Достапни линкови

Правдата жртва на политичките процеси


Почеток на судeњето за насилствата во Собранието на 27 април 2017

Политичкото помилување ќе го намали бројот на обвинетите за насилството во Собранието од 27 април. Во исчекување на резултатите од собраниското тело за помирување дел од обвинетите ги вперија прстите во поранешните високи разузнавачки структури.

Пресвртот во судскиот процес за насилството од 27 април, ќе донесе промени и во политички контекст, велат аналитичарите.

Поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски, поранешниот началник на петтата управа Никола Бошковски, советникот на претседателот Ѓорѓи Иванов, Синиша Алексоски беа посочени како организатори и наредбодавци за насилството во Собранието од дел од обвинетите кои излегоа да сведочат. Од една страна, ваквото сведочење ќе го олесни процесот на помилување, кој се пакува во собраниските сали, со тоа што полесно ќе може да се одвојат демонстрантите од насилниците кои делувале по наредба, велат аналитичарите.

Цената на евро-атланската интеграција

Сепак, помирувањето ќе значи одредени отстапки односно заобилокување на правдата, вели професор Митко Гаџовски.

„Цената за евроатланската интеграција ќе биде таа, да се најде компромис пoмеѓу она што се нарекува одговорност на поединци за 27 април и интеграција на државата во ЕУ и НАТО. За жал, мора да констатираме дека сме доведени во ситуација каде и премиерот нема доволно простор за политички маневар, од причина што доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, договорот од Преспа ќе пропадне, а за да се обезбеди потребни се гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, така што тука некаде ќе се бара компромисот за разрешување на целата ситуација“ вели Гаџовски.

Дека правдата ќе биде жртва во ова ситуација нема дилема, прашањето е само колкава жртва ќе биде, велат аналитичарите објаснуваќи дека токму пратениците од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ како еден од условите за понатамошната поддршка на уставните измени ја поставуваат амнестијата. Но засега, тие во јавноста не дефинираа кој се бараат да биде опфатен со помилувањето.

Помилувањето ќе влијае врз судскиот процес.

Може да се очекува да одговараат само организаторите и оние кои биле поагресивни, односно директните извршители на наредбите со кои сториле повеќе кривични дела од кои произлегуваат и реални физички последици, вели поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски. Тој посочува дека она што сега може да се очекува од обвинителството, по сведочењето на дел од обвинетите, е преквалификација на делото. Таа можност јавниот обвинител ја има со рок до завршување на главниот претрес, затоа што со последните сведочења се остварува суштината, се посочува на организаторите на насилството.

Во најмала рака може да се очекува да бидат амнестирани оние учесници во протестите кои не сториле насилство во Собранието, односно кои влегле под влијание на настаните, кои биле злоупотребени и изманипулирани од организаторите на насилството.

„Владо Јовановски, Дурловски и некои други, за влегувањето и повикување без да преземат некое активно дејствие, мислам дека тие треба да бидат опфатени со актот на помирувањето.Инаку кривично правно третирано сите кои што влегле извршиле некое казниво дело, но сега селективноста треба да се движи кон оние што извршиле кривично дело за кое има и реална последица, кршење на инвентар, нанесување на тешки телесни повреди и некои други кривични дела кои се опфатени во обвинението“, вели Трпеноски.

Пратениците во судницата молчат

Правото за сведочење во судот досега го искористија обвинетите браќа Михаил и Стефан Младеновски кои за организтаорите прстот го вперија во УБК и обвинетиот Нинџа, а Захарие Симовски откри дека дел од планот било и палење на домовите на Радмила Шеќеринска, Петре Шилегов и автомобилот на Љубомир Фрчковски. Нивниот бранител Сашо Христовски Липски по рочиштето изјави дека тие во оваа фаза од постапката решиле да ја кажат вистината и поради тоа очекува позитивен исход.

„Затоа што ниту еден од обвинетите не дадоа признание за делото кое им се товари, туку напротив само ја кажаа вистината. Ако ги слушавте, тие сакаа цела македонска јавноста и меѓународната заедница да дознае за тоа што стои позади тие немили случувања на 27 април, “ изјави Липски кој, пред два месеца, обвинуваше дека овој процес е политички монтиран.

Денешното сведочење на обвинетиот Игор Југ беше во сосема друга насока. Тој искажа разочарување од поранешниот лидер на партијата Никола Груевски, но посочи дека не бил повикан од никого да влезе во Собранието.

„Јас во секој претседател на партијата барам нов Тодор Александров, а не како овие со полни банкарски сметки, јахти од 40 метри и купишта лаги за народот. Јас се сум работел за ВМРО-ДПМНЕ. Сум работел се од лепење плакати, до обезбедување конгреси и тоа бесплатно. Тие се откажаа од нас уште првата вечер, како што Свети Петар се откажа од Исус. Се уште сум гневен на тие луѓе, од кои добив само прогон, а го дадов срцето и душата за нив“ изјави во судот Игор Југ .

Во меѓувреме, додека се чекаат конкретни резултати од собраниското тело за помилување и одговори на прашањето кој се ќе биде амнестиран, во судот од давање одбрана се откажаа пратениците Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Крсто Муковски кои се дел од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ што го постави условот за поддршка за уставните измени. Покрај нив, од тоа право се откажаа и нивните колеги Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски. Од правото да ја кажат својата приказна за тоа како се инволвирани во насилството на 27 април се откажаа и Младен Додевски, Јане Ченто и Горанче Ангеловски.

На обвинителната клупа се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за помагање. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG