Достапни линкови

Димитров сугерира оставка од Мизрахи за смена на таблата на Министерството за труд и социјала


Техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи во Крушево

Упатената нота од Грција за смена на таблата со новото уставно име и враќање на старото име на министерството за труд и социјална политика причина министерот за надворешни работи Никола Димитров да бара разрешување на министерката за труд и цоцијална политика Рашела Мизрахи, додека таа пак тврди дека не згрешила ништо, затоа што немало нова табла.

Грција испратила вербална нота до македонското министерство за надворешни работи во која забележува за прекршување на Договорот од Преспа. Министерот за надворешни работи Никола на прес конференција во Владата изјави дека во нотата е наведено дека неколку пати до сега договорот бил прекршен од страна на министерката за труд и социјална политика и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија.

До ова доаѓа откако техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи во петокот ја сменила таблата на министерството со името Република Северна Македонија со табла на која пишува Република Македонија.

„Амбасадата го посочува на внимание на Министерството фактот дека Договорот од Преспа, кој што претставува стожер на односите помеѓу Грција и Северна Македонија и кој што го овозможува влезот на Северна Македонија во НАТО Алијансата и нејзината силна кандидатура за отворање на преговорите за пристапување кон Европската Унија со полна и активна поддршка од Грција, мора да биде доследно и постојано почитуван,“ изјави Димитров.


Со договорот кој беше склучен на 17 јуни 2018 во Преспа се реши спорот за името кој започна по осамостојувањето на Македонија и нејзиниот прием во ОН, во 1993 година. Грција се противеше и не го прифаќаше уставното име на Македонија, поради што земјата се зачлени во ОН под привремената референца - поранешна југословенска Република Македонија. Поради грчките блокади, Македонија остана надвор од ЕУ и НАТО.

Димитров денеска апелираше до Мизрахи да ја врати новата табла со новото уставно име или во спротивно му сугерираше на техничкиот премиер Оливер Спасовски да предложи нејзино разрешување до Собранието кое уште три дена ќе работи.

„Државата нема да дозволи ваква инфантилност. Министерството за труд и социјална политика не е нејзин приватен стан, како што Уставот не е обично парче хартија. На министерката може да не и’ се допаѓа Уставот или Договорот од Преспа, но тоа не и’ дава право да не ги применува. Без начелото на уставност и законитост, од државата нема да ни остане ништо. И мене не ми се допаѓа проектот Скопје 2014, но одам во Министерството за надворешни работина работа. И мене не ми се допаѓа ригидноста на Законот за јавни службеници, затоа што на последниот конкурс не се квалификуваа извонредни кандидати поради непотполна документација, но Законот мораше да се почитува. Таблата на Министерството за труд и социјална политика е јавна исправа и никој не може своеволно да ја менува“ изјави министерот Димитров.

На ова реагираше министерката Мизрахи која од Крушево, пред објектот Македониумот истакна дека немала да дозволи создавање на нова реалност и оти таблата ја наследила од нејзината претходничка Мила Царовска.

„Јас не ја игнорирам реалноста, но нема да дозволам создавање на нова реалност. Демократско право, но и морална обврска на секој граѓанин кога ќе види неправда е да реагира по истата.Таблата е наследена и не постои стара и нова табла. Постои само една табла во министерството за труд и социјалната политика. Во меѓувреме треба да и заблагодариме на вицепремиерката за економски прашања затоа што не ја сменила таблата, и со тоа, длабоко во себе препознава дека ова е Република Македонија, и ова е македонски народ“, вели Мизрахи во видео изјава која им ја испрати електронски на медиумите.

Димитров претходно посочи дека смета оти е премногу да се очекува од министерката да го разбере историското значење на Преспанскиот договор но е должна да ја разбере заклетвата дадена во Собрание и дека со нејзината постапка „флагрантно го прекршува Уставот“.

„Што и е работа на министерката Мизрахи? Зошто е избрана? За да внимава да нема злоупотреби во нејзиниот ресор во контекст на организирање фер и демократски избори. Наместо тоа, таа со овој чин не само што го згази Уставот, туку го прекрши и Законот за ратификација на Преспанскиот договор, ги проблематизира односите со соседна Грција, создаде проблеми во реализацијата на двете децениски стратешки цели на татковината - членство во НАТО и во ЕУ,“ изјави Димитров.


Во меѓувреме од владејачката СДСМ во писмено соопштение велат дека со потегот на Мизрахи граѓаните го гледаат враќањето назад на во времето на режим, изолација, кавги со соседите и време на блокади и бесперспективност далеку од ЕУ и НАТО.

„Послушничката на Христијан Мицкоски и кадар на Никола Груевски, министерската во преодната Влада, Рашела Мизрахи го прекрши Уставот и Договорот од Преспа, “ велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска немаше никаква реакција за темава, но вчера на новинарско прашање лидерот Христијан Мицковски не соопшти став туку ги упати медиумите одговор да бараат само од Мизрахи. Притоа, тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не ја игнорира реалноста со Договорот од Преспа, но и дека „никој во овој демократски свет не може да ги спречи да се обидат да ја сменат неправдата што ни е нанесена со тој договор“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG