Достапни линкови

Русковска бара казни за обвинетите за „27 април“, очекува и истрага за организаторите


Архивска фотографија - Обвинителката Вилма Русковска на судење за „27 април“

Обвинителката Вилма Русковска во завршни зборови пред Судот побара на обвинетите за насилствата во Собранието на 27 април 2017 година да им изречат казни со кои ќе се постигне целта за делото за кое се обвинети, односно за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата.

За ова кривично дело, според законот, е предвидена минимална затворска казна од 10 години.

Таа побара судот при носење на пресудата да ги цени како отежнителните, така и олеснителните околности и да им изрече казна со што ќе бидат постигнати целите.

По завршните зборови на Русковска, денешното рочиште беше прекинато за на бранителите да им биде даден примерок од записникот.

Наредната судска расправа за „27 април“ е закажана на 4 февруари, кога завршни зборови треба да даде одбраната на обвинетите.

По судењето обвинителката изјави дека наскоро очекува наредба за истрага и за организаторите на „27 април“.

„Кои ќе бидат тие, ќе видите кога ќе ја изготвиме наредбата, изјави обвинителката Вилма Русковска, прашана дали ќе покрене ново обвинение против Никола Груевски, кого го спомена во завршните зборови денеска пред судот.

За тоа пак до каде е истрагата за бегството на екс премиерот Никола Груевски, Русковска, рече дека не била во државата и не е запознаена до каде е постапено во предметот. .

„Не сум запознаена што друго преземал во овој период додека бев отсутна и дали и што има нешто ново. Само сакам на јавноста да и потенцирам дека меѓународна правна помош од Република Албанија е побарана во исто време кога е побарана и меѓународната правна помош од Република Црна Гора. Колегите од Црна Гора постапија и Вие знаете дека ни ги доставија сите барани докази, а од кои причини не е постапено од страна на одговорните лица во Република Албанија не ми е познато, изјави Русковска.

Обвинителката, на прашање од новинарите, потврди дека го има Груевски на снимките во Црна Гора, како што е беше кажано во возило со двајца унгарски дипломати.

XS
SM
MD
LG