Достапни линкови

Наметнати теми за локални избори


Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014. Гласачи во Скопје.
Гласање на претседателски и предвремените парламентарни избори 2014. Гласачи во Скопје.

Меѓусебни критики, проекти и наводните мигранти се теми на престојните локални избори. Аналитичарите велат дека за локални избори е потребен поинаков пристап.

На престојните локални избори, ВМРО-ДПМНЕ, ќе го критикува тримесечното владеење на СДСМ, ќе зборува за темата мигранти, а ќе понудат и проекти. Аналитичарите велат дека за локални избори е потребен поинаков пристап.

По некој отчет, пофалба за сработеното и фотографирање пред раскопани улици се активностите кои во пресрет на локалните избори најчесто ги имаат досегашните градоначалници, претежно од ВМРО-ДПМНЕ.

Потенцијалните кандидати од СДСМ, пак, разговараат со граѓаните, ветуваат подобра работа и ги критикуваат актуелните први луѓе на општините кои се од спротивниот политички табор.

Но, во пресрет на изборите без разлика на ваквите активности главна тема во јавноста станува наводното доселување мигранти, тема која ја форсира ВМРО-ДПМНЕ, нивните градоначалници и советници и иницијативата Будење. Претставници на Владата и СДСМ неколкупати демантираа дека со стратегијата за мигранти планираат нивно доселување во Македонија, а ваквите информации ги нарекуваат лажни вести.

Сепак, портпаролот на опозициската партија Иво Котевски на прашањето дали може да се очекува доселувањето на мигрантите да биде една од главните теми на изборите вели - “секако, тоа е една од темите кои ги засегаат сите граѓани“.

„Оваа тема ја отвори и наметна токму СДСМ со нивната стратегија. Не помалку важни се и другите теми кои се отворија за време на првите три месеци од владеењето на СДСМ. Владата на Заев креираше хаос практично во сите области. Нема граѓанин во која било општина кој не е загрижен од неспособноста на новата гарнитура и кој не ги видел и почуствувал антидржавните политики “ вели Котевски, додавајќи дека ќе понудат и различен концепт и проекти.

И додека опозициската партија најавува дека ќе зборуваат за лошото владеење на СДСМ, потпретседателот на владејачката партија Петре Шилегов денеска ги обвини досегашните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ за како што рече корупцијата, расипништвото, деструкцијата и криминалното работење.

„Наспроти таквиот однос кон државата и општините, СДСМ на претстојните избори ќе излезе со чесна понуда на програма и кандидати кои што се професионалци и признаени во своите професии, личности што се препознати од јавноста и кои се подготвени да работат во интерес на граѓаните“ тврди Шилегов.

Во меѓувреме Советот на град Штип, во кој мнозинство советници се од ВМРО-ДПМНЕ одлучи да се изјаснува за распишување референдум за изградба на станови на бегалци, таква одлука донесе и советот на Општина Кавадарци, а „Будење“ која собири потписи против мигрантите поднесе иницијативи за расправи и во други општини.

За темата мигранти и начинот на нивно менаџирање треба да се третира но не во контекст на локалните избори, смета Беса Кадриу асисент по политички науки на Универзитетот на Југоисточна Европа.

„Во однос на глобалната сфера мигрантите претставуваат една многу важна и значајна дискусија, но во контекст дали тие треба да се употребуваат во период во кој сме пред локалните избори, сметам дека тоа не е приоритет и не треба да се прави“ вели Кадриу.

Таа додава дека на локални избори партиите треба да се занимаваат со некои поразлични и конкретни прашања.

Инаку тезите дека владата има намера да доселува мигранти прво почна да ги форсира ВМРО-ДПМНЕ откако централниот комитет на опозициската партија во јули изрази загриженост од најавената нова стратегија за мигрантите од која, како што наведоа, произлегувало дека Владата се подготвува да прифати поголем број мигранти во Македонија. Потоа на комисиската расправа во Собранието опозициските пратеници водеа жестока дебата, а последниве недели паралелно со собирањето потписи против како што велат доселувањето на мигранти, темата се префрли кај општините.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG