Достапни линкови

Пресуда за 27 Април - од 18 години за Чавков до слобода за Дурловски


Архивска фотографија - почеток на судeњето за насилствата во Собранието на 27 април 2017

По речиси две години од крвавиот настан во Собранието на 27 април кога се избираше нов претседател на Парламентот, денеска во Основен суд Скопје беше изречена пресудата за дел од учесниците во насилството, кои не беа опфатени со амнестијата.

Поранешниот директор на Биро за јавна безбедност Митко Чавков доби највисока казна од 18 години затвор за настаните од 27-ми април. По 15 години затворска казна добија полициските началници Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски – Леви, разузнавачот Мунир Пепиќ, Јане Чентo, Влатко Трајковски и Никола Митревски- Кољо.

Вилијам Михајловски доби 14 , а Оливер Поповски 13 години затворска казна. По 12 години добија Младен Додевски, Горанче Анѓеловски и Игор Југ. Обезбедувачот на поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски- Оливер Радулов доби 10 години затвор, а вработениот како обезбедување во Собранието Абдуљфета Алими доби 7 години. На обвинетиот Александар Василевски – Нинџаму е изречена казна затвор од 8 години.

Игор Дурловски, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ доби ослободителна пресуда, односно истиот се ослободува од обвинението.

Осудените се теретат за кривично дело “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

По донесувањето на Законот за амнестијата на Собранието, 15 лица беа помилувани и за нив беше прекината постапката. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија собраниските врати за да влезе толпата во законодавниот дом – Сашо Василевски и Крсто Мукоски. За обвинетиот Сашо Марковски постапката се води раздвоено поради нарушената здравствена состојба.

Пресудата ја соопшти судијката Добрила Кацарска која го води предметот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за настаните од 27 април.

Процес, обвиненија и амнестија

Првично на обвинителна клупа седеа пратеници, полицајци и разузнавачи придружени од дел од демонстранти таканаречени „Тврдокорни“. Обвинителката Вилма Русковска бараше да им се суди за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Според членот 313 од кривичниот законик на обвинетите им се закануваше најмалку 10 години затвор.

„Обвинителството докажа дека на 27 април е извршен организиран насилен напад врз една од најважните институции. Докажа дека тоа не беше спонтан упад и зовриени емоции. Обвинителството докажа дека ова беше организиран и со умисла напад. Доказите потврдија дека преземените дејствија се поврзани и последователни со цел да се загрози уставниот поредок. Докажа дека ова обвинение не е политички реваншизам, туку акт за докажување на делото и запазување на правото“, изјави Русковска.

Но, не сите 33 обвинети ја дочекаа пресудата. Речиси половина од нив беа амнестирани откако пратениците во Собранието го изгласаа законот за амнестија. Меѓу нив беа и пратениците што ги отворија собраниските врати за да влезе толпата во законодавниот дом – Сашо Василевски и Крсто Мукоски.

Русковска во судницата посочи дека Законот за амнестија како политичка одлука изврши големо влијание врз концептот на неказнивост и додаде дека на Судот не треба да влијае тоа што некој се соочува со десет години затвор, а друг за истото е амнестиран.

„Јас сметам дека доколку не беа отворени вратите од Собранието немаше да се случи крвавиот настан на 27 април“, изјави Русковска.

Обвинети во предметот останаа поранешниот директор на Биро за јавна безбедност Митко Чавков, полициските началници Митко Пешов, Оливер Поповски и Душко Лазаров, шефот на обезбедувањето на поранешниот претседател на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски – Леви, потоа обезбедувачот на поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски- Оливер Радулов, разузнавачот Мунир Пепиќ, вработен како обезбедување во Собранието Абдуљфета Алими, еден од водачите на „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, и учесниците во насилството во Собранието Младен Додевски, Јане Чентo, Горанче Анѓеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски - Кољо и Александар Василевски – Нинџа.

По донесувањето на Законот за амнестија многумина од обвинетите кои претходно се бранеа со молчење, во Судот прстот за организацијата на насилство го вперија во структурите на УБК и во тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.

Наредбите за упадот во Собранието на 27 април минатата година доаѓаа од осмиот кат од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, тврдеше пред судот обвинетиот Александар Василевски - Нинџа. Тој во својата одбрана ги посочи како организатори и наредбодавци поранешните министри Митко Чавков, Билјана Бришковска – Бошковски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски, за кој рече дека бил познат во партијата како „Благајник“.

Неколку месеци потоа на прес-конференција обвинителката Вилма Русковска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески соопштија дека е отворена истрага за организаторите за насилството.

„Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ го оркестрирале крвавиот настан од 27 април и за таа цел со другите обвинети ја ставиле во функција целата партиска структура“, изјави Русковска.

Таа посочи дека за цело време додека траел настанот меѓу Груевски, Јанакиески и Ристовски течела координација, која потоа продолжила со градските, месните и општинските комитети на кои им се давале насоки и се повикувало членството масовно на протести и на критичниот ден за масовно влегување во Парламентот.

Василевски - Нинџа во судот посочи дека во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ ја слушнал Бришковска како комуницирала со претседавачот на седницата Трајко Вељаноски и Илија Димовски, и дека на Вељаноски му посочила да ги отворат вратите во Собранието, откако, како што вели, пратениците не го спровеле првото сценарио, односно не направиле тепачка во Парламентот.

Според сведочењето на обвинетиот Нинџа, Миле Јанакиески контактирал со пратеници и со еден од водачите на иницијативата „За заедничка Македонија“ Богдан Илиевски - Бетмен, а Митко Чавков со Митко Пешов и со друг началник во СВР Скопје на кој им дал наредба за пасивна употреба на сила на полицијата.

„Од тука се координираше сè што се случи на 27 април, како идеше масата така се добиваа подиректни наредби“, сведочеше Василевски.

Правото за сведочење во Судот досега го искористија обвинетите браќа Михаил и Стефан Младеновски кои за организаторите прстот го вперија во УБК и обвинетиот Нинџа, а Захарие Симовски откри дека дел од планот било и палење на домовите на Радмила Шеќеринска, Петре Шилегов и автомобилот на Љубомир Фрчковски. Нивниот бранител Сашо Христовски - Липски по рочиштето изјави дека тие во оваа фаза од постапката решиле да ја кажат вистината и поради тоа очекува позитивен исход.

Во меѓувреме беше распишана и меѓународна потерница за почесниот претседател на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски, кој се наоѓа во бегство во Унгарија и за поранешниот разузнавач Никола Бошкоски кој повеќе од една година е во Грција, како осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Во притворот во Шутка покрај обвинетите за 27 април, се и осомничените како организатори на упадот во Собранието поранешниот министер Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG