понудена највисока плата од околу 26 илјади денари.

Професорот по административно право Темелко Ристески вели дека локалната самоуправа е најблиску до граѓаните и најмногу услуги се даваат од неа. Според него, дел од општините, посебно помалите имаат потреба од кадар.

„Не е тоа случај во сите општини. Само во еден значителен број на општини нема луѓе и нормално за да се извршуваат работите, ефикасно за да се извршуваат треба луѓе. Луѓето ги работат работите. Така што тоа е една од причините. Второ има луѓе кои што немаат постојани решенија, туку се примени на одредено време и да им се реши статусот“, вели Ристески.

Кај граѓаните има интерес за вработување и во локалната власт, а за тоа говорат и податоците на Агенцијата за администрација. Според последните податоци во февруари биле објавени 18 огласи на институциите од локалната власт за 30 работни места. Претходниот месец, односно во јануари биле објавени 11 огласи за 26 работни места. За вкупно 56 работни места аплицирале 573 граѓани, односно во просек за еден оглас се пријавиле по 10 кандидати. За март се уште нема податоци.

Ќе завршат ли рамковните вработени во општините?

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на почетокот од годинава соопшти дека голем дел од рамковните вработени ќе бидат распределни во општините низ земјава.

„Согласно член 4 став (1) од Законот за преземање на административни службеници вработени преку K5 програмата во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, вкупно 1.357 административни службеници ќе бидат распределени во вкупно 258 институции на локална самоуправа и други државни органи основани во согласност со Уставот и законот“, се наведува во соопштението.

Воедно првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби го достави планот за распределба на административните службеници до Владата. Се работи за околу 1300 лица.

Ристески смета дека тоа е правилен начин за нивна распределба.

„Ако веќе ништо не работат, а земаат плата треба некаде да работат. Сега ако нема место вод државната администрација, а има места во општинската администрација, тогаш ред е таму да им се најде место да работат. Инаку нон сенс е некој да зема плата, а да не работи и дома да седи“, смета Ристески.

Доколку некој од вработените според Рамковниот договор, кои седат дома и примаат плата, двапати одбие опција за ангажман што ќе му биде понуден за работа во некоја од институциите, според најавата на министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири ќе му биде раскинат работниот однос.

Минатата година, како што се наведува во податоците на Агенцијата за администрација, во институциите на локалната власт биле вработени вкупно 371 лице. Вработувањата притоа биле ставени во мирување неколку месеци поради распишувањето и одржувањето на предвремените парламентарни избори во јули, 2020 година.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG