Достапни линкови

Заострени мерки за имунизација по епидемијата на морбили


По прогласување на епидемијата од морбили и низата мерки, сега нема да се врши и упис на првачиња и на деца во градинка кои нема да имаат потврда за вакционалниот статус. Според властите, целта е да се постигне нивото на имунизација.

Нема да се врши упис во прво одделение на децата кои не се вакцинирани, соопшти Министерството за здравство. Истата мерка важи и за упис на деца во градинка. Комисијата за заразни болести при министерството во минатиот месец на ниво на цела територија на државата прогласи епидемија од мали сипаници. Меѓу мерките беше и забрана за посетување на градинка на невакцинираните деца. Од министерството потсетуваат и дека вакцинирањето со МРП вакцина, како и останатите вакцини предвидени според вакциналниот календар се задолжителни.

Според измените при упис на дете во градинка и во прво одделение задолжително ќе се приложува потврда за неговиот вакцинален статус издадена од надлежна здравствена установа. Без таква потврда детето не може да биде запишано.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денес изјави дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидемија од морбили. Според него, забраната за упис на првачиња кои не се вакцинирани е согласно Законот за основно образование. Истовремено потенцираше дека основното образование е задолжително и оти децата треба и ќе одат на училиште.

Тој информира дека теренската вакцинација на Министерството за здравство се спроведува според планираната динамика и оти во тие активности има координација со Министерството за образование.

„Мора да го подигнеме степенот на имунизација на сите граѓани во Република Северна Македонија со цел да ја спречиме епидемијата на морбили. Ова се мерки коишто се спроведуваат и нема отстапување од нив“, наведе Бошњаковски.

Членот 46, став 2 од Законот за основно образование предвидува дека при запишувањето на детето во прво одделение родителот е должен да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, издадена од надлежна здравствена установа.

Министерот за здравство Венко Филипче минатиот месец најави дека ниту едно дете кое не е вакцинирано нема да биде примено во градинка и во училиште невакцинирано. Тој тогаш посочи дека таквата одлука е донесена според одлуки на Уставниот суд од 2014 и 2015 година.

„Јасни се одлуките на Уставниот суд дека никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту има право со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво“, изјави министерот Филипче.

Од Универзитетската клиника за инфективни болести соопштија дека четири пациенти кои се заболени од морбили се во тешка состојба.

„Освен 16-годишната пациентка која е со церебрална парализа со пневмонија како компликација од морбили и е на механичка вентилација на уште едно дете и двајца возрасни се во тешка состојба“, информираа од здравствената установа.

Во изминатите 24 часа биле хоспитализирани и девет пациенти и сите се хоспитализирани. Меѓу нив има две бебиња, две и пол годишно дете, а останатите новопримени пациенти се возрасни. На Клиниката вкупно има 46 пациенти од кои 28 се возрасни и 18 деца.

Од Меѓаши соопштија дека ниедно дете не смее да биде исклучено од образовниот процес, без оглед на здравствената состојба или вакциналниот статус.

„Свесни сме дека во состојба на епидемија јавното здравје има приоритет и државата мора да преземе соодветни мерки со цел да го заштити населението и истото го поддржуваме, но државата мора да најде соодветни форми и механизми со кои ќе обезбеди грижа, згрижување, образование на сите деца. Препорачуваме и сметаме дека родителите треба и мора да бидат целосно информирани за значењето на имунизацијата но и за сите позитивни и негативни ефекти од истата како и информации за квалитетот и безбедноста на вакцините“, наведуваат од Меѓаши.

Комисијата за заразни болести при прогласување на епидемијата не изрече мерки за основните и средните училишта, бидејќи посетувањето на настава е задолжително и како што наведоа, тоа не може да го забранат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG