Достапни линкови

Обвинетите пратеници за „27 април“ се откажаа од давање исказ пред судот


Архивска фотографија: Пратеникот Љубен Арнаудов пред суд

Обвинетите пратеници Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски се откажаа од давање одбрана пред Судот на денешното рочиште за случувањата во Собранието на Република Македонија на 27 април минатата година. Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.

Откако судијката повторно предупреди дека нема да прифати докази поднесени после 21 август 2018 година, и одбраната на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков се откажа од предложените сведоци.

Претходно исказ пред судот даде единствениот сведок предложен од одбраната на Мукоски, Марија Ангелова, која била пратеничка во Собранието од 2014 до 2016 година и учествувала на протестите пред Собранието на 27 април 2017 година.

За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за помагање. Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.

Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни.

На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

XS
SM
MD
LG