Достапни линкови

Мехмедовиќ - Ни требаат уште 200 вработувања во Здравствен дом Скопје


Мехмедовиќ - Скопје порасна, а Итната помош не го следеше
please wait

No media source currently available

0:00 0:11:05 0:00

Мехмедовиќ - Скопје порасна, а Итната помош не го следеше

Во септември во Здравствен дом Скопје ќе се вработат 40 луѓе, пред сè лекари. Но потребни се најмалку 200 вработувања во моментот за да има квалитетна здравствена услуга, вели доктор Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствениот дом Скопје, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Доктор Мехмедовиќ, министерот за здравство Венко Филипче најави дека од септември ќе има огласи за вработување на медицински персонал. За каков профил на кадар се работи во Здравствен дом Скопје и дали тоа ќе биде доволно со оглед дека има проблем со недостаток на повеќе медицински работници.

Пред сè имаме недостаток на лекари коишто во најголем број ни се неопходни и за нив има најголем број ветувања за вработувања кои треба да се реализираат во септември, меѓутоа тука фали и останат медицински персонал, како што се медицински сестри, лаборантски техничари, рентген технолози, фармацевтски техничари, фармацевти, дипломирани био-хемиски инженери, така што кадарот што е неопходен за функционирање на здравството во Здравствен дом Скопје навистина брои голем број на профили. Не е доволно и повторно кога разговаравме со Министерството за здравство им предочивме дека ова треба да бидат вработувања од прва фаза, кои ќе ги задоволат минимум потребите за Здравствен дом Скопје да даде квалитетна здравствена услуга. Така и беше договорено. Вработувањата во прва фаза ќе ги покријат сите дупки создадени изминатите години со одлевање на кадарот од Здравствениот Дом и на тој начин ќе ги покриеме само иницијалните потреби на домот. Понатаму ќе разговараме за потребните вработувања кои ќе го подигнат и квалитет на здравствената грижа во домот.

Што значи тоа прецизно? Колку ќе бидат вработени, а колку останува уште како неопходност?

Во рамките на систематизацијата за нормално функционирање на одредени специјалистички служби во две смени вработувања кои ќе треба да бидат направени во втора и трета фаза ќе треба да ги дуплираат вработувањата кои се во прва фаза. Најмалку 200 вработувања се потребни во моментот за да имаме квалитетна здравствена услуга.

Какви ви се плановите за Итната медицинска помош, со оглед дека таа функционира само со 10-тина возила и намалени тимови?

Како растеше град Скопје, така не растеше Итната медицинска помош и нормално е дека таа Итна медицинска помош со тој систем на функционирање и со толкав број на екипи да не може да ги задоволни потребите на град Скопје. Потребно е да се надгради и технички и со кадар, за да може да функционира барем на некој начин подобро. Како тоа ќе се направи исто сме во разговори со Министерството за здравство. Дел од лекарите кои планираме да ги вработиме во месец септември ќе бидат во најголем број за Итната медицинска помош, затоа што таму состојбата е навистина многу лоша во однос на кадровската екипираност, меѓутоа разговараме и за техничката опременост на итната помош, затоа што возилата кои се користат во таа служба се не толку стари, но се технички дотрајани.

Доктор Мехмедовиќ во интервјуто зборува и за функционирање на патронажната служба и на тимовите за имунизација. Тој се осврнува и на проблемот со одлив на кадри во странство и на прашањето дали медицинскиот кадар е соодветно платен.

Целото интервју со доктор Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје може да го погледнете во видео снимката на почетокот на овој текст.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG