Достапни линкови

Обиди за конструктивност во Собранието?


Архивска фотографија - Собраниска седница.

Првата пленарна седница по одморите е тест за конструктивноста на пратениците. Опозицијата ќе даде поддршка за предлозите на власта, доколку тие ги поддржат нивните закони.

Пакетот закони за минимална плата, за материјално обезбедување на стечајците и укинувањето на радиодифузната такса, кои владејачкото мнозинство предлага да се донесат по скратена постапка, денеска доби конкуренција од три други законски измени кои ги предложи опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ги поддржи предложените закони на владејачкото мнозинство, само доколку истото биде конструктивно и ги поддржи законите кои тие денеска ги предложија. Станува збор за Закон за зголемување на минимална плата за административците од пет отсто, измени во Законот за извршители со кои се предлага намалување на превисоките трошоци за извршување, како и Закон со кој на студентите ќе им бидат доделувани ваучери за компјутери.

„Доколку СДСМ биде конструктивен и ги прифати овие закони кои се во интерес на граѓаните, тогаш и ние ќе дадеме поддршка на законите што ги предложија. Ова е фер понуда и тест за конструктивност за СДСМ, изјави пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако парламентарното мнозинство ги поддржа предлозите за усвојување на овие закони по скратена постапка, Димовски потсети дека тоа не значи целосно усвојување на законите и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи процедурални тактики за одолговлекување на гласањето за предложените закони.

„Ставањето на дневен ред не значи усвојување на законот, усвојувањето на законот е моментот кога ќе се знае дали оние пет отсто што сме ги ветиле на граѓаните вработени во државна администрација, навистина ќе бидат остварени. Ние ќе бидеме внимателни и нема да дозволиме доколку со процедурални тактики или со оддолговлекување или ставање на крај на дневен ред овие закони не бидат изгласани од мнозинството", рече Димовски од собраниската говорница.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, денеска уверуваше дека тоа што целото парламентарно мнозинство го поддржал предлогот од скратена постапка на трите закони најдобро зборува за конструктивноста на власта.

„Ќе Ве молам, без прејудицирање, без тешки квалификации кои тука паднаа. Оставете да издискутираме и да дебатираме за вистинската потреба, а нашата конструктуивност започна денеска со поддржување на вашиот предлог да одат по скратена постапка овие закони", изјави Тунтев.

Иако ветија, до овој момент од партијата БЕСА не пратија коментар за тоа дали ќе го поддржат пакетот закони по скратена постапка предложени од владејачкото мнозинство.

Според СДСМ законите кои владејачкото мнозинство ги предложи да се донесат по скратена постапка е направено откако се обезбедени средства со донесениот ребаланс на буџетот. Инаку, со законот за минималната плата ќе се усогласи миналната плата на вработените во текстилната и индустријата за поизводство на кожа, како и покачување на минималната плата на 12.000 денари нето. Со т.н. закон за стечајци ќе се овозможи материјално обезбедување на над 3.500 лица, односно лица што најмалку 15 години биле во работен однос во претпријатија во државна сопственост и кои на денот на стапување во сила на законот ќе бидат на возраст од 52 години за жени и 55 за мажи. Тие ќе стекнат право на паричен надомет во висина од 7.596 денари месечно. Укинувањето на радиодифузната такса, според СДСМ ќе го помогне домашниот буџет кај сите граѓани.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG