Достапни линкови

Во аптеките и натаму нема лекови од позитивната листа


Илустрација.

Лековите се појавуваaт во почетокот на месецот и потоа бргу ги снемува. Според упатените, ова е последица од неколку проблеми од кои дел се од економска природа, а други се последица на проблеми со нерационално трошење на лекови, но и едните и другите не е познато кога ќе бидат решени.

Граѓаните и натаму се соочени со недостиг на одредени лекови кои се на товар на Фондот за здравство меѓу кои антибиотици, лекови за зголемен крвен пристисок, срцеви заболувања, ревматизам, дијабетес, холестерол. И по една година од зголемувањето на квотите на лековите препишани на рецепт, ситуацијата не е подобрена и граѓаните и натаму често одат од аптека во аптека барајќи го лекот за кој добиле рецепт од матичен лекар.

Лековите се појавуваaт во почетокот на месецот и потоа бргу ги снемува. Пазарот на лекови се уште не е стабилен во Скопјe, а слична е ситуацијата и во други градови.

Од некои аптеки ни посочија дека во изминатите неколку месеци добиваат допис од Фондот кој од нив бара известување за процентот на реализација на квотата и дополнуваат дека во моментот кога го добиваат дописот, а тоа е во средината на месецот, квотата е веќе потрошена. Од аптеките велат дека од Фондот добиваат средства за золемување на квотата, но оти тоа е незначително.

Во меѓувреме, зголемена е и партиципацијата за некои лекови во висина од приближно 100 денари, но пациентите не се известени и тие своето незадоволство им го изразуваат на вработените во аптека.

За граѓаните пак, останува нејасно зошто ги нема неопходните лекови, но и зошто претставниците на аптеките одбегнуваат разговор за проблемот кој реално постои. Во меѓувреме, на граѓаните им се препорачува во секој случај да навратат во текот на денот зашто можеби некоја кутија лек која е непоходна ќе се успее да се најде.

„Аптекарката ми вика ние се извинуваме, првите неколку дена ги има потоа ги нема... Не ги наоѓам секогаш кога ги барам. Обично за болки во зглобови барам лекови и ги нема, па ги земам приватно. Ако чинат 150 денари на рецепт, 500 денари се на приватно“, вели граѓанка на Скопје.

Овој проблем се однесува на сите граѓани, а особено на чувствителниот дел од популацијата која има здравствени проблеми. Во земјава има над 300 илјади пензионери на возраст на која задолжително користат лекови, вклучително за срцеви и за ревматски заболувања и дијабетес. Стојанче Стефановски, претседател на Комисијата за здравство во Сојузот на здруженија на пензионери вели дека повеќепати им укажале на здравствените власти за проблемот од кој особено се засегнати оние што имаат минимална или просечна пензија.

„Минимални подобрувања има. Континуирано и непосредно пред Нова година повторно апелиравме до министерот за здравство и до директорот на Фондот да се направи целосно нова анализа и аптеките да бидат континуирано снабдени. Ветување ни е дадено, но нашите членови се жалат повторно декa во некои подрачја нема доволно за да можат во текот на месецот континуирано да се снабдуваат. И одат од аптека во аптека или ги плаќаат особено кај срцево - садовите заболувања. Различни се оптоварувањата. Некои користат лекови за кои издвојуваат 5 до 6 илјади месечно и тоа е голем издаток и има реперкусија врз квалитетот на живот“, вели Стефановски.

Честиот недостиг на лековите од позитивната листа, според упатените, е последица на неколку проблеми од кои дел се од економска природа, а други се поледица на проблеми со нерационално трошење на лекови, но и едните и другите не е познато кога ќе бидат решени.

Претседателката на фармацевтска комора, професор Бистра Ангеловска вели дека квотите во аптеките се алатка на Фондот со која тој се труди ограничените средства од буџетот за лекови да ги распредели колку-толку рамномерно, за да може на граѓаните да им бидат достапни лековите кои се на товар на фондот.

„Квотата не е елемент кој природно постои, туку е алатка за да се обезбеди рамномерно распоредување на средствата од Фондот наменети за лекови. Бидејќи тие се ограничени и квотите се ограничени. Идеален концепт е да нема квоти, туку секој да си подигне лек кога му треба. Фондот ветува дека на осигурениците ќе им обезбедува дека ќе плаќа во нивно име лекови кои се на листата на лекови на товар на Фондот“, вели Ангелова.

Како една од причините за ситуацијата исто така подолго време се наведува и преголемото трошење на лекови во земјата, иако не е јасно зошто тој процес е толку комплицирано да се стави под контрола. Ангелова вели дека регулаторните тела се тие кои треба да работат на елиминирање на нерационалното трошење на лекови.

Официјален податок е дека 23 милиони рецепти се препишани во 2017 година.

„Се покажува дека е нерационалнa употребата на лекови. Но, тоа не е предизвик за регулаторните органи да се направи пресек со кој нерационалноста ќе биде елиминирана, зашто има штета од економски аспект, но и за луѓето од прекумерна употреба на апчиња“, вели Ангелова.

За да се смени трендот на трошење на лековите во почетокот на месецот, упатените велат дека е потребно да се сменат повеќе нешта, но нагласуваат дека најнапред треба да се ревидира приоритетната листа на лекови кои се на товар на Фондот.

Позитивната листа на лекови не е обновена 10 години.

Министерот Венко Филипче во почетокот на годината најави дека се работи на поедноставување на процедурата и изјави дека наместо 14 комисии за проширување на Позитивната листа на лекови ќе решава една комисија.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG