Достапни линкови

Русковска незадоволна од Законот за амнестија


Тие што по закон мора да бидат амнестирани ќе бидат амнестирани, а постапките ќе си продолжат за оние кои нема да потпаднат под овој закон, рече обвинителката Вилма Русковска која посочи дека е незадоволна од законот за амнестија. Обвинетите Игор Југ и Јане Ченто велат дека нема да бараат амнестија.

„Како обвинител кој вложи многу труд во овој предмет не сум задоволна од законот за амнестија“ изјави обвинителката Вилма Русковска по денешното судско рочиште за предметот за насилството во Собранието на 27 април.Таа посочи дека преквалификација нема да има за тие обвинети што не се опфатени со амнестијата, затоа што таа не важи за целото кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а како ќе стигнуваат барањата за амнестија така и поединечно ќе се одлучува за истите.

„Во законот е предвидено дека одлуката ќе ја донесе судот откако обвинителството ќе се изјасни за тоа. Тоа е добро што е така, затоа што е многу подобро тоа отколку комисија да формираа во Собранието па амнестијата да ја одредуваа тие за кого да важи а за кого да не важи . Сепак обвинителот најдобро го знае предметот а и судот кога ќе се комплетира доказната постапка, “ вели Русковска.

Таа додава дека законот не е до крај прецизен и дека за детали ќе се консултира со државниот јавен обвинител и колегите од обвинителството. При одлучувањето ќе се земат предвид сите докази предложени и од обвинителството и од одбраната, а конечниот збор ќе го има судот, вели Русковска. На новинарското прашање дали дел од обвинетите можат да се товарат за „здружување заради непријателско дејствување“ , дело за кое е осомничен и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски а кое не подлежи на амнестија, рече дека за тоа дополнително ќе одлучуваат заедно со државниот јавен обвинител.

„Ако некој е организатор, тој одговара и за делата кои ги сториле тие што тој ги организирал, значи може евентуално некој дополнително да биде обвинет за „здружување за непријателска дејност“ а сепак да му остане и кривичното дело „ терористичко загрозување на уставен поредок и безбедност“, вели Русковска.

Во однос на организаторите на насилствата од „крвавиот четврток, Русковска изјави дека во обвинителството се води предистражна постапка и дека потоа таа ќе треба да донесе наредба за истрага која ќе може да трае до 6 месеци по што евентуално би следело и обвинение.

Во судот обвинетите Игор Југ и Јане Ченто рекоа дека нема да бараат амнестија и дека бараат судот да им суди, а не политичарите. Ченто во своето обраќање посочи дека сака правда и дека е точно дека влегле во Собранието понесени емоции но дека секој треба да одговара за постапките внатре. Југ се надоврза со став дека не го признава селективниот закон за амнестија и дека нема да дозволи како што вели, да биде монета за поткусурување.

Рочиштето по една пауза беше одложено затоа што одбраната на обвинетиот Митко Чавков бараше дополнително време за разгледување на доказите кои беа декласифицирани и доставени од МВР за предметот. Во однос на барањето на обвинетиот Александар Василевски Нинџа, судијката Кацарска рече дека судот не може да ги прифати снимените 115 разговори кои ги понуди како докази затоа што се незаконски снимени.

Арнаудов: се шегував за 50-те евра за изјава
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:23 0:00

Инаку пред почетокот на рочиштето само обвинетиот Горан Ѓошевски - Леви, изјави дека сè уште не го видел Законот за амнестија, дека има различни толкувања од медиумите и дека ќе треба да се консултира со неговиот бранител за тоа дали ќе побара амнестија.

Додека пратеникот Љубен Арнаудов пред новинарите рече дека изјави дава само за 50 евра. По паузата новинарите кои го следеа рочиштето за „27 април“ во Кривичниот суд во Скопје му понудија пари за изјава на обвинетиот Арнаудов, но тој рече дека само сакал да се пошегува.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG