Достапни линкови

Пописот одложен, разликите за дијаспората остануваат


Законските измени за одложување на пописот поминаа денеска на пленарна седница во Собранието. Дебатата за одложувањето се водеше со етнички предзнак за тоа како ќе се користат бројките од попишувањето на дијаспората и дали воопшто треба да се попише дијаспората, но и со лични дискредитации.

Одложувањето на пописот со законските измени во скратена постапка денеска помина во Собранието. По четири часовна дебата со 95 гласови „за“ и 12 гласови „против“ без „воздржани “ пратениците исполнувајќи го Бадентеровиот принцип се согласија да се одржи пописот од 5 до 30 септември. Веднаш потоа пратениците „во пакет “ по целочасовна координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери гласаа и за измените на Изборниот законик со кој се предвидува употреба на терминали за отчитување на отисок од прсти на локалните избори, што исто така ќе бидат одложени за втората половина на октомври . Измените за вториот закон беа донесени со 95 пратенички гласови „за“ и без ниту еден глас „против“ или „воздржан“

Почетокот на седницата помина расправа меѓу Левица и ВМРО-ДПМНЕ за тоа дали измените на законот се доволно добри односно зошто само одложувањето на пописот е дел од измените на законот, а не и проблемот со попишувањето на дијаспората. Дебатата за одложувањето на пописот во септември во останатите три часа се водеше главно помеѓу пратениците од Алијанса на Албанците и Алтгернатива, кои се против одложувањето на пописот и ДУИ, кои сметаат дека пописот треба да се одложи и дека тоа нема да влијае на процесот.

Најголем методолошки проблем во законските измени за опозициските партии и на денешната седница е попишувањето на дијаспората, односно прашањето дали треба или не треба да се попишува дијспората и како тоа ќе влијае врз економските политики на земјата. Координаторот на политичката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски изјави добро е што успеале да го одложат пописот затоа што , ако не го направеле тоа месецов бројот на новозаразени од ковид -19 ќе беше зголемен за 50 илјади поради пописот.

„Ние остануваме на ставот дека резидентното население и дијаспора се различни поими. Остануваме на ставот дека резидентното население треба да се попише, и дека дијаспората може да се евидентира. Се знае точно што значи привремен претстој во странство, што значи граѓанин иселен надвор повеќе од 12 месеци, што значи одјавена адреса на живеење во Република Македонија. И дајте сите заедно ова да го направиме“, изјави Мицевски.

Пратеникот на Левица Борислав Крмов во своето излагање истакна пописот на дијаспората ќе влијае врз економските параметри во земјата.

„ Не само недостатоците кои ги спомнавме, туку и луѓе од власта го уништија кредибилитетот на самиот процес. Ние го гледавме вицепремиерот Артан Груби на државна сметка селективно оди во одредени држави па како лобира тамошната дијаспора да се попише, па политичари од тие државии повикуваа да се попишат како тоа да е нивна работа. Потоа министерот за правда Бојан Маричиќ кој баш ми е жал што не е присутен денеска, изјави дека правичната застапеност ќе се раководи според севкупното попишано население односно по дијаспората. На пример во едно село сод 10 илјади жители од кои 5 илјади иселени, правичната застапеност ќе се раководи според бројот од 10 илјади жители“, вели Крмов.

Според него, договорот кој го постигнаа лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, со кој, како што вели, наводно се отстранува опасноста од ковид за попишувачите, е неточен затоа што, со вакцинирањето на попишувачите се штитат само тие, но не и населението кое треба да се попише. Левица денеска најави дека нема да запрат со кампањата против попишување на дијаспората.

Од друга страна, пак пратеничката на ДУИ Арта Биљали Зендели таквата расправа значи омраза кон дијаспората во која како што вели таа, 90 проценти од од дијаспората се Албанци.

„ Во однос на правичната застапеносt, тоа е најзначајно постигнување кое ја зачува Македонија. Тоа е најголемото постигнување во 21 век. Немој да се обидуваш да собираш политички поени на правичната застапеност во земјава каде што работите и сте претставник на граѓаните“ реплицираше Зендели.

Алијансата на Албанците и Алтернатива од собраниската говорница посочија дека пандемијата не е причината за одложување на пописот, причината според нив се правата на Албанците кои се врзани со бројките.

„Ние како опозиција секогаш сме велеле дека сме против одлагање на пописот, особено околу политиката за тоа, целата јавност знае дека дојде како резулатат од исторска средба меѓу Заев и Мицковски, кои за прв пат се сретнаа сами, а тоа не го сторија ни за Договорот со Грција, ни за Договорост со Бугарија, ниту за прашањето за Црквата, што значи дека пописот е од посебен интерес за нив. Парадоксот е што бара ДУИ да биде алатка за оваа средба“ изјави Елми Азири од Алијансата за Албанците.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова вчера во комисиската расправа истакна дека пописот на дијаспората не треба да влегува во вкупниот број на населението.

„Никој не негира дека дијспората има огромно значење за Македонија, дека дијаспората не само финансиски туку и поинаку е дел од оваа држава, меѓутоа двојното попишување е забрането, сите кои се подолго од 12 месеци надвор, се попишуваат таму. Затоа што таа држава го планира нивниот ангажман таму. Значи може да се регистрира дијаспората, меѓутоа таа не влегува во вкупното население“ изјави Силјановска Давкова.

Мицкоски: пописот е само за резидентно население

Со таков став вчеравечер излезе и лидерот на партијата Христијан Мицкоски кој во телевизиско гостување на ТВ 21 истакна дека нема да го признаат пописот доколку во него се вброи и дијаспората, но кога се работи за избори имаат право да гласаат.

Премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање денеска ја повика дијаспората да продолжи да се попишува, затоа што како што вели, има рок од неколку месеци тоа да го стори.

„Ние си го попишуваме целиот наш народ, без разлика дали е дома или надвор, и секако дека податоците кои ги земаме за граѓаните кои ни живеат дома, односно за резидентното население, се податоци кои влегуваат во употребата затоа што Прилеп на пример го развиваме согласно бројот на жители, кои што ни живеат тука. Согласно тоа предвидуваме каде требаат градинки, каде се потрбни училишта, колкава е потребата од нови индустриски капацитети, каков вид на капацитети, што образование и профили постојат кај граѓаните кои се невработени но и вработени. Тоа се суштински информации за граѓаните кои што ни живеат дома, но еднакво важни ни се и граѓаните кои што живеат надвор од државата“ изјави Заев при посетата на Прилеп.

Собраниската пленарна седница на самиот старт почна со должување од еден час, затоа што пратениците на Алијансата за Албанците бараа пауза, оти имале проблем со паркингот па не можеле на време да стигнат на работа.
Претседателот на Собранието Талат Џафери пред да им даде пауза од еден час им посочи дека тоа е нивни проблем, затоа што требале да мислат на тоа пред да стигнат на работно место и да си дојдат порано.

„Вие сте должни да дојдете на време, дојдете си еден час порано, мене не ме интересираат овие оправдувања, а за паузата ако треба одите на ручек, може и дома да ручате, јас немам должност да обезбедам ручек, во работен однос сте во Собранието, а работниот однос ви го обезбедиле граѓаните“ изјави Џафери.

Пред самото гласање Џафери најави пауза за кординација во неговиот кабинет со координаторите на политичките партии.

Власта во образложението на измените на законот посочи дека одложува поради потребата од имунизација на населението, но и поради тековната состојба предизвикана од вирусот ковид – 19 и наместо од 1 до 21 април, пописот да се спроведе во текот на септември, оваа година, но и дека дијаспората ќе може да се изјаснува до 30 септември.

Претходно во законодавно- правната комисија денеска беа одбиени амандманите на опозициските партии Алијанса на Албанците и Алтернатива. Во комисиските расправи Левица и ВМРО- ДПМНЕ посочија дека измените на законот имаат правни пропусти кои се однесуваат на рокот поврзан со законот кој сега е во сила, односно со кој од вчера ( 1 април ) стартуваат подготовките за попис на терен.

Американската амбасадорка Брнз порача АА-А да бидат конструктивна опозиција

Договор за одложување на пописот беше постигнат во понеделникот меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на лидерска средба.Иако на владина седница експресно беа усвоени измени со кои пописот се одложува, а попишувањето на дијаспората продолжува и ќе трае се додека не заврши и теренското попишување, сепак вчера измените не се најдоа на дневен ред на Собранието поради противење на Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Овие две партии го блокираат Собранието со барање да се уреди статусот на лицата без државјанство. Измените што тие ги предлагаат предивудуваат со државјанство да се стекне лице што ќе докаже со тројца сведоци дека живеело во Македонија. Станува збор за лица кои се без македонско државјанство, а имале државјанство од некоја од поранешните југословенски републики и до прогласување на независност на Македонија живееле тука.

Во Македонија последен пат се одржа попис во 2002, обидот за попис во 2011 беше неуспешен. По формирањето на СЈО, ова обвинителство отвори предмет за пропаднатиот попис организиран од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според СЈО, со стопирањето на пописот на населението тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е во бегство, Никола Груевски и неговиот коалициски партнер во владата Али Ахмети, нанеле штета на Буџетот во висина од 2,8 милиони евра. Овој предметот по пропаѓањето на СЈО го презеде ОЈО за организиран криминал и корупција. Но истрагата за овој случај пропадна, оти не се собрани доволно докази за да може кривично да се гонат Груевски и Ахмети.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG