Достапни линкови

Невозможен компромис за Изборниот законик


Одолговлекување на процесот на донесување на измени на изборниот закон поради неповолните партиски проценки. Ова според дел од стручната јавност е целта на дел од политичките партии кои поднесоа шест илјади амандмани на двата предлог закони за измени на Изборниот законик

Шесте илјади амандмани кои некои политички партии ги поднесоа на предложените измени на изборниот законик, дел од аналитичарите ги толкуваат како обид да се одолговлечи или блокира нивното донесување.

„Има еден термин од најстарата европска демократија, а се вика „stalling“, тоа значи развлекување на целиот процес и секако се игра на оневозможување на донесување на закон, и не е прв пат тоа кај нас да се случува. Ниту пак е прв пат да се случува помеѓу коалициски партнери, тоа сме го имале и со други закони. Можеби тајмингот на иницирање на донесување на овој закон е причината за блокадата од другата страна. Иако не верувам дека и би можеле да се договорат за тој избран модел, бидејќи партиските проценки се дека нема заеднички интерес за донесување на одреден модел, а секако дека малку ќе се искористи целиот тој процес и за добивање политички поени, на четири месеци пред избори“, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Амандманите се однесуваат на двата предлог закони кои предвидуваат измени на постојното законско решение за изборите. Првиот предлог-закон предвидува измена на изборниот модел од шест во една изборна единица, со 120 избрани пратеници. Вториот предлог-закон, пак, се однесува на локалните избори и воведување отворени листи за избор на советници. Во вториот предлог исто така се предвидува замена на родовата квота од 40% со наизменичен еднаков број мажи и жени на листите за парламентарни и за локални избори.

Аналитичарот Муслиу пак вели дека главното несогласување меѓу партиите се однесува на изборните единици во однос на парламентарните избори.

Изборниот законик е пред се резултат на политичките интереси и партиски проекции и проценки, убеден е Муслиу. Тој сепак потенцира дека сосема друго прашање се отворените листи кои подразбираат намалување на влијанието на политичките елити и послободно изразување на граѓаните. Според него, една изборна единица со отворени листи пак, во моментот е технички неизводливо за спроведување.

„Верувам дека ставовите на партиите околу ова прашање се искрени, бидејќи сме пред избори. Секако дека тука има малку и политиканство за да се промовираат теми во кои сите страни ќе имаат тенденција да се прикажат како подемократски и во интерес на граѓаните“, заклучува Муслиу.

Инаку пратеничката група на ДУИ поднесе речиси 5.000 амандмани на предлог измените на Изборниот законик, затоа што смета дека процесот на еднонасочно, еднострано менување на правилата на игра пред да започнат изборните процеси е опасен преседан со кој би се соочило ова Собрание и политичката сцена.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека секој Изборен законик треба да се донесе со што поширок партиски консензус и што подалеку од изборниот момент. Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека партијата поднела околу 600 амандмани на Законот за една изборна единица и исто толкав број на амандмани на другиот предлог-законот што се однесува на изборните листи.

Владејачкиот СДСМ пак останува на ставот дека една изборна единица е добро решение за изборниот модел. Премиерот Зоран Заев вчера повтори дека е најдобро да се промени изборниот модел во една изборна единица и тоа да се применува веднаш за претстојните парламентарни избори. Според него за секое блокирање на донесувањето на измените, другата страна ќе должи објаснување на јавноста.

„Ние најавивме една изборна единица и ќе се бориме до крај. Амандманската расправа може да ја користат како деловничко право, но тоа е нивно право и ние ќе опстоиме. Јас повикав во парламентот да се преброиме, да видиме колку од претставниците на граѓаните изразени преку мандати се за промена на моделот и секако на крајот на денот ќе изгласа парламентот, секое блокирање тие ќе треба да им го објаснат на граѓаните, зошто го прават тоа“, рече премиерот Заев.

Според актуелниот изборен модел, победниците на изборите односно големите партии ги земаат сите гласови. Во случај помала партија да освоила и 50 илјади гласови тие се губеа во распределбата на шест изборни единици, поради изборниот праг од минимум 5%. Со една изборна единица има поголема шанса гласовите што ги добиле помалите партии да им донесат пратеник во Собранието.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG