Достапни линкови

Стари концесии, нови рокови за мали хидроцентрали во Маврово и на Шара


Илустративна фотографија. Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“ Владата на крајот на 2020 година продолжи концесии за изградба на мали хидроелектрани, вклучително и во Маврово.
Илустративна фотографија. Малата хидроелектрана „Теарце97„ во НП Маврово. Извор: „Еко-свест.“ Владата на крајот на 2020 година продолжи концесии за изградба на мали хидроелектрани, вклучително и во Маврово.

Владата продолжи рокови за изградба на неколку мали хидроцентрали, меѓу нив на Шар Планина и во НП Маврово. Концесионерите побарале нови рокови, Владата ги одобрила, додека локалното население и натаму стравува за реките и водата за пиење.

На 32-та седница одржана во декември минатата година, Владата на четири концесионери им ги продолжува роковите за изградба и почеток за работа на вкупно осум мали хидроелектани. Меѓу нив, две на реката Жировничка во Националниот парк Маврово и четири на реката Пена на Шар Планина.

Ваквите одлуки се донесени и покрај тоа што локалните жители и активистите долго време се противат на изградбата на вакви проекти, особено во заштитените подрачја, сметајќи дека тие се закана за животната средина и за водата за пиење.

Таков е случајот и во селото Жировница кое се наоѓа во НП Маврово, каде жителите во 2019 година организираа акција за зачувување на реката Жировничка. Тие сметаат дека изворите на нивната вода за пиење ќе бидат загрозени доколку концесионерот „Хидроген Енерџи ДОО“ ги изгради двете мали хидроелектрани „МХЕЦ Жировница 5“ и „ МХЕЦ Жировница 6“.

Тие велат дека се запознаени со продолжувањето на Договорот за концесија и дека поради тоа веднаш реагирале и побарале средба со премиерот Зоран Заев.

Средбата била одржана, според Анес Ахмети – член на месната заедница Жировница. Тој за РСЕ вели дека на средбата присуствувале и претставници од Националниот парк Маврово и на општината Маврово-Ростуше.

Според Ахмети, на средбата со премиерот им било кажано дека Владата ги продолжила роковите за градење на хидроцентралите по барање на концесионерот кој образложил дека не започнал со градба на проектите, бидејќи во таквата намера бил спречен од месното население во Жировница.

„Ова ви го кажувам од записникот којшто го имаше од владината седница, кој претпоставувам дека го разгледувала некоја комисија и наводно спреченоста била од месното население и неможност да се отпочне со градба, што апсолутно сметам дека не е така“, вели Ахмети.

Нема вода за луѓето, а не пак за хидроцентрали
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:35 0:00

Владата за РСЕ потврди дека на 32-та седница биле продолжени рокови за мали хидроцентрали, вклучително за оние во Жировница. Во однос на Шар Планина, Владата го продолжила рокот за изградба и почеток со работа на концесионерот „Гравис Хидро“ ДОО Гостивар за хидроцентралите „МХЕЦ Пена со број 82“, „МХЕЦ Пена со број 84“, „МХЕЦ Пена со број 85“ и „МХЕЦ Шеличе со број 91“. На истата седница продолжени се роковите и на концесионерот „Хидроенергија“ ДОOЕЛ Скопје за „МХЕЦ Стовија со број 250 и на концесионерот „Макбел хидро“ ДОО Охрид за „МХЕЦ Караниколис со број 80“, велат од Владата.

За хидроцентралите во Жировница, од Владата наведуваат дека одлуката била донесена откако концесионерот доставил документација со која докажал дека застојот во постапките не е настанат по негова вина.

„Врз основа на доставено барање и документација, Комисијата за надзор формирана во рамки на Министерството за животна средина и просторно планирање утврдила дека Концесионерот не бил во можност за започне со градежни активности на МХЕЦ Жировница 5 и 6, при што како една од причините е наведено попречувањето од населението, што довело и до поништување на одобренијата за градба за двете мали хидроелектрични централи“, велат од Владата во одговор за РСЕ.

Ново продолжување на роковите

Реката Жировница во Маврово.
Реката Жировница во Маврово.

Ова не е прв пат Владата да го продолжи рокот за изградба на двете мали хидроцентрали во Жировница. Првичниот договор за користење на водите на Жировничка Река за производство на струја од мали хидроцентрали, „Хидроген Енерџи“ ДОО го има потпишано во 2015 година, за време на претходната владина гарнитура предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, откако градбата на хидроцентралите не започна во рок од три години, во 2017 година Владата предводена од СДСМ носи одлука со анекс договор да го продолжи рокот за изградба до јануари 2020 година.

„Хидроген Енерџи“ ДОО е конзорциум кој тогаш беше формиран од две фирми: „Хидроенерџи груп“ и компанијата „Фероинвст“ во која еден од сопствениците беше Кочо Анѓушев, кој за време на првото продолжување на роковите беше вицепремиер за економски прашања.

Анѓушев присуствуваше на седницата на која беа продолжени договорите, што еколошките здруженија оценија дека е конфликт на интереси.

Иако на „Хидроген Енерџи“ ДОО повторно му е продолжен Договорот за концесија, Ахмети смета дека тоа не значи и дека малите хидроцентрали ќе бидат изградени, бидејќи, како што посочува, населението на тоа се противи.

„Кажуваме јасно и децидно дека нема да градат. Не станува збор дали се противиме или не, туку нема да градат. Ова нека го слушнат јасно и гласно, нека биде разбрано дека нема да градат заради тоа што сметаме дека ќе бидеме десеткувани со тоа што нема да имаме вода за пиење“, вели Ахмети. Тој наведува дека доколку почне изградбата ќе преземат „порадикални“ чекори.

Кој ќе има бенефит од изградба на проектите?

Изградени мали хидро електрани (црно), во процес на изградба (жолто), планирани (црвено). Извор „Фронт 21/42.“
Изградени мали хидро електрани (црно), во процес на изградба (жолто), планирани (црвено). Извор „Фронт 21/42.“

По ваквите реакции побаравме став и од концесионерот „Хидроген Енерџи ДОО“. Оттаму ни одговорија дека нивниот став е идентичен со ставот на Владата, односно дека концесијата е доделена и дека роковите мора да се запазат.

Од компанијата велат дека во моментов не можат да градат, бидејќи им се истечени градежните дозволи кои не можеле да ги извадат поради тоа што не им биле продолжени концесиските договори.

Исто така, од „Хидроген Енерџи ДОО“ наведуваат дека се свесни за проблемите со локалното население во Жировница и дека поради тоа градбата на хидроцентралите не е започната, но велат дека станува збор за големи инвестиции од кои сметаат дека локалното население ќе има „најголем бенефит“, од типот на патна и електрична инфраструктура.

Во однос на стравувањата на жителите дека ќе останат без водата за пиење, од „Хидроген енерџи“ ДОО велат дека поседуваат студија подготвена од експерти по хидрологија на Градежен факултет кои потврдиле дека каптажите на населението и водоводот се независни од тоа како ќе се напојуваат хидроелектраните.

Но, активистите за заштита на животната средина повеќе пати во изминативе години укажуваат дека проблемот со малите хидроцентрали, особено оние во Жировница, е во пропустите присутни во елаборатите и во градежните дозволи.

„Значи сѐ што е како дозвола издадено, во секој сегмент има некаков проблем“, вели Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42“.


Реакции за оштетување на водоводот во Тетово

Деновиве граѓански организации од Тетово реагираа до власта за проекти за мали хидроцентрали на Шар Планина „сериозно ја оштетиле“ водоводната мрежа во градот кој според нив неколку денови останал без вода.

Од граѓанската организација „Еко Герила“ од Тетово во писмо до премиерот Заев наведоа дека законот за прогласување на Шар Планина за национален парк е направен на начин што овозможува изградба на хидроцентрали во заштитени подрачја.

„Со ова Владата грубо ги крши Бернската и Архуската конвенција“, велат од „Еко Герила.“

Од организацијата во писмото велат дека еколошките организации и експертите претходно предупредиле дека од изградбата на хидроцентралата на Лешница постои можност за загадување на водите и водоснабдувањето на грдот Тетово и оти денес се соочуваат со тие последици.

„Дали сте запознаени дека селата Теарце, Доброште се лишени од правото на вода за пиење од почетокот на изградбата на малите хидроцентрали. Тие се принудени да купуваат флаширана вода за пиење. Што имате преземено за овој скандал“, прашуваат од „Еко Герила“ во писмото до Заев во кое исто така потсетуваат дека парламентот на Босна и Херцеговина во септември минатата година одлучила да донесе закон за забрана на мали хидроцентрали.

Долината Лешница на Шар Планина.
Долината Лешница на Шар Планина.

Заложбите на Владата

Владата одлучи да ги продолжи роковите за изградба на хидроцентрали, вклучително и во Жировница, и покрај нејзините заложби во Програмата дека ќе воведе забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја и национални паркови.

За одлуката на Владата за хидроцентралите во Жировница, за РСЕ објаснуваат дека е донесена за Договори за концесија потпишани во 2015 година и дека не станува збор за нови проекти спроведени од страна на оваа Влада.

„Владата со потпишувањето на договорот за концесија, превземала обврски кон инвеститорите, и доколку настане неосновано раскинување на договорите, може да се покренат судски спорови, при што можат да бидат побарани сериозни средства за оштета на инвеститорите“, велат од Владата.

Граѓанските организации за заштита на животната средина подолго време реагираат дека изградбата на малите хидроцентрали е закана за животната средина и дивиот свет.

Тоа се случи и деновиве, откако премиерот Заев на прес-конференција изјави дека малите хидроцентрали се едни од најголемите еколошки извори на енергија, според тоа што тој го прочитал и проучувал со неговите советници.

„Заради тоа што се обезбедува биодиверзитетот, преку паралелно обезбедување на рибниот фонд и протокот на реките, дополнително се враќа секогаш во првобитна состојба“, рече Заев.

Мали хидроцентрали, големи проблеми
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:35 0:00

Од граѓанската организација „Еко-свест“ во писмено обраќање до Заев реагираа дека ниту тој, ниту неговите советници „очигледно“ не го прочитале заедничкиот допис на нивната организација и Македонското еколошко друштво (МЕД) испратен до Владата во декември минатата година.

Во дописот двете еколошки организации наведоа дека познати се штетите од малите хидроцентрали во земјава, но и во соседните држави.

„Поради зафатите на речните корита, честопати реките и крајречната вегетација и живеалишта, како и сиот див свет во нив, претрпуваат огромни штети и се под постојан ризик од изумирање“, вели Ана Чоловиќ Лешоска – еколог од „Еко-свест“ во реакцијата на изјавата на Заев.

Таа упати покана до премиерот заеднички да посетат неколку локации каде се изградени мали хидроцентрали „за самиот да се увери во нивното негативно влијание врз природата.“

Чоловиќ Лешоска исто така наведува дека очекува Заев сериозно да ја преиспита неговата поддршка за ваквите проекти врз база на факти и научни податоци.

На изјавата на Заев реагираа и од граѓанската организација „Фронт 21/42“, од каде во писмено обраќање до премиерот наведоа дека „малите хидроцентрали не само што не се еколошки, туку, како што истакнуваат, „за дел од оние кои ги продолжувате, имате законска и уставна обврска да ги суспендирате.“

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG