Достапни линкови

Изгласан ребаланс на буџетот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа


Собранието на Македонија го изгласа ребалансот на буџетот за 2017. За ребалансот гласаа 63 пратеници, од кои 61 гласаа „за“ , а двајца против. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето соопштија дека нема да присуствуваат на гласањето за ребаланс на буџетот. Пред да ја напуштат салата на говорницата ги оставија црвените транспаренти со пораката „Се крати во Македонија“ со кои протестираат против ребалансот на буџетот.

Ребалансот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2 отсто, буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари, вкупните приходи се ревидирани за 1,5 отсто надолу, односно за 2,87 милијарди денари, а социјалните придонеси согласно остварувањето се очекува до крајот на годината да имаат благ пораст во однос на иницијално буџетираните. Расходите, пак, наменети за стоки и услуги се скратени за околу две милијарди денари во однос на иницијалната проекција со Буџетот, додека договорните услуги се намалени за дури 902 милиона денара.

Капиталните расходи се ревидираат на 23,4 милијарди денари поради ниското ниво на реализација во првите шест месеци од годинава (8,7 милијарди денари). Извршено е намалување на средства кај капиталните проекти кои имаат забавена динамика на реализација на активностите во првата половина од годината.

Со ребалансот, патните трошоци на Владата и институциите се кратат за 122 милиона денари, а другите тековни расходи (репрезентации, економски промоции, рекламирања) за 257 милиони денари. Обезбедени се средства за субвенционирање на минималната плата која според проекциите треба да се зголеми на 12.000, за поддршка на малите и средните претпријатија, на домашни гринфилд инвестиции, на домашниот туризам, а има пари и за материјално обезбедување на стечајните работници.

Утре е закажано продолжение на шестата седница на Собранието.

XS
SM
MD
LG