Достапни линкови

Дали Македонија се задолжи или се раздолжи?


Министерство за финансии

Плус - минус, според власта, Македонија се раздолжила за околу 35 милиони евра, Но ВМРО ДПМНЕ смета дека тоа не е така.

Во овие три месеци долгот се намалува а не се зголемува како што тврди ВМРО ДПМНЕ, вели советникот во министерството за финансии Бранимир Јовановиќ.

По усвојувањето на анализата на јавниот долг и каматните трошоци деновиве Владата информираше дека во изминатиот период Владата повеќе се раздолжува, отколку што се задолжува. Но ВМРО-ДПМНЕ продолжува да критикува за прекумерно задолжување на државата и да отвара сомнежи за предизборна корупција и поткуп на гласачите. Според опозицијата во изминатите три месеци владата се задолжила 145 милиони евра, а од државните девизни резерви потрошила 177 милиони евра, што е над 320 милиони евра за кои никој не знае каде завршиле.

Од министерството за финансии велат дека во периодот од јуни досега сме се задолжиле 8 пати на домашниот пазар, во износ од околу 145 милиони евра.

Истовремено, се раздолживме 10 пати на домашниот пазар во вредност од околу 105 милиони евра и еднаш на меѓународниот пазар плативме кредит на Дојче Банка во вредност од 75 милиони евра, односно вкупно се раздолживме за околу 180 милиони евра, вели Јовановиќ

„ Тоа значи дека во целиот овој период на нето основа не сме го зголемиле долгот, односно не сме се задолжиле туку напротив сме се раздолжиле во износ од 35 милиони евра.Тоа значи дека за овие три месеци долгот се намалува “ вели Јовановиќ

Тој наведува дека се менува и структурата на долгот односно дека се задолжуваме по многу пониски стапки отколу во минатото. Просечната стапка по која ние се задолжувавме е околу 2.5%, додека каматната стапка на долгот кон Дојче Банк кој го вративме беше 6.5%, вели советникот во Министерството за финасии.

Најважно од сè, сепак, е на што ќе се трошат овие пари. ВМРО ДПМНЕ критикува дека Владата задолжила огромни суми пред локалните избори во октомври, без граѓаните да знаат за што точно овие пари ќе бидат потрошени.

Јовановиќ наведува дека има промени во начинот на трошењето на парите на граѓаните. Со ребалансот на Буџетот Владата пратил јасна порака дека ќе ги скрати непродуктивните расходи како трошоци за Скопје 2014, за репрезентација, за патувања, и рекалми, вели тој и додава дека се зголемени средства за здравството, за минималната плата, за решавање на проблемот на стечајците и за вработување на младите.

Во врска со критиките дека девизните резерви се намалени Јоавновиќ вели дека тоа е нормално со оглед дека државата се раздолжува на странски пазар, а се задолжува на домашен пазар

„Тоа е како да му замерувате на спортист кој одиграл одличен натпревар и дал 3 гола на еден натпревар и вие велите да, но ослабна 3 килограми. Нормално е кога ќе дадеш три гола да се испотиш. Исто така нормално е кога исплаќаш кредит кон странство да се намалуваат девизните резерви. Тука нема ништо чудно. Девизните резерви се на сосема солидно ниво и нема потреба од правење приказна“, вели Јовановиќ

Како и да е со оглед на висината на јавниот долг како и поради тоа што оваа година и во наредните години ќе доспеваат голем дел од задолжувањата што се правеа во минатото, дел од економистите укажуваат дека Македонија и во наредниот период ќе мора да се задолжува. Економскиот аналитичар Слободан Најдовски вели дека задолжувањето ќе биде неопходно за репрограмирање на долговите направени во минатото и ,исто така, и во поглед на финансирање на дел од дефицитот кој ќе го има во буџетот во наредниот период. Најдовски предупредува дека најважно е задолжувањето да не биде за други цели освен за враќање на старите долгови и исклучиво за финансирње на капитални инвестиции во државата, додавајќи дека тој начин ќе допренесе за позабрзан економски развој.

„Ако сега Македонија наеднаш престане да се задолжува ќе има колапс на системот зато што ќе биде оптоварен со долговите кои доспеваат и за натамошно финансирање на буџетот но ислучиво за капитални инвестиции .

Од она што гледам задолжувањето се префрла повеќе на домашен терен за да се финансира дефицитот предвиден за годинава. Треба внимателно однесување на надлежните институции во однос на управувањето со јавниот долг.“ вели Најдовски

Тој додаде дека треба да се направи стратегија за управувањето со јавниот долг на подолг рок и оти задоложувањето треба да биде строго контролирано и строго наменски.


  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG