Достапни линкови

Почнува судењето за „крвавиот четврток“


Лидерот на СДСМ Зоран Заев облеан во крв на 27 април, 2017.

На 28 луѓе им се суди за терористичко загрозување на уставниот поредок, а на двајца за помагање на делото. „Крвавиот четврток“ била координирана акција, според обвинението. Обвинети се пратеници, високи структури во МВР, организатори на протести...

Во Кривичниот суд почнува судењето за обвинетите за „крвавиот четврток“ во Собранието. Пред суд ќе се најдат поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ( Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов), водачите на здружението „ За заедничка Македонија“, и други граѓани. Дваесет и осум од нив се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а двајца за помагање на делото.

Периодот што се следува се закажани уште 37 термини за главната расправа за ова дело.

Предметот за ќотекот во Собранието, го суди Добрила Кацарска.

Обвинителството поднесе обвинение на 27 март годинава. Тогаш од Обвинителството рекоа дека кон тогашниот пратеник, а сегашен премиер Зоран Заев не пукале на 27 април минатата година, иако го имале на нишан, затоа што пред него имало луѓе. Дел од оние што упаднаа во Собранието во две канцеларии во Законодавниот дом поставиле импровизирани експлозивни направи, а напаѓачите користеле сè што ќе им дошло при рака за да извршат насилство, рекоа тогаш од Обвинителството за организиран криминал

„Опсежната истрага утврди и ве уверувам дека во судската постапка ќе се докаже дека обвинетите дејствувале со иста цел, извршувајќи поврзани и усогласени дејствија на битието на кривичното дело“, изјави тогаш државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

Според Обвинителството, обвинетите го загрозиле уставниот поредок и безбедност со акт на насилство и создале страв кај граѓаните.

Обвинети 30 луѓе за „крвавиот четврток“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Тогаш беше речено дека во 14 и 30 часот еден од обвинетите добил телефонска наредба да започне активности за влез во Собранието, но не кажаа кој е нарачателот, односно од каде е повикот. Потоа во дел медиуми излезе информација дека повикот е од Виена, каде тогаш беше Груевски, и дека повикот го сторил некој од неговото обезбедување.

Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски негираше дека тој или негов телохранител дале телефонска наредба. Телохранителот на Груевски е брат на еден од осомничените Александар Василевски – Нинџа. Тој сам се пријавил во судот, откако пет месеци беше во бегство.

Груевски негира дека тоа го направил неговиот телохранител, кој, како што рече, разговарал само со неговата сопруга и неговиот брат, а тоа биле само семејни разговори. Брат на неговиот телохранител е Александар Василевски - Нинџа, кој, според обвинението добил повик да ја започне акцијата за упад во Собранието.

Помирувањето неопходно, но процесот ќе биде тежок и сложен

Амнестијата за овие случаи е тема со месеци, ја споменуваше и Груевски, а потоа ја презеде и сегашниот претседател на партијата Христијан Мицкоски. Иако најавува дека ќе поднесат предлог закон до Собранието за амнестија на обвинетите за 27 април, тоа го стори Здружението Единствена Македонија. Тие предлог законот го поднесоа и до опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачкото мнозинство пак велат дека амнестии нема да има.

Настрана од овој предмет за „крвавиот четврток“, пред суд се уште неколку, а дел од нив и завршија со пресуди. За обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, долгогодишни затворски казни добија седум луѓе. Осуден е и човекот што ја искуба за коса тогашната пратеничка, сега министерка за одбрана Радмил Шекеринска. Дел од учесниците набрзо по настаните беа осудени на условни казни за учество во толпа, но Алепација им преиначи казните во затворски.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG