Достапни линкови

40 проценти од грaѓаните лекувањето го плаќаат од џеб


Архивска фотографија: Министерот за здравство Венко Филипче во посета на Детската клиника

Четириесет проценти од граѓаните услугите во здравството ги плаќаат од сопствен џеб. Упатените велат дека тоа не се добри показатели за состојбите во здравството и оти нешто треба да се смени. Јавноста дополнително ја бранува најавата за отпочнување на јавно приватно партнерство во здравството.

Ја реобјавуваме саботната анализа првично објавена на 11 мај годинава

Во аптеките лековите кои за граѓаните се на товар на Фондот за здравствено осигурување се појавуваат во почетокот на месецот и потоа бргу ги снемува. За повеќе од луѓето, нејасно е зошто ги нема неопходните лекови, кои може да ги купат приватно. Честиот недостиг на лековите од позитивната листа, според упатените, е последица на неколку проблеми од кои дел се од економска природа, а други се поледица на проблеми со нерационално трошење на лекови.

Претседателката на Фармацевтска комора, професор Бистра Ангеловска, вели дека квотите во аптеките се модел со кој Фондот се труди ограничените средства од буџетот за лекови да ги распредели колку-толку рамномерно, за да може на граѓаните да им бидат достапни лековите кои се на товар на Фондот.

„Средствата се планираат според модел колку е потрошено минатата година. Кога зборуваме за недостиг повеќе може да кажеме дека пациентите кои се хронично болни се снабдуваат во почетокот на месецот. Тука не е толку загрижувачки недостатокот, зошто пред 15-ти ги подигнуваат лаковите. Но за акутно болни по првите денови од месецот веќе аптеката нема квота за да им го издаде лекот на товар на фондот“, вели професор Ангеловска.

Со измени на Законот за лекови во 2002 година е приватизирана севкупната примерна здравствена заштита вклучително и аптеките, покрај матичните амбуланти и стоматолошките ординации. Овие објекти станаа под концесија на вработените, а дел беа продадени и дејноста се приватизира. Со измени на Законот се донесе и уредба за мрежа и дел од аптеките што влегоа во мрежата склучија договор со Фондот, зошто не може државата неограничено да финансира лекови. Според некои согледувања при приватизацијата на аптеките требаше да се остави одреден број на аптеки во државна сопственост кои ќе ги спроведуваат здравствени политики во интерес на најранливите групи.

Осврнувајќи се на проблемот со лековите кои пациентите кои имаат со години наназад Ангеловска вели дека стручни групи со Фондот работат за да овозможат во иднина квотата да трае подолго време.

„Во разговорите со Фондот дојдовме до заклучок дека не може без квотите да функционира. Се работи согласно законот и пакетот да биде во можност да се испорачаат лековите во било кое време на месецот, но да видиме колку ќе бидеме во можност тоа да го одработиме“, вели Ангеловска.

Јавното здравство под притисок на приватното
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:36 0:00

Како една од причините за ситуацијата со лековите исто така подолго време се наведува и преголемото трошење на лекови во земјата, иако не е јасно зошто тој процес е толку комплицирано да се стави под контрола.

Но за многумина од граѓаните исто така останува нејасно зошто и покрај тоа што во здравството со години наназад се вложуваа огромни пари со кои во болниците и клиниките се набави опрема во повеќе области, пациентите се уште често се принудени да одат во приватното здравство зашто апаратите не работат, има гужви и за услуга треба да се чека со месеци или нема реагенси.

Оние што се поснаодливи некако и ќе стигнат до услугите, но останатите пациенти се соочуваат со хаотични состојби зашто условите се различни од болница до болница и некаде има опрема дел просечна, дел современа, а некаде сè недостига.

Упатените сметаат дека во болничките установи работата мора да биде подобро организирана, а основачот на Хелтгрупер Владимир Лазаревик предупредува дека државата треба да биде загрижена од тоа што приватните болници, кои речиси 90 проценти работат без здравствени услуги и во кои пациентите си ги плаќаат услугите од сопствен џеб, се полни како и државните.

„Значи виe може да ги видите дека приватните болници дека се полни со пациентите исто така како и државните. Меѓутоа фактичката ситуација укажува дека нешто не е како што треба. Тоа е главен индикатор преку кој проценувате дали еден здравствен систем е успешен или не е – Колку граѓаните се изложени на приватни трошоци. Кај нас изложени се повеќе од 40 проценти од вкупната здравствена потрошувачка и тоа на некој начин е еден од клучните индикатори дека нешто не функционира“, вели Лазаревик.

Тој посочува дека и приватниот сектор треба да се интегрира во системот на здравствена заштита и да биде уште по отворен за граѓаните. Но тој порачува дека се додека осигурувањето не ги покрие дел од трошоците, луѓето во земјава континуирано ќе бидат изложувани на приватни трошоци од џеб кои ги осиромашуваат.

Во ситуација кога анкетите покажуваат дека околу 40 отсто од пациентите своето лекување го плаќаат од својот џеб, упатените велат дека тоа се показатели за состојбите во здравството и оти нешто треба да се смени. Во меѓувреме јавноста дополнително ја бранува најавата за отпочнување на приватно партнерство со јавниот здравствен систем.

Што ќе донесе јавното приватно партнерство во здравството?

Министерот за здравство Венко Филипче очекува дека со јавното приватно партнерство ќе се зголемат можностите на здравствените услуги за пациентите.

Кои области и кои оддели во јавните здравствени установи се најкритични од аспект на немањето кадар, опрема и инфраструктура, за да бидат приоритетни во применувањето на моделот за јавно-приватно партнерство треба да одговори физибилити-студијата со која ќе се направи анализа на широка основа преку податоците од општите болници и клиниките. Очекувањата на министерот се студијата да се изработи најдоцна за три месеци нагласувајќи дека не постои никаков ризик од нерационално затворање болници.

Засега ваков модел е веќе имплементиран во детската кардиохирургија откако тим од државната клиника замина во болницата Филип Втори.

Директорот на Фондот за здравствено Ден Дончев изјави дека кардиохируршките операции што ќе се извршуваат во приватната болница и натаму ќе бидат на товар на Фондот и дека буџетот од 65 милиони денари што го определиле за здравствените услуги во Клиниката за кардиолошки интервенции за новороденчиња и деца до 18-годишна возраст претставува просек на годишниот буџет кој досега го определувале за Детска кардиохирургија во рамки на ЈЗУ Клиника за детски болести.

„Еден од главните мотиви, освен потенцијалната заштеда за плаќање на лекување во странство, се и значително подобрите услови за работа и лекување“, наведе Дончев.

Потребни се регионални центри

Во изминатиот период Синдикатот на Клинички центар преку соопштение реагираше на изјава на министерот за здравство, Венко Филипче со оценка дека не е јасно дали стратегијата за болниците во помалите општини во државата е регионализација или јавно – приватно партнерство.

Ако се планира болниците да се дадат во сопственост на приватни газди, како модел на јавно-приватно партнерство за Синдикатот на клинички центар останува нејасно како тие ќе ги исполнат капацитетите на болниците и од каде ќе обезбедат здравствен персонал, посочија од Синдикатот.

Тие прашуваат дали се планира здравствениот персонал да се пополни на сметка на Универзитетските клиники во состав на Клинички центар и истите да станат недоволно конкурентни на таквите „јавно“ приватни болници.

Како и да е, она што е познато е дека има многу градови во внатрешноста каде има болници кои според бројот на вработени здравствени работници не исполнуваат ниту минимум услови за работа. Дел од лекарите велат дека овој проблем може да се реши со јавно приватно партнерство, но оти на ова треба да претходи и подобро организирање на болничките услуги на ниво на целата држава. Професор доктор Јордан Савевски поранешен декан на Медицинскиот факултет во Скопје вели дека на државата и требаат регионални центри за поединечни специјалности.

„Еве ќе ви кажам како би изгледало во мојата струка трауматологија. За трауматологија потребни се т.н траума центри од четврти степен каде ќе с е лекуваат најлесни повреди. Велес треба да биде регионални центар од втор степен. Струмица и Гостивар од трет степен, а Тетово да има регионален траума центар од втор степен. За да се покрие севкупната трауматолошка служба на Македонија и е потребен еден траума центар од прв степен кој ќе ги решава најкомлицираните случаи. Потребни се и четири центри од втор степена како Охрид, Штип Тетово, 8 ми септември и градска болница и еден во клинички центар”, вели професор Савевски.

Во врска со приватно партнерство неговиот појдовен став е дека на пациентите не може да им се скратат услугите кои им се гарантирани со здравственото осигурување и тие да бидат оставени да се оперираат таму каде што нема услови. Тој посочува пример на болница од внатрешноста која има проблем со кадар.

„Сите знаме дека многу болници се празни. Еве на пример, што ќе се прави со болницата во Кочани? Таа некогаш беше многу добара болница сега таму нема кадри „зјае“ празна. Значи еден дел може таму да се извршува. Ако приватник може да направи таму улови и направи центар за артро скопија може. Слушам еден од колегите од Клиничкиот или некој приватник мисли да дојде таму или и обратно приватник да доаѓа во клиничките центри. Еве доаѓа Турчин за работа на сколиози во ортопедија и доаѓа на трауматологија за спинални операции кои ги плаќа Фондот. Зошто тоа не би можело да биде јавно-приватно здравство, но не да останат клиниките како сега оптоварени со секојдневни баналности и да нема кај да се седне од пациенти”, вели професор Савевски.

Тој укажува дека во изминатиот период многу врвни стручњаци од јавното здравство си заминаа во приватното. Според него во голем дел станува збор за лекари кои во изминатиот период имаа можност да земаат поголема плата со тоа што се овозможи дополнителна дејност во матичните куќи. Но со непродолжувањето на тој договор тие се заминаа во приватните болници.

„Тоа е јавно приватно партнерство, место хируршките сали да се затворени по 15 часот, салите работеа и попладне, но тој договор не се продолжи“, вели Савевски.

Јавното приватно партнерство, според Министерството за здравство, сега услугите и на некои од приватните болници треба да им ги направи достапни на сите граѓани.

Но има многу реакции и нејаснотии за овој модел кој се користи во светот.

Јавното приватно партнерство носи и големи ризици

Лазаревик вели дека многу држави влегуваат во јавно приватно партнерство во здравството како варијанта за финансирање, но укажува дека тука има големи ризици.

Важно е како државата ќе ги случува договорите со приватниот партнер, вели Лазаревик и дополнува дека треба многу да се внимава тоа да не биде на штета на граѓаните кои се осигуреници.

„И тука е главната „цака“ дали ќе успеете да направите соодветен договор со кој ќе го лимитирате континуираното зголемување на цената на одредена услуга и дали може да го контролирате квалитетот на таа услуга. Ако успеете да постигнете квалитет спрема стандарди што сте ги пропишале нема причина да бидете загрижени. Но има многу искуства кои покажуваат дека договорите кои се прават со приватно јавно партнерство многу често се на штета на државниот партнер многу поретко се на штета на приватниот партнер и затоа граѓаните се загрижени зашто ние не сме успеале да покажаме дека како држава пред сè ги штитиме јавните“, вели Лазаревик.

Во моментов се анализира и дали Службата за брза помош ќе биде предмет на ЈПП. За ваквите најави на власта претходно реагираа од Синдикатот на вработени во клиничкиот центар кои ЈПП го оценија како штетно за државата, вработените и пациентите.

Директорот на Здравствен дом Скопје, Злате Мехмедовиќ, вели дека чекаат да ја видат физибилити студијата и што ќе биде понудено во неа. Нас не интересира дали навистина постои можност за јавно приватно партнерство кое ќе биде одржливо, затоа што тоа ќе биде долготраен начин на финансирање и буџетирање преку приватен партнер кој ќе влезе во јавниот сектор и кој ќе треба да даде одредена услуга која ќе биде квалитетна и континуирана во подолг временски период, вели Мехмедовиќ.

„Принципот на финансирање на службата за итна медицинска помош денеска со буџетот со кој располагаме е во рамки на средствата кои се исплаќаат по тим од итна помош. Тоа значи дека тим во кој имате доктор медицинска сестра и возач се исплаќаат преку Фондот за здравство во форма на тим со 170 илјади денари. Само трошоците кои изнесуваат за плати на овие тројца вработени во тимот изнесуваат околу 155 илјади денари. Остануваат 15 илјади денари кои може да ги искористиме за трошоци кои се за гориво, трошоци за сервисирање на возилата, на службата, за одржување на техничкиот квалитет на зградата и на опремата. Каква е можноста за јавно приватно партнерство во Службата за итна помош и Службата за домашно лекување со средства кои не наменети по тим за услугите кои ги даваат на граѓаните не знам. Физибилити студијата треба да направи детална анализа дали постојат можности да се реализира какво било јавно партнерство кое би ги унапредило службите на итната медицинска помош во рамките на овие средства со кои во овој момент располагаме“, вели Мехмедовиќ.

Ставовите за јавното приватно партнерство остануваат поделени. Додека здравствени власти тврдат дека моделот на јавно – приватно партнерство е иднината на здравството и ветуваат дека ќе направат сè да ги зголемат инвестициите во здравствениот систем и квалитетот на здравствените услуги други велат дека тоа недозволиво за социјална држава. Лекарите кои се уверени дека овој модел не е добар посочуваат дека услугите на јавното здравство ги користат 90 проценти од граѓаните во земјата и оти тие не се подготвени да платат партиципација од 10 отсто. Тие стравуваат дека со влегување на приватни партнери во јавното здравство ќе се сменат и условите, и ќе можат да се лекуваат само тие со подобар стандард.

Бесплатна аптека во Атина

Секој месец, кога завршуваат неговите лекови за проблемите што ги има со дишењето, Дионисис Асимакопулос, оди во една од најневеројатните аптеки во Атина.

Гоце Атанасов

Меѓу напуштените стадиони и игралишта кои датираат од Олимписките игри во Атина во 2004 година, социјалната волонтерска аптека Хелиникон повеќе од седум години снабдува со бесплатни лекови стотици сиромашни пациенти, одржувајќи некои од нив во живот.

„Мојата сопруга и јас сме невработени повеќе од две години. Секој месец ни требаат околу 150 евра за лекови“, вели Дионисис Асимакопулос, поранешен пекар.

„Слободното здравство постои само кога сè се плаќа. Кога треба да го платите лекот, кога ви требаат три до четири месеци за да закажете кај доктор. Кога е итен случај што можам да направам?“, вели тој.

Основана во екот на должничката криза, аптеката работи на донирани лекови и медицински материјал.

„Околу 40.000 луѓе, многумина од странство, ни носат лекови“, вели дежурниот фармацевт Димитрис Палакас, додавајќи:

„Веќе рамнотежата помеѓу јавните и приватните здравствени системи е во корист на приватните. Колку повеќе јавниот систем се поткопува толку повеќе се зголемува приватниот“, вели фармацевтот.

Друг пациент кој чека на ред е Ахилеас Пападопулос, пензиониран оперски пејач. Неговата пензија од 700 евра не е доволна за покривање на антибиотиците за кои е дојден.

„Јас добивам многу мала пензија. Тоа е многу малку и парите не се доволни за купување лекови. Се обидувам да ги користам најдобро што можам“, вели Пападопулос.

За време на речиси еднодецениската борба на Грција против националниот банкрот беа наметнати големи кратења и штедења. Притоа јавното образование и здравството беа најмногу погодени од тоа што земјата изгуби една четвртина од нејзиниот национален производ. Во услови на отпуштања, намалување на платите и зголемување на даноците, многумина не можеа да ги исплатат нивните придонеси за социјално осигурување и беа оттргнати од здравствената поддршка, обезбедена од државата.

„Само 11 отсто од Грците во моментов можат да си дозволат приватно осигурување кое дава целосна здравствена покриеност“, вели Григорис Сарафианос, шеф на Здружението на приватните грчки здравствени клиники.

Според Одделот за национална статистика, Грците во 2016 година плаќале над 34 отсто за нивните медицински трошоци од сопствениот џеб. Кризата откри „огромни државни недостатоци“, вели Петрос Ботеас, член на здравствениот тим на Хелиникон.

„Тие го отворија системот за здравство за да се третираат и неосигурените лица, но наместо да го зголемат бројот на лекари и медицински сестри тие го намалија, а и средствата за лекови беа намалени наместо да се зголемат“, вели Ботеас.

Тој додава дека има долга листа на чекање за на доктор, а закажувањето некогаш е и по три месеци. За да се избегне долгото чекање - особено во итни случаи - многумина се принудени да бараат приватна здравствена заштита, без оглед на цената. Во моментов во земјата има над 120 приватни клиники.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG