Достапни линкови

Руско сценарио за македонски трилер


Руско-македонски летописи за холивудски трилер
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:20 0:00

Руско-македонски летописи за холивудски трилер

Како Македонија ќе се приближува до НАТО и ЕУ така Москва ќе станува пожестока, коментираат и домашните и странските аналитичари, а некои од нив, како италијанската групација „24 часа“, велат дека последните случувања меѓу Русија, Македонија и Грција се како летописи достојни за холивудски трилер.

Во услови на традиционално руско влијание на Балканот, во својата последна дипломатска акција на Балканот, Москва воопшто не се двоумеше да нападне, и тоа не кого било, туку земја членка на ЕУ која што традиционално е нејзин партнер - Грција. И тоа не поради која било причина, туку за да се спречи или да се избегне Македонија да премине во Западната сфера, коментира интернет порталот „24 часа“, кој е дел од угледната истоимена италијанска медиумска групација специјализирана за политички и економски анализи.

Но, дали е тоа изводливо, дали е тоа дел од нова студена војна, која е играта на Русија, која на Грција, на Западот?, прашува „24 часа“, коментирајќи ги овие случувања како филмско сценарио и нарекувајќи ги „летописи полни со пресврти достојни за холивудски трилер“.

Москва се повлекува или станува посилна со приближувањето на Скопје до Брисел?

Прашањето кое се наметнува е дали ова сценарио на Москва е остварливо и можно? Дел од аналитичарите велат дека како што Македонија се приближува до членство во НАТО и ЕУ, така руското влијание ослабнува. Меѓутоа, поголемиот дел од домашните и странски експерти, политиколози и политичари велат дека планот на Кремљ да го запре ширењето на НАТО кон руските граници не е од вчера и дека руските стратези на чело со претседателот Владимир Путин нема така лесно да се откажат од него и како што Македонија ќе се приближува до вратите на Западот, така Москва се посилно ќе „удира“.

Бибер и Морваи: Русија работи на спречување на евроатлантските интеграции

За д-р Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац, Австрија и експерт за политиките на Балканот, ситуацијата е јасна - Русија сака да ја спречи евроатланстката интерграција на регионот и на Македонија.

„Мислам дека тоа што го прави Русија е обид да се спречат евроатлантските интеграции во било кој случај и дека Балканот е најлесната област за да го направи тоа. Затоа Русија континуирано го прави тоа и не очекувам некои драматични промени, повеќе мислам дека нештата ќе се одвиваат по вообичаениот пат“, вели професор. Бибер.

Ерупцијата на дипломатскиот конфликт, коментира италијанскиот медиум, се случи кога Атина протера руски дипломати поради, како што објави официјална Атина, „активности за попречување на Договорот меѓу Грација и Македонија“. Според порталот, последната акција на Москва не е само спорадичен акт кон Македонија, туку сегмент од поголема борба за влијание во Европа, па дури и грчка игра од која таа ќе извлече корист за себе во глобалната стратешка игра на Балканот.

„Спорот околу името на Македонија беше дел од еден поширок конфликт во однос на сферите на влијание во Европа, особено по долгата и збунувачка европска турнеја на американскиот претседател Доналд Трамп, која даде нов здив на очекувањата на Москва да се претстави како глобална, а не само како регионална сила, нешто што лукавата политика на поранешниот американски лидер Барак Обама го исфрли. Пентагон и Брисел се многу загрижени поради наводните обиди на Кремљ да манипулира со западната политика“, коментира „24 часа“.

На линијата дека Москва сака да биде камен во запчаникот на македонските евроатлантски интеграции е и извршната директорка на „Европскиот фонд за Балканот“, Хедвиг Морваи, која предупредува на засилени акции од Кремљ.

„Мислам дека Русија порано едноставно го попречуваше процесот, а сега тоа е еден посериозен пристап дури и да се запре вистинското и суштинското приближување на регионот до ЕУ и до НАТО“, изјави Морваи за РСЕ.

„10 години пропаганда“

Дека сценариото на Москва не е од вчера, потврдува и најновиот извештај на американската фондација специјализирана за глобални истражувања и анализи „Џејмстаун“, насловена „Москва сака да го попречи македонското зачленување во НАТО“.

„Во последните 10 години од самитот на НАТО во 2008 година, според разузнавачките документи до кои дојдоа истражувачките новинари, земјата се соочува со силна пропаганда и разузнавачка активност спроведена преку Амбасадата на Русија“, стои во извештајот на фондацијата „Џејмстаун“.

Тие официјални документи, на кои се повикува авторот на извештајот на Фондацијата, а кои ги објавија истражувачките новинари, наведуваат дека главната цел на Русија е, како што објави Фондацијата, „да ја изолира Македонија од западно влијание и да ја обезбеди воената неутралност на земјата“.

И првиот македонски министер за надворешни работи, професорот Денко Малески, смета дека Македонија е ставена во големата геоплотичка стратегија на големите сили. Тој за РСЕ коментираше дека иако Москва можеби нема посебни интереси на Балканот, овој дел од Европа е мекиот стомак на Континентот каде што може да се продре и да се направат проблеми на трансатлантската заедница и дека не треба да дојде до тоа Брисел и Москва да преговараат за Македонија.

„Ако Европската унија и Русија ја стават Македонија на преговарачка маса, тогаш таа ќе стане монета за поткусурување“, предупреди професорот Малески.

„Деструктивна улога на Кремљ“

На најновата деструктивна политика од Русија предупреди и американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел.

„Гледаме дека Русија игра сè подеструктивна улога во поголемиот дел од Балканот во ширењето на дезинформации и така ги поткопува демократските институции. Ние бевме јасни во разговорите со Русите дека тоа не е ниту во нивен интерес, ниту во интерес на народите од овој регион“, изјави Мичел.

Поради сето ова, велат аналитичарите, нема да биде изненадување ниедна следна акција од Москва, бидејќи нервозата на Кремљ расте со македонското приближување до Брисел.

XS
SM
MD
LG