Достапни линкови

СДСМ со испробан рецепт, ВМРО-ДПМНЕ со нови лица


Илустрација: Гласање во втор круг од претседателските избори 2019
Илустрација: Гласање во втор круг од претседателските избори 2019

Кандидати со различно етничко потекло од кои половина жени, а една третина млади, најави владејачкиот СДСМ за претстојните избори. ВМРО-ДПМНЕ ќе оди со нови лица, од кои најголем дел досега не биле пратеници.

Владејачкиот СДСМ на предвремените парламентарни избори најавени за 12 април ќе оди со кандидати од различно етничко потекло, од кои најмалку 30 отсто ќе бидат млади, а соодносот мажи жени ќе биде 50:50. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, најави дека ќе кандидира нови и неискомпромитирани лица, и оти најголемиот дел од нив досега не биле пратеници.

До изборите има уште два месеци, кампањата официјално треба да започне на 20 март, но неофицијалната веќе е во полн ек. До средината на наредниот месец треба да бидат познати и кандидатите за пратеници. Двете најголеми партии веќе ги почнаа процедурите за избор за кандидати, но засега не се соопштуваат имиња.

Политикологот професор Ненад Марковиќ вели дека со овие најави СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да го оптимизираат бројот на гласови.

„Кај СДСМ е веќе испитан метод од претходните избори да се кандидираат и припадници на другите етнички заедници. Со тоа сакаат да го адресираат она што е нивна таргет група, а тоа е оној, условно кажано, граѓански дел од популацијата која би гласала за нив. Значи, сакаат повторно да добијат гласови од албанската заедница, од помалите заедници итн. и ова е помалку или повеќе во согласност со нивниот концепт кој го форсираат во последните три години, вели Марковиќ.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ со најавата за нови лица сака да постигне две цели – кандидати лојални на лидерот кои ќе бидат поприфатливи за гласачите.

„Тактиката на ВМРО-ДПМНЕ е очекувана и според мене добра, во смисла дека не сакаат да кандидираат имиња кои се веќе истрошени, условно кажано, или корумпирани или биле поврзувани со некакви скандали. Така што, ВМРО-ДПМНЕ практично ќе кандидира луѓе кои се апсолутно лојални на Мицкоски, а од друга страна ќе може да исфрли нови и неискомпромитирани имиња кои би биле поинтересни за гласање“, вели Марковиќ.

Сепак, тој вели дека треба да се почекаат конечните листи за да може да се даде попрецизна оценка.

Аналитичарот Сефер Селими од Демокраси лаб вели дека постои чувство дека Собранието е во сенка на владата и оти е добро тоа да се промени.

„Се надевам дека овој нов пристап на политичките партии ќе придонесе Собранието да ја добие својата улога и ќе биде понезависно од претходните состави и ќе ја одигра улогата на контролор на власта“, вели тој.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на крајот на минатиот месец рече дека почнува постапката за избор на кандидати за пратеници. Предлозите ќе доаѓаат од месните и општинските одбори, а ќе има и можност за самокандидирање, а конечната одлука ќе се донесе на партиски Конгрес.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, уште пред Нова година најави дека се разгледуваат имињата на 500 потенцијални кандидати, е меѓу нив има и такви кои не се дел од партијата, но се општествено познати.

Собраниската публикација Мојот пратеник покажува дека во втората половина од минатата година 14 пратеници не изустиле ни збор во Парламентот, но си ја земале собраниската плата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG