Достапни линкови

Амнестија е нужна иако создава правни проблеми


Актерот Владо Јовановски и оперскиот пејач Игор Дурловски, дел од иницијативата „За заедничка Македонија“ во Собранието на 27 април, 2017 година.
Актерот Владо Јовановски и оперскиот пејач Игор Дурловски, дел од иницијативата „За заедничка Македонија“ во Собранието на 27 април, 2017 година.

По стапување во сила на законот за амнестија, обвинетите за настаните од 27 април во рок од 5 дена ќе можат да побараат амнестија. Според законот и обвинението, извесно е дека амнестија може да добијат обвинетите пратеници и иницијаторите на „За заедничка Македонија“.

Обвинетите пратеници и иницијаторите на „За заедничка Македонија“ за настаните на 27 април, минатата година, според првичното обвинение, ќе може да добијат амнестија доколку побараат, откако новиот закон за амнестија по скратена постапка помина во Собранието, коментираат упатените.

Од Јавното обвинителство велат дека ќе почекаат законот да биде објавен во службен весник и по неговото објавување ќе го разгледаат и соодветно ќе постапат по решенијата предвидени во него.

Барањето за амнестија обвинетите ќе може да го поднесат во рок од пет дена кога законот ќе стапи во сила. Првостепениот суд пред кој се води постапката треба да го донесе решението во рок од пет дена по приемот на барањето доколку се исполнети условите од законот, а по претходно прибавено мислење од надлежниот јавен обвинител.

„Моето согледување на целата состојба околу донесувањето на овој закон е следната. Некако се поставува како нужност сето тоа, од причина што живееме еден посебен политички момент, од кој сите очекуваме влегување во НАТО и во ЕУ. Тоа е еден посебен интерес на државата, која има можност преку Собранието со донесување на закон да бидат амнестирани одредени лица. Тоа се прави и во конкретниот случај и сега нормално тука се поставува и прашањето- Колку е тоа во ред или не?“, вели поранешниот обвинител Александар Наков.

Петмината пратеници Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов се обвинети дека ги отвориле вратите и ги насочувале тие со фантомки и другите граѓани кон пленарната сала и кон прес-центарот во Собранието.

Богдан Илиевски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Владо Јовановски од иницијативата „За заедничка Македонија“ се обвинети дека со потпалувачки говори ги повикале граѓаните да влезат во Собранието.

Според законот, не може да бидат амнестирани организаторите и оние кои учествувале во подготовката, насилниците, оние кои што носеле оружје и експлозивни направи и службените лица кои постапиле спротивно на нивните овластувања. Тоа значи дека амнестија нема да може да добијат поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, екс директорот на БЈБ, Митко Чавков, началниците од МВР, припадниците на собраниското обезбедување, како и останати обвинети.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ кој брани двајца обвинети во случајот вели дека законот е политичко решение кое создава големи правни проблеми, прашања и дилеми. Според него, претходните закони за амнестија се однесувале на цела група на луѓе, а сега ќе треба да се одлучува поединечно кој да биде амнестиран, иако сите обвинети се товарат за истото дело, терористичко загрозување на уставниот поредок.

„Тоа се коси и со пресумцијата на невиност. Како може некој да реши дека некој е организатор, некој е тепач, а некој не ја исполнил својата службена обврска кога немате правосилна судска пресуда. Особено кога сите се обвинети за едно кривично дело“, вели Давидовиќ.

Обвинителката Вилма Рускоска ја исклучи можноста за преквалификација на делото во оваа фаза, но ако има дополнителни докази во случајот можно е отворање на нова постапка за 27 април.

За законот гласаа голем дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците на БЕСА на Африм Гаши, пратеникот од ЛДП, Горан Милевски, како и пратеникот на Алијансата за Албанците Зијадин Села не гласаа за усвојување на законот.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG