Достапни линкови

Закони во интерес на граѓаните, но и на изборните математики


И власта и опозицијата предлагаат закони кои одат во корист на разни категории граѓани, се со цел да им се додворат во пресрет на локалните избори. Зголемување на минималната плата, нов закон за стечајци, укинување на радиодифузна такса... Економистите велат дека треба да се биде внимателен со државната каса, особено ако се има предвид нивото на задолженоста.

За домашните експерти, со пакетот закони по скратена постапка, и власта и опозицијата и се додворуваат на одредена категорија граѓани во пресрет на локалните избори. Нема сомневање дека предложените законски измени во насока на зголемување на минималната плата, обештетување на стечајците, укинување на радиодифузната такса, зголемување на платата на административците за пет отсто и други се популистички мерки со кои се придобиваат симпатиите на голем број гласачи, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. Сепак, според него, предвидените трошења нема да влијаат на нарушување на финансиската кондиција на државната каса и нема да да предизвикаат нарушување на макроекономските параметри.

„Не ќе биде проблем за актуелната влада да ги поднесе овие дополнителни трошоци. Без да има некои посериозни последици. Како што ги најавуваат и како што преземаат некои мерки во насока на укинувања на одделни досегашни задолжувања, така мислам дека тие ќе се компензираат со новите предвидени трошења и не мислам дека ќе има последици и дека поради овие причини ќе има потреба за нови задолжувања во земјава или во странство“, изјави Хајредини.

Професор Зоран Ивановски, пак, смета дека сите законски измени поединечно ќе имаат буџетски импликации, особено ако се има предвид нивото на задолженоста и јавниот долг во земјава.

„Имајќи предвид дека амбицијата на власта е да ја зголеми минималната плата за да ја стимулира приватната потрошувачка и да генерира економски раст, можно е да се очекуваат позитивни финансиски резултати. Од друга страна зголемувањето на платите на јавната администрација може да генерираат инфлациони тенденции имајќи предвид дека немаме пораст на продуктивноста во тој сектор“, изјави Ивановски.

Токму затоа Ивановски сугерира дека секој предлагач на одредена законска измена претходно треба да обезбеди доказ и гаранции дека предложените мерки нема да имаат контра ефект на монетарната стабилност. И според него пакетот закони кои Собранието треба да ги донесе по скратена постапка се политички маркетинг и се наменети за краткорочно задоволување на потребите на гласачите во пресрет на изборите.

Од владејачката СДСМ тврдат дека законите ги предложиле откако биле обезбедени средства со ребалансот на буџетот. Пакетот закони за минимална плата, за материјално обезбедување на стечајците и укинувањето на радиодифузната такса, законот за зголемување на платата за административците од 5 отсто, измени во законот за извршители, како и закон со кој на студентите ќе им бидат доделувани ваучери за компјутери се дел од пакетот закони кои треба да се донесат по скратена постапка. Првите три се предлог на власта, а останатите три на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG