Достапни линкови

Заев ќе се види со Борисов, Мицкоски бара резолуција за јазикот


Архивска фотографија- Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов по потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу двете земји во Скопје - 1Aug2017
Архивска фотографија- Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов по потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу двете земји во Скопје - 1Aug2017

По оценката на БАН за македонскиот јазик премиерот Заев вели дека недозволиво е во 21 век да зборуваме за идентитетските прашања бидејќи тие се апсолвирани. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски пак побара Собранието да донесе резолуција за заштита и потврдување на посебноста на македонскиот јазик.

Ставот на Бугарската академија на науките со кој се оспорува македонскиот јазик се префрли на македонската политичка сцена. Премиерот Зоран Заев денеска рече дека е недозволиво во 21 век да зборуваме за јазикот, за идентитетските прашања бидејќи, како што нагласи, тие се апсолвирани прашања.

„Ние сме пријателски земји и ваквите дисонантни тонови се недозволиви каде што во 21 век зборуваме за идентитет којшто е впишан целосно во сите анали, во сите документи и во сите меѓународни организации. Јас го добив аплаузот и од бугарските пратеници кога зборував на македонскиот јазик во Европскиот парламент“, рече Заев.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, денеска ја реактуализираше нивната иницијатива од пред неколку месеци македонското Собрание да усвои резолуција како одговор на ваквите позиции.

Тој вели дека нивната иницијатива е во Собранието да се донесе заедничка резолуција со консензус за заштита и потврдување на посебноста и автентичноста на македонскиот јазик.

„Впрочем, таквата Резолуција нема да значи никаква претензија, туку потврда за нашето и испраќање на политичка порака дека како држава сепак имаме кичма и свој јазик различен од сите други, по кои се препознаваме и разликуваме од останатите. За ваквата Резолуција е добро да се изјасни и Зоран Заев и се надевам дека овој пат нема да се двоуми и молчи како што тоа го прави за предлогот за ограничување на амнестијата, испитување на имот на политичарите, кандидат мандатар и измени на Законот за јазици во склад со Венецијанската Комисија и Уставот“, напиша Мицкоски на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Чести бранувања на релација Скопје-Софија

Бугарската академија за науки деновиве усвои став дека македонскиот јазик не постои, туку дека е „писмено-регионална норма“ на бугарскиот јазик. Нивниот став доаѓа како одговор на Повелбата за македонскиот јазик која ја усвои МАНУ минатата недела, во која се наведува дека македонскиот јазик има многувековен континуитет и оти Академијата ќе поддржува и поттикнува научни истражувања поврзани со македонскиот јазик.

Но, ова не е првпат институции од Софија да ја брануваат македонската политичка сцена. Во октомври годинава бугарската влада, а потоа и Собранието усвоија декларација со која поддржаа почеток на преговорите за земјава за зачленување во Европската унија, но поставија и низа услови меѓу кои на пример промена на учебниците по историја и географија и тоа во краток рок, тргање на спомен плочите на кои пишува бугарски фашистички окупатор и други. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ побара македонското собрание да усвои декларација како одговор на бугарскиот документ.

Во јануари средба Заев-Борисов

Денеска премиерот Заев најави средба со бугарскиот колега Бојко Борисов која би требало да се одржи во почетокот на 2020 година на која, како што рече, ќе разговараат отворено и пријателски, а не да се префла, кој прв кажал.

Исто така денеска Борисов од Софија, пак, рече дека се надевал оти Северна Македонија ќе покаже разлика во развојот и дека во исто време очекува останатите држави кои сакаат да станат членки на Европската унија внимателно да си ги мерат поведението и постапките.

Двајцата премиери пред две години го потпишаа Договорот за добрососедство меѓу двете земји, кој, меѓу другото, предвидува формирање мешовита експертска комисија за историски и образовни прашања, која треба да работи на решавање на отворените прашања.

Но и работата на комисијата наиде на препреки најмногу околу позициите за Гоце Делчев. Според најавите тие ќе паузираат со работа до предвремените парламентарни избори договороени за во април 2020 година.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG